Познат датумот за затворање 750 термоелектрани на јаглен по самитот во Глазгов

22.11.2021 02:14
Познат датумот за затворање 750 термоелектрани на јаглен по самитот во Глазгов

Уште 370 термоелектрани на јаглен добија датум за затворање по завршувањето на климатскиот самит во Глазгов. Со тоа вкупниот број термоелектрани кои имаат јасен рок на траење се зголеми на 750, се наведува во новиот извештај на Истражувачкиот центар за енергетика и чист воздух (ЦРЕА).

Покрај тоа, уште 1 600 термоелектрани, односно околу 95 проценти од моментално оперативната флота, се покриени со некаков вид долгорочен план за достигнување јаглеродна неутралност кон средината на 21 век, меѓутоа за нив сè уште изостануваат точни датуми и конкретни планови за затворање.

Јагленот пред и по Глазгов

Согорувањето фосилни горива, пред сè во секторот за производство на електрична енергија и индустријата, е причина за 8,7 милиони предвремени случаи на смрт во 2018 година. Покрај големото влијание на јавното здравје, најваллканото фосилно гориво - јагленот истовремено е и енергенс кој најмногу придонесува за климатските промени, затоа преговорите за негово напуштање беа во центарот на вниманието на неодамна завршената Конференција на Обединетите нации за климатските промени.

Во Глазгов, повеќе од 40 земји потпишаа договор за напуштање на ова фосилно гориво до 2030 година за развиените земји, односно до 2040 година за земјите во развој. Роковите се усогласени со препораките на Меѓународната агенција за енергетика, а меѓу потписниците се и големите потрошувачи на јаглен како Полска, Виетнам и Украина.

Покрај тоа, во Глазгов се направени уште договори кои испраќаат јасен сигнал дека светот е подготвен да се откаже од јагленот како главен енергенс.

Главните инвеститори во термоелектрани како што се Кина, Јапонија и Јужна Кореја, покрај останатите земји членки на Г20 и ОЕЦД ветија дека во наредниот период потполно ќе го запрат финансирањето нови термоелектрани во странство. Во исто време, Јужна Африка заедно со ЕУ, САД и Велика Британија договори основање фонд тежок 8,5 милијарди долари кој би требало да ѝ помогне на оваа држава да изврши енергетска транзиција, зашто својот енергетски сектор го заснова речиси исклучиво на јагленот.

Фондот за климатски инвестиции (Climate Investment Fund) најави пилот проект кој ќе обезбеди 2 милијарди долари за енергетска транзиција во Индија, Индонезија и Филипините, а сличен договор направија Индонезија и Филипини и со Азиската развојна банка.

Во извештајот на ЦРЕА се наведува и дека отежнатото финансирање и климатските амбиции веројатно ќе доведат до запирање на изградбата на 88 нови термоелектрани со вкупна моќност од 90 гигават часови, што претставува околу две третини од сите планирани проекти за електраните на јаглен надвор од Кина.

Двата најголеми потрошувачи на јаглен во светот, Кина и Индија, ветија достигнување јаглеродна неутралност до 2060 односно 2070 година, меѓутоа сè уште не се обврзаа на конкретни потези кои би резултирале со појасни планови и рокови за напуштање на јагленот.

Иако пазарните трендови и зголемениот број термоелектрани со познат датум за затворање јасно укажуваат дека светската енергетика во следните децении ќе се насочи од јаглен кон обновливи извори на енергија, оваа трансформација сепак не е доволно брза за да се исполнат целите од Парискиот договор.

До 2030 година би требало да бидат затворени вкупно 250 термоелектрани во земјите од ОЕЦД, додека во помалку развиените земји кои имаат време своите електрани на јаглен да ги затворат дп 2050 година, се планира овој рок да го испочитуваат само 130 термоелектрани.

Сепак, од ЦРЕА наведуваат дека ситуацијата делува малку подобро кога ќе се земат предвид најавите дека Германија наскоро би можела да ја претстави целта до 2030 година да ги затвори сите електрани на јаглен и дека спроведувањето на американскиот план за 100 проценти чиста електрична енергија до 2035 година значи дека огромен број термоелектрани во САД ќе бидат затворени во следните десет години.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото