Пет-седум-пет

17.11.2021 11:58
Пет-седум-пет

За забава на моите пријатели, напишав една „хаику-песна“ под наслов: „Пет – седум – пет“:

Пет гладни волци.
Седум дебели овци.
Пет сити волци.

Се разбира, и покрај почитувањето на формулата што го пропишува бројот на слоговите, ова не е хаику-песна.

Шемата пет-седум-пет, според која се распоредуваат слоговите во трите стиха на хаику-песната, не е најбитна за овој вид поезија. Суштината на хаику лежи многу подлабоко: во вака конструираната слоговна мрежа би требало да биде фатен еден миг од календарот на природата, да се долови одвај забележливата нијанса од премините на годишните времиња едно во друго. А преку тој миг – да се досегне до сознанието за вечноста што лежи зад постојано повторуваните и постојано одново откривачките промени. Притоа, сетилната возбуда пред некој феномен на природата е првата скала без која го нема нагорниот пат кон блесокот низ кој се открива трансцендентното.

Оние поети кои брзаат направо кон трансцендентното се наивни: ми прилегаат на луѓе кои, низ темна темница, стапнуваат, со цврста убеденост и сигурност, врз скалилото од скалите – кои не постојат.

Нивниот крик не се слуша бидејќи пропаѓаат низ глувиот вител на Ништото.
(април 2019)

Слики: Shi Yi (1939)

Извор за текстот: Viola arsenica, Белешки за поезијата; Готен, 2021.


 

ОкоБоли главаВицФото