1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Извор: Дојче веле
Русија и светот деновиве одбележуваат 200 години од раѓањето на Фјодор Михаилович Достоевски, од чие перо излегоа познати дела како „Злосторство и казна”, „Идиот” или „Браќа Карамазови”. По тој повод се организираат литературни собири на кои се читаат делови од неговите дела, театарски претстави, изложби, научни конференции и се објавуваат нови преводи на неговите книги.
„Достоевки ни е потребен и денес, за модерниот човек повторно да го пронајде своето јас”, вели Павел Фокин, кој во своите дела го истражува Достоевски, но и неговите лични човечки побуди.
Потомок на благородничко семејство
Фјодор Михаилович Достојевски е роден на 11 ноември 1821 во Москва, како син на лекар и потомок на осиромашено благородничко семејство. Цел живот имал здравствени проблеми, бил коцкар, бил парализиран од разни стравови и имал финансиски потешкотии. Поради блискост со левичарските противници на рускиот цар, во младоста бил осуден на смрт. Како последица на шокот предизвикан од пресудата заболел од епилепсија, по што казната била преиначена во повеќегодишна робија во Сибир, заедно со најтешките злосторници.
Достоевски како ретко кој друг автор успева да пронајде вистински зборови за да опише душевна состојба на човекот во екстремни ситуации. Психолози ги прогласувале за мајсторски дела неговите студии на најразлични карактери. Ликовите од неговите романи се познати ширум светот, на пример студентот Расколников од „Злосторство и казна”, кого го гризе совеста по извршеното убиство. Или беспомошно наивниот „Идиот”, кнезот Мишкин.
Пофалба на Ниче
„Мајсторско дело на психологијата“ – така Ниче го пофали портретот на бесниот граѓанин од делото „Записи од подземјето”. По повод 200-годишнината од раѓањето на Достоевски, во Германија е објавен нов превод на романот. Се потсетува на тоа дека авторот, по укинувањето на робовладетелството во Русија, бил претставник на новата ера. Патувал на запад, доживеал преврати во Европа, некое време престојувал и во Германија, во Берлин, Визбаден и Баден-Баден. Често бил во Дрезден, каде поминал најмногу време. Канцеларката Меркел и рускиот претседател Путин, кој самиот живеел во Дрезден во времето кога бил агент на КГБ, во 2006. беа на поставувањето на споменикот на Достоевски во градот. Писателот таму живеел две години, таму е родена и неговата ќерка Љуба и меѓу другото е напишано и делото „Вечниот маж”.
И покрај западните влијанија, тој бил и останал конзервативен и под големо влијание на руското православие. Павел Фокин вели дека Достоевски се занимавал со односот на Русија со Западот и дека неговите теми се актуелни и денес, особено во пандемијата, „таа смртоносна опасност за човештвото”.
Незаборавен уметник
Многу литературни критичари сметаат дека романите на Достоевски се меѓу најдобрите дела на светската литература. Нивниот автор меѓутоа бил уверен дека десет години по смртта сите ќе го заборават, вели претседателот на Меѓународното друштво „Фјодор Достоевски“, Владимир Сахаров. Како еден од најпознатите руски писатели, психолог и филозоф, Достоевски и денес ширум светот предизвикува „страствена дискусија и спротивставени гледишта”, вели Сахаров.
Достоевски, по смртта на Александар Пушкин (1799-1837), бил симбол на новата генерација која се дистанцирала од аристократскиот стил, писатели кои се занимавале со проблемите на човекот и стравовите во општеството. Тие „во дебатата внеле социјално критични теми со демократски тенденции“, пишува Александар Ницберг, кој по повод големата годишница првпат на германски го преведе романот „Двојник”. Во тоа дело има многу поводи за смеење, вели Ницберг и воедно потсетува дека авторот во атеистичкуот Советски Сојуз долго време бил табуизиран. Во комунистичката литературна критика никој немал смисла за неговиот црн хумор, вели тој. Многу стручњаци сметаат дека Достоевски многу повеќе влијаел на светската книжевност отколку неговите современици, Лав Толстој или Иван Тургењев. Толстој додуша никогаш не се сретнал со колегата, но ги фалел неговите гледишта.
Великан на светската литература
Во Русија 200 години од раѓањето на Достоевски се слави во голем стил, во тренд е „враќање” во времето кога живеел, во 19 век. Во Москва, по реставрацијата е повторно отворен музејот во станот во кој Достоевски го поминал детството. Во Санкт Петербург, каде ги напишал своите најголеми дела, се наоѓа станот во кој живеел до неговата смрт во 1881 година. Тоа денес е најпосетуван музеј посветен на авторот.
Во „Венеција на Северот”, како што некогаш го викаат градот, посетителите може да шетаат по патчињата и улиците по кои чекорел Достоевски. Неговото име живее и натаму на спомениците, на посебно издание на една кованица од Руската централна банка пуштена во продажба по повод годишницата и преку линиите на метрото и улиците со негово име. Но, името на Достоевски пред сѐ живе во книжевниот свет.
Насловна слика: Eugene Ivanov