Музичка промоција на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш

18.11.2021 12:49
Музичка промоција на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш

Денеска (18 ноември), со почеток од 19 часот во книжарницата „Literatura.mk Superstore“ ќе биде промовирана сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш, со илустрации на Наталија Лукомска. Промоцијата ќе биде придружена со музичко читање на авторот, кој со својата гитара ќе изведе дел од песните застапени во сликовницата.

Промоторка на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.

„Ши, ѕифри, копчи“ е збирка поезија за деца со интересна структура. Замислена е како „пеење“ на мечокот Гриз Ли, кој онеобичувајќи го светот околу себе нѐ води низ еден ден – од неговиот почеток до крајот; од будењето до заспивањето. Гриз Ли измислува зборови, наутро вели ШИ (наместо добро утро), напладне ЅИФРИ (наместо добар ден) и навечер КОПЧИ (наместо добро вечер)“, објаснуваат од „Арс Ламина“.

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист и илустратор. Активно работи во неколку сфери на уметноста. Се јавува како автор и илустратор на повеќе книги. Автор е на „Дедлајна, љубов моја!“ (раскази за возрасни), „Радишански прелудиуми“ (минијатури за пијано), „Мамурлаци“ (поезија, коавторска со Александар Крстев), „Се гледаме наскоро. Е.“ (роман за возрасни, коавторски со Драгана Евтимова) и „Библиска етика“ (со група автори). Илустратор е на сликовниците „Дедо Миле“, „Чудесни апарати“ и „Плишаниот зајак“.

„Ши, ѕифри, копчи“ е негова втора книга за деца, претходно го има објавено изданието со раскази за деца „Суштествијада“ каде што тој е автор и на текстот и на илустрациите.

Наталија Лукомска е полска илустраторка и графичка дизајнерка која живее и работи во Скопје. Се занимава со илустрирање и графичка обработка на книги и дизајн на постери, црта детски книги, дизајнира корици, соработува со издавачи и културни институции во Полска и во Македонија. Предава полски јазик и преведува книги.

 

ОкоБоли главаВицФото