Лилјаците и ковидот

24.11.2021 00:36
Лилјаците и ковидот

Летото 2020, половина година по почетокот на пандемијата со коронавирусот, научниците отпатуваа во шумите во северен Лаос за да фатат лилјаци кои можеби се дом на блискиот роднина на патогенот.

Во црната темнина користеле мрежи за да ги фатат лилјаците кога излетуваат од блиските пештери, а потоа земале примероци од плунката, урината и фекалиите, по што животните повторно ги пуштале назад во темнината.

Се покажало дека примероците од изметот навистина содржат коронавируси, кои научниците потоа ги испитувале во лаборатории.

Трите коронавируси пронајдени во Лаос поседувале молекуларна кука на својата површина, која наликува на куката што ја има вирусот кој го предизвикува ковид-19, според името САРС-КоВ-2. Како и кај САРС-КоВ-2, оваа кука му овозможува на вирусот да се закачи за човечките клетки.

„Тој е уште подобар од претходниците на САРС-КоВ-2“, вели Марк Елоа, вирусолог од Институтот Пастер во Париз, кој ја предводеше студијата. Секако, ова „подобар“ се однесува на тоа колку успешно и брзо вирусот се закачува на клетките.

Марк Елоа

Некои експерти претпоставуваат дека вирусите кои наликуваат на САРС-КоВ-2 повремено ги инфицираат луѓето, но доаѓа до благи и ограничени епидемии. Но, под одредени услови патогените можат да доведат до појава на пандемија како оваа со ковид-19, објаснуваат тие.

Нивните наоди ќе имаат значајни последици за дебатата за причините и потеклото на ковидот. Поединци шпекулираат дека импресивната способност на САРС-КоВ-2 да ги инфицира човечките клетки е неприродна, односно дека не можело да дојде до таква еволуција при скок од животните на човекот. Но, новите истражувања упатуваат на поинаков заклучок.

„Ова навистина ја затвора целата приказна дека вирусот е некако направен, или дека со него некако се манипулирало во лабораторија и дека затоа толку добро ги заразува луѓето“, вели Мајкл Воробеј, вирусолог од Универзитетот Аризона кој не бил вклучен во оваа студија.

Вирусите кај овие лилјаци, како и десетици други пронајдени во Лаос, Камбоџа, Кина и Тајланд, би можеле да им помогнат на научниците и да ги антиципираат идните пандемии. Вирусите би можеле да ни најават каде демнат особено опасни соеви и кои животни би требало да се набљудуваат за да ги пронајдеме.

Американската влада одреди 125 милиони долари за идентификација на илјадници вируси во дивината во Азија, Латинска Америка и Африка. Д-р Елоа предвидува дека има уште многу роднини на САРС-КоВ-2 кои допрва треба да се пронајдат.

Мајкл Воробеј

„Да речеме, јас сум риболовец“, вели тој. „Секогаш кога нема да успеам да уловам пастрмка, не мислам дека тоа е затоа што нема пастрмки во реката“.

Кога се појави САРС-КоВ-2, негов најблизок роднина беше коронавирусот од лилјак кој во 2016 година го пронајдоа кинески научници во еден рудник во јужната провинција Јунан. РаТГ13, како што го доби името, споделува 96 проценти од својот геном со САРС-КоВ-2. Врз основа на мутациите кои ги има секој вирус, научниците можеле да проценат дека РаТГ13 и САРС-КоВ-2 имаат заеднички предок, кој ги инфицирал лилјаците пред околу четириесет години.

Спирос Литрас, докторант на Универзитетот во Глазгов, со своите колеги го споредуваат САРС-КоВ-2 не само со новите вируси од Лаос, туку и со другите билски роднини кои се пронајдени. Тие го цртаат еволутивното дрво на вирусите што наликуваат на САРС-КоВ-2, базирано на новите сознанија. Пронаоѓањето нови видови вируси би можело дополнително да ја расветли сликата.

Д-р Елоа верува дека е најдобро да се обложуваме на пределот на Југоисточна Азија, меѓу другото и местото каде неговите колеги ги пронајдоа новите коронавируси, и во блиското окно во Јунан каде е најден РаТГ13.

Колин Карлсон, биолог од Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, претпоставува дека сè уште демне вирус кој би бил способен да предизвика ваква пандемија.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

ОкоБоли главаВицФото