Колку само застранивме

24.11.2021 12:49

Гледајќи колку брзо Бугарија ја спроведува и ја комплетира истрагата за автобуската несреќа и гледајќи колку тоа го прави стручно, темелно и прецизно, дали ви станува појасно колку тоа ние застранивме? А застранивме зашто партизацијата и политизацијата на државата ја уништи есенцијата на државотворноста, го задуши експертскиот дискурс, ги разбрка стручните и способните, а на истурени позиции постави партиски полтрони без никакви знаења и вештини. Сега појасно ли ви е зошто Бугарија (со сите нејзини недостатоци и фалинки) е сепак Европа, а ние не сме? Не сме зашто го немаме неопходниот минимум за да можеме да се наречеме држава. Ете тоа е на кратко. Среќен ќе бев да беше обратно, ама не е.

Летово видовме како изгледа уште поспастрена држава од Бугарија благодарение на присуството на австриските противпожарни бригади. Гледаме, а ништо не учиме. Се што ни се случува, сите трагедии и несреќи се последица на изигрувањето на правилата, на процедурите и прописите. За сè сме самите виновни и тој факт е поразителен. Многу е полесно и поедноставно кога можеш да обвиниш трета страна за сопствените несреќи, но ете ние не можеме.

Не само што не е чест и гордост да си Македонец во 21 век, туку е и срам. Срамно е колку лоша слика рефлектираме наоколу, срамно е колку ниска самопочит имаме како нација, срамно е што заедно со Албанците во Македонија сме цивилизациско дно во Европа. Заглавени сме во мизеријата на сопственото постоење. Заглавени во мрачниот среден век.

Александар Левески, Фејсбук, 24.11.21.