Промоција на книга и изложба на Ѓорѓи Десподов во Студио Приватен принт

24.11.2021 12:21
Промоција на книга и изложба на Ѓорѓи Десподов во Студио Приватен принт

На 26 ноември во 17 часот во Студиото Приватен принт (PrivatePrint Studio) во Скопје, ќе биде отворена изложбата SKIP AD на Ѓорѓи Десподов и ќе биде промовирана неговата истоимена книга. Проектот е поддржан од Фондот „Принц Клаус“ од Амстердам.

Изложбата ќе биде отворена до 10 декември. Од 29. ноември до 10. декември изложбата ќе може да се посети во работните денови, од 12 до 18 часот.

SKIP AD е истражувачки проект на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов, преку кој тој ја преосмислува улогата на графичкиот дизајн во насока на алатка за критичко читање. Целото истражување тргнува од премисата дека графичкиот дизајн, денес, е најмногу во корист на масовната продукција, преку којашто се обликува светот на нашите потреби. Оттука, Десподов создава игрив уметнички метод наречен „Сесија за себепронаоѓање“, составен дел од поширокиот проект SKIP AD. И преку овој метод, кој е критички свртен кон масовниот конзумеризам, Десподов ја отвора можноста за сојузништво помеѓу графичкиот дизајнер и нас, односно корисниците. Графичкиот дизајн користи механизми насочени кон потребите на корисниците; овој проект ги користи истите механизми со цел да нè насочи кон спознавање на нашите индивидуални и суштински потреби. Па така, овој чин на спознавање, истовремено претставува и чин на отпор, но и можност за создавање на еден нов визуелен свет.

Ѓорѓи Десподов (роден во 1996, во Прилеп) е и мултидисциплинарен дизајнер, кој главно работи во полето на визуелните уметности и создава концепти преку широк спектар на дисциплини како што се графички дизајн, 3Д-визуелизации и илустрации.

„Мојот креативен пристап кон дизајнот е да создадам силен израз на надворешната форма со имплицитен наратив. Во мојата работа често се обидувам да прикажам колекција од обични предмети во необичен контекст, давајќи нови значења на познатите работи“ - вели Десподов за својата практика.

Оваа изложба и публикација се дел од активностите поддржани од партнерската програма на Фондот „Принц Клаус“ од Амстердам (Prince Claus Network Partnership Programme). Студиото Приватен принт во 2020 година стана партнер на Фондот Принц Клаус во рамки на оваа негова програма. Како дел од проектните активности, студиото соработува со млади уметници од различи делови на земјата и ги поддржува во развој на уметнички проект преку кој ќе бидат претставени на локалната и меѓународната сцена. Програмата има за цел да ги открие локалните специфичности и разлики на нашата културна реалност и да поддржи нови идеи во зародиш.

Во 2021 година Студиото Приватен принт работеше на проекти со уметницата Ивана Мирчевска чијашто практика се основа на видеото како медиум, графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов и трансдисциплинарната дизајнерка Клелија Живковиќ и со нив ја разви новата едиција Future Perspectives, во која се објавуваат книги на млади уметници кои покажуваат став кон иднината на уметноста и културата, преобмислувајќи ја на тој начин својата позиција на уметник или културен работник во системот во којшто работат.

Приватен принт е издавачка куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн од Скопје. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, особено во општества во кои на културата ѝ недостига добра системска уреденост и институционална поддршка, мисијата на Приватен принт е да ги прошири идеите за уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.

 

ОкоБоли главаВицФото