1022 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 09:59
„Умарел“ (Umarell) е нов италијански збор, првпат вклучен во изданието на речникот на Зингарели за 2021 година. Преведено од болоњскиот дијалект значи „мал човек“. Официјалното објаснување на поимот во речникот е: „Пензионер кој шета, најчесто со рацете зад грб, покрај места каде што се работи, а самиот проверува, поставува прашања, дава предлози или ги критикува активностите што се случуваат таму“.
Во градовите околу Болоња, некои градежни компании поставуваат мали прозорци на оградите на градилиштата за да можат пензионерите да ѕирнат што се случува. Кон крајот на минатата година во Пескара тоа го направи компанијата за развој на недвижнини „Сара“, која постави прозорци на огради на три градилишта.
На некои места наместо работна сила биле ангажирани овие пензионери за надгледување на работите. Во градот Ричионе им биле платено да ги надгледуваат градилиштата и да бројат камиони што превезуваат материјали, за да спречат проневери и кражби. Беше лансирана и наградата „Umarella of the Year“, а Културниот центар во Болоња ја дизајнираше апликацијата „Umarells“, која ги прикажува сите градилишта и тековни работи на патиштата и железниците. Пред четири години, Градскиот совет на Болоња го одобри именувањето на еден плоштад во „Piazzetta degli Umarells“, истакнувајќи дека тоа е плоштад каде постојано има некои градежни работи.
Синџирот за брза храна „Бургер кинг“ ангажираше неколку умареловци како дел од својата италијанска маркетинг кампања на социјалните мрежи. На овој феномен е посветена и посебна страница на Фејсбук, на која штотуку е објавен календар со фотографии за 2022 година.