Осмели се да живееш во хармонија

17.11.2021 02:48
Осуди се да живееш во хармонија

Времето кое заедно го проживеавме последниве неколку месеци беше уникатно. Несомнено, за многумина беше предизвикувачки, но мојата намера со овој текст е да ги истакнам посебните можности кои ги открив дури и во таквите моменти.

Заради посебните мерки кои се воведоа ширум светот, многумина долго време беа физички изолирани едни од други. Иако оваа нужност принуди многумина од нас физички да се повлечат од мноштвото, тоа беше и ретка можност истото да го направиме и со своите мисли, да ги откриеме сопствените автентични идеи. Во самотија можеби постои можност за средба со себеси и можност да се прашаме: дали сум задоволен од начинот на кој живеев досега? Што од различните аспекти на мојот живот е важно за мене? Каква смисла сакам да му дадам на својот живот?

Кога сме опкружени со вести од медиумите и условувани од мислењето на мнозинството, лесно е да се заборави да се слуша сопствениот внатрешен глас. Лесно е да се падне под влијание, да се сведеме на менталитетот на стадото и да не препознаеме дека понекогаш размислуваме автоматски и се однесуваме како сите други, иако тоа не нè прави среќни. Покрај разните улоги и одговорности кои ги имаме, може да ни се чини дека никогаш немаме доволно време за размислување за вистинитоста на сопствените убедувања. Но, со воведувањето посебни мерки ширум светот, господинот Време ненадејно се појави на нашиот праг и веќе не можевме да го обвинуваме недостатокот на време. Имавме доволно време и самотија да почнеме себеси да си ги поставуваме овие важни прашања. Користејќи ги паметно, можеа да ни бидат посебна прилика да дојдеме до коренот на сопствените автентични идеи и мисли, без страв дека ќе бидеме поинакви, дека некој ќе негодува или дека ќе се чувствуваме несигурно заради можноста да нè отфрлат врсниците или колегите. Тоа можеше да биде време да преиспитаме дали нашите претходни постапки ги одржуваат нашите внатрешни идеи и момент за пренасочување на својата иднина.

Некои можеби открија дека сакаат да живеат на истиот начин, додека други можеби открија дека постои потреба за внатрешни и надворешни промени. Во секој случај, паузата и самотијата ни пружија прилика за повторна проценка и усогласување на животот со свежа перспектива. Со зборовите на Ганди: „Вистинска среќа е кога она што го мислиме, чувствуваме и правиме е во хармонија“.

Лично сфатив дека во минатото на многу мои одлуки влијаеше желбата за лична удобност, на сите нивоа, по цена да престанам да го следам она што во срцето знаев дека е исправно. Тоа резултираше со незадоволство и просечност. Дојдов до заклучок дека животот е прекраток за да губам време и дека сега е вистински момент да се тргнам од својата удобност, да ја обновам потрагата по она што не го знам и да ја променам насоката кон одредени области.

Можеби за првпат искусив дека во мене не постои ништо од што треба да се плашам. Единствените околности ми го олеснија постигнувањето ментална јаснотија за да ја одредам вистинската насока на мојот живот, оној кој би бил смислен.

Од друга страна, исто како мене, и многумина среќници беа затворени со потесното семејство и без многу надворешни влијанија. Природно е што можеа да минуваат низ разни емоции: фрустрација, иритација, промени на расположението итн. Но заедно имавме прекрасна можност да откриеме дека со развојот на внатрешните доблести можеме да ги усогласиме разликите надминувајќи ги сопствените слабости и поддржувајќи се за да искусиме единство. Како што можеби сфатија и многумина, хармонијата не е во тоа сите да ме слушаат мене како семеен диктатор. Напротив, станува збор за тоа да се научат да ги прифаќаат разликите и дека, ширејќи разбирање, пронаоѓаат креативни начини за да бидат среќни заедно. Хармонија не се добива кога сите пеат иста нота, таа се создава кога различни ноти ќе се обединат за да се надополнат меѓусебно.

Сакам да напоменам дека тоа практично значеше секој поединец, за да внесе склад во семејството, мораше малку да ги прошири видиците и така да внесе повеќе разбирање и трпеливост; требаше да мисли на она што е исправно за сите, а не само за него; да се остави настрана личната удобност и да се помогне кога е потребно, повеќе да слуша и да зборува кога е потребно. Накратко, беше потребно да се сочувствува и понекогаш да се жртвува сопственото его за да си помагаме едни со други.

Ваквите моменти исто така ни овозможија реално да го согледаме сопственото страдање во однос на туѓото. Најпосле, сите се соочувавме со слични околности; нашите соседи, луѓето кои работат за нас, луѓето за кои работиме итн. Покрај немоќта, стравот и потешкотиите кои сите колективно ги доживувавме, постоеше можност за сочувствување и чувствителност во однос на фактот дека постојат и други кои се мачат, можеби и повеќе од нас. На сите им се потребни љубов, поттик и поддршка. Понекогаш беше доволен најмал гест некому да му го допреме срцето и позитивно да влијаеме на неговиот живот. Малите постапки на добрина, насмевка, порака или уво кое слуша, беа доволни во многу случаи, не беа потребни џиновски напори за да се почувствува разлика.

Така овие моменти можеби ни открија сноп светлина и можност за нашиот алтруизам, нашето сочувствување. Можеби ова е нашата природна состојба. А можеби токму во таква состојба сме најзадоволни и најсреќни. Иако постојат многу нешта надвор од наша контрола, посебните мерки ми помогнаа да ја откријам сопствената слобода во изборот помеѓу хармонија наместо неслога, во давањето предност на чинот на давање наместо земање, да вежбам алтруизам наместо егоизам; да барам единство пред раздвојувањето и да откријам дека во тоа се крие вистинската среќа.

Да се осмелиме сите да живееме во хармонија, дозволувајќи нашиот автентичен внатрешен глас да ја насочува секоја наша идна постапка. Со своето јасно и сигурно насочување да си го олесниме чекорењето кон несигурната иднина, со верба во себеси. Нашите доблести ќе послужат како алат за маневрирање во ведри и бурни времиња. Да бидеме сложни и да преземеме одговорност, поединечно и колективно, за обнова на општеството кое се темели на добрина и вистина.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Cinta Vidal

Извор: https://nova-akropola.com/