Отворено писмо до Мицкоски за градежно узурпирање на Сопиште

16.11.2021 13:09
Отворено писмо до Мицкоски за градежно узурпирање на Сопиште

Жители на Општина Сопиште се отворено писмо се обратија до Христијан Мицкоски. Го пренесуваме во целост.

Почитуван г. Мицкоски,

Ви се обраќам по значителниот успех на локалните избори на претставниците на партијата која Вие ја водите. Внимателно ја ислушав прес-конференцијата на која зборувавте во присуство на сите градоначалници кои ќе бидат на чело на локалните власти во идните четири години. Од нив баравте да почнат со остварување на три капитални проекти, посебно во инфраструктурата, да се откажат од привилегиите, од злоупотребата на службените возила и од прекумерно трошење на буџетот на разни гозби, и конечно да излезат на терен и да ги решаваат проблемите на граѓаните. Не можам да се согласам повеќе од Вас. Посебно ми остави впечаток Вашиот нагласок дека народот треба да биде коректор на нивната работа. По ова прашање би сакал да Ви предочам дека тековно во Сопиште сме соочени со огромен проблем и се надеваме дека ќе бидеме коректор за тој проблем да се надмине.

Имено на некои 3.000 метри квадратни, без соодветно решение за сообраќаен пристап, без соодветен капацитет на канализацијата, водоводната и мрежата за снабдување со електрична енергија, и на директна штета на околните семејства кои домуваат во индивидуални куќи, Општина Сопиште, на чело со градоначалникот од Вашата партија, издала одобрение за градење несразмерно голем деловно-станбен објект. Поточно се работи за трговски центар и три ламели со станови што со својата диспропорционалност несомнено ќе го влоши квалитетот на животот на соседните семејства. Деталите за аргументите за неиздржаноста на ова одобрение се во отвореното писмо кое веќе е пратено до медиумите. Ви го праќам прикачено и Вам за да се запознаете со деталите.


На прес-конференцијата нагласивте дека следниот чекор Ви е формирање влада на чело со партијата која ја предводите. Случајот Сопиште е пример од кој ние засегнатите, но и целата јавност ќе може да се уверат дали се работи само за празни ветувања или пак, Вие и вашите сопартијци сте решиле суштински да се зафатите со искоренувањето на рак- раната на македонското општество – злоупотребата на службената власт и „легалното“ донесување и спроведување одлуки кои се во директен конфликт со Вашите заложби кои ги ветувате, и искрено се надевам, во кои верувате.

Ако навистина сте на страната на правдата и на вистината, ако навистина Ви е важна благосостојбата на граѓаните на Македонија, ако навистина сте против „бетонизацијата“ на општините, за што конкретно го обвинивте доскорешниот градоначалник на Карпош, тогаш од Вас очекувам заложба и за овој случај. Случајот Сопиште може да биде лакмусов тест за способноста на една власт, независно дали е локална или централна, да излезе во пресрет на реалните потреби на граѓаните.

Верувам дека забележавте дека не го употребив името или акронимот на Вашата политичка партија. Тоа не е случајно. Ниту една политичка партија воопшто не ме интересира како таква. Како одговорен граѓанин секогаш сум го искористил моето демократско право да гласам на дадени избори. Но без исклучок сум гласал според уверението во определени политики, а не за самата партија или за лицето номинирано од некоја партија. Значи, гласам за политики, а не за политичка партија. Се разбира при гласањето водам сметка за остварувањето на ветените политики на претходните избори. Од текот на овој случај, кој е само на хартија легален, од заложбите на градоначалникот од Вашата партија, како и од Вашите заложби јас ќе ја оформам одлуката како и за кого ќе гласам на следните парламентарни и локални избори. Во оваа конкретна ситуација јавноста ќе има можност да ги види вашите декларативни заложби на дело. На прес- конференцијата рековте дека „народот лошо живее“. Според Вас тоа е така заради неспособноста и корупцијата на тековната влада. Јас пак, Ве известувам, дека некои од нас ќе живеат уште полошо ако лошите политики на градоначалникот на Општина Сопиште, член на Вашата партија, не ги земе предвид несомнените аргументи дека одобрениот објект воопшто не соодветствува за големината на плацот на кој ќе се гради, нема соодветно сообраќајно и канализациско решение, а што директно ќе го влоши квалитетот на животот на соседните семејства. На самата местоположба и на квадратурата може да дојдат предвид само неколку објекти за индивидуално домување.

Во спротивно, една од темелните вредности на нашиот уставен поредок – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата – ќе се сведе на мртво слово на хартија.

За какви било дополнителни прашања или коментари, Ви стојам на располагање .

Со почит,

д-р Коста Милков (DPhil, Oxon)
Улица 10/10, Сопиште.

 

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото