1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
„Првата политичка партија во која учествувал Кастро е партијата Ортодоксо. Тогаш освојуваат само 2 (две) пратенички места во кубанскиот парламент. Ставот на младиот стратег Фидел е: „Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! КОАЛИЦИРАЊЕТО ЌЕ ЈА РАЗВОДНИ ИДЕОЛОГИЈАТА. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“ ✊❤✊
Кастро (1948)
#ЧимСкивашМуклес“
(Димитар Апасиев, 20 октомври 2021)
„Со еден политички потег, ги кутнавме оние кои ни ги избркаа родителите од фабриките и кои Македонија ја претворија во башибозук!
#ДецатаНаТранзицијата“
(Димитар Апасиев, 5 ноември 2021)
На овој негов став му го реплицирав следново: „Лозар, Интернационал, Порцеланка, Киро Ќучук, Жито Вардар, Транс Велес, Пелагонија, Велеспром отидоа во стечај кога владееше ВМРО-ДПМНЕ. Фино друштво си одбрал за сликање како за дете на транзицијата.“ Но, истиот коментар експедитивно ми беше избришан од страна на Апасиев во духот на демократскиот форум. Меѓутоа, другар Апасиев, вистината и кога не знае да се брани, таа ќе продолжи да стои исправена.
Неформалното коалицирање на Левица Апасиев побрза да го одбрани со цитат од Ленин: „Во политиката не може да се победи ако не си научил правилно да настапуваш и правилно да отстапуваш.“
Ако веруваш дека правилно настапуваш или правилно отстапуваш зошто ми го избриша коментарот? Впрочем си заборавил и на оваа мисла од Ленин:
„Бега колата од рацете: небаре седи човек што со неа управува, а колата не оди онаму каде што ја насочуваат, туку оди онаму каде што ја насочува некој или нешто, дали нешто нелегално, или нешто незаконско, или нешто доаѓа господ знае откаде, ... но колата воопшто не оди онака, а честопати сосема поинаку од она што си го вообразува оној што седи зад воланот на колата.“
(Види Ленин, Дела, том 35, Скопје, 1984, стр. 188/89)
Денес (17 ноември 2021) покрај Данела Арсовска која Апасиев ѝ даде индиректно поддршка со зборовите: „Во недела ... ќе ги куткаме од власт овие корумпирани хоштаплери.“ (29 октомври 2021), уште еден противник на покачување на минималната плата - Трајко Славевски и режимско куче на автократот Груевски стана претседавач на советот на град Скопје благодарение на советниците од Левица. Тоа се истите луѓе кои до вчера беа учесници на Шарената револуција иако сè уште бесрамно и фарисејски се претставуваат како борци за правата на работничката класа.
Трајко Славевски министерот-џелат на работничките права кого Левица после 12 години повторно го донесе на власт во град Скопје, во време на својот мандат ги бранеше следните кратења на нивните права:
2007: укинување на правото на скратено работно време за работниците-инвалиди;
2007: оневозможено е примањето на социјална парична помош ако на работникот работниот однос му престанал по негова вина или по негово барање, ако одбие понуда за вработување, која одговара на степенот на неговата стручна подготовка, или одбие обука, преквалификација или доквалификација заради вработување;
2007: не е предвидено куќните помошници да бидат опфатени со Законот за безбедност и здравје при работа;
2007: се укина еден ден од празнувањето на Денот на трудот и
сега празникот се празнува само на 1 мај;
2007: поместување на можноста вработените да се стекнат со
акции бесплатно или по повластена цена да важи од 2012 година;
2008: намалување на законски гарантираниот годишен одмор;
2008: пролонгирање на рокот на работниот однос на определено време;
2008: укинување на правото на приоритет при вработувањето на лицата прогласени за технолошки вишок;
2008: овозможување работодавачот да отпушти одреден работник поради деловни причини и веќе следниот ден да вработи друг работник на истите работи со иста стручна подготовка и занимање;
2008: намалување на основицата за пресметување на испратнината;
2008: укинување на изречната забрана според која работникот
во ноќна смена не смее да работи повеќе од една недела;
2009: зголемување на државната контрола над синдикатите преку промена на критериумите за репрезентативност;
2009: овозможување, преку дефиницијата на работното време, работникот да извршува какви било работни задачи, а не само
оние кои се соодветни на неговото работно место.
За да биде иронијата уште поголема, овој биланс на негативни промени во законската регулатива до кои дојде за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ е извадок од книгата „Обезвреднување на трудот“ (2010) чиј коавтор е Димитар Апасиев, кој денес му даде политичка доверба на човек без морален интегритет во очите на работничката класа, барем оној дел од работничката класа која е класно освестена. Поддршката на советниците од Левица, додека паламудаат за нова Црвена Општина Скопје, за изгласување на Трајко Славевски за претседател на Град Скопје е исто ко јакобинците да гласале за смртна казна за Луј 16-ти во 1793 година, а во 1814 година да гласале за враќање на Бурбонците на престол.
ПОВИК ДО ЧЛЕНСТВОТО НА ЛЕВИЦА: Членството на Левица не смее да допушти во своите раководни редови претставници кои гласаат за душмани на работничката класа, туку што поскоро треба на клоци да ги истера од партија овие макијавелистички шутраци додека не ја доупропастиле партијата за навек. „Најопасни пробисвети се оние кои не се свесни дека се пробисвети.“ (Ленин)
Бидете револуционерна партија, не допуштајте му на Апасиев да ја претвори Левица во олигархиска партија! Она што Апасиев го прави од 5 ноември 2021 нѝ дава право да се сомневаме дека, според неговата замисла, тој се гледа како дел од идна политичка класа. Другару Апасиев, подобро е да признаеш дека ти никогаш нема да бидеш комесар и дека Левица никогаш нема да биде владејачка партија како КПСС-Б. Заборави ја твојата недоверба во народот, заборави ги овие амбиции да владееш!
Членството на Левица да не дозволува да биде понижувано како збирштина на поединци кои немаат ништо повеќе заедничко од она што го прават во моментот, како што се луѓето што стојат во редица да одат во кино. Спротивно на она што претставува револуционерна партија, поединците кои стојат во редица, иако се членови на политичка партија, се отуѓија еден од друг кога излегоа на 17 октомври 2021 да гласаат за Левица. Локалните избори имаа ефект на ограничување или поништување на вистинската слобода на нивниот активизам. Станува збор за подмолно киднапирање на моќта на активизмот на членството од страна на политичкиот авторитет на Апасиев. Кога тој ќе добие интерес за привилегиите на власта, тој може да го серијализира своето членство со цел да го идентификува, на пример, како што направи пред локалните избори за избор на советници и градоначалници. Затоа, мнозинството во новите локални совети или евентуално новото парламентарно мнозинство ќе се заснова само на коалиција, а одлуките, што ќе ги носат, ќе бидат компромиси, кои во никој случај нема да ги одразуваат желбите изразени преку гласовите на членството и симпатизерите на Левица.
Има некои луѓе кои ќе гласаат, велат тие, „само за да ги сменат старите хохштаплери со нови“, што значи дека, како што тие го сфаќаат тоа, соборувањето на парламентарното мнозинство на владејачката партија има апсолутен приоритет. Но, дали некој од раководството на Левица размислил за фактот дека за да се собори владејачкото мнозинство, треба да се замени со друго мнозинство што ќе ги задржи истите изборни принципи кои перзистентно и конзистентно ќе го понижуваат членството како идиоти? На крајот, опортунистичкиот макијавелизам на Мицкоски ќе се сврти против циркуларната логика пар екселанс на малите макијавелисти како Апасиев.