Залез (поглавје 37 од „Моби Дик или Китот“)

26.11.2021 13:08
Залез (поглавје 37 од „Моби Дик или Китот“)

ЗАЛЕЗ
(Капетанската одаја, крај крмените прозорци; Ахав седи сам, загледан во ширта.)

Оставам бела и матна бразда; бледи води, уште побледи лица, каде и да пловам. Валиштата отстрана завидливо се дујат и валаат да ми заметнат трага. Нека ги, но прво јас минувам.

Онаму, на рабон од везден преполниов пехар, топлите талази руменеат ко рујно вино. Златниот мост ја мери модрината. Сонцето-нуркач – в бавен потон од пладне – слегува; мојава душа угорничи! Уморна по бескрајниот брег. Зар премногу ми тежи крунава што ја носам? Железнава круна на Ломбардија? И дал сјае од многуте бесцени камни? Јас, круноносецот, не им гледам далечен блесок, туку по тамина знам дека носам нешто опточено со сјај што слепително зајдува здив. Железна е, знам, не е од злато. И напукната е, чувствувам; ко остреци ми се ријат шилци, мозокот небаре ми бие по чисто железо; да, челичен череп мој, мој кален череп на кој не му треба шлем вo главогубен бој!

Сува пржина врз моево чело? О, некогаш благосклоно сонцето ме журкаше, а залезот ме миреше. Но, веќе не. Дивнава светлина не ми свети мене, сета милина мене ми е чемер штом веќе не можам да ја вкусам. Надарен со вишна восприемливост, немам приземен дар да уживам; о, подло и лукаво проклетство, клетва најзлобна! Во рајот да стојам проклет! Лека ноќ, лека ноќ! (Мавта со рака, се трга од прозорецот.)

Не беше многу тежок подвиг. Мислев ќе се најде пркосник, барем еден, но мојот еден запченик во сите нивни колца се вклопи, и ене ги, се вртат. Или, ако сакаш, ко купчиња ситен барут стојат пред мене, јас сум чкорчето. А горко е! За да пламне други и палидрвцето мора да гори! Но, смелоста ми иде од наумот, а што сум наумил тоа и ќе биде! Мислат луд сум; Старбак мисли така. Но јас сум обдемонет, јас сум вбесен бес! Оној див бес што е мирен само кога треба себеси да се сфати. Ми пророкувале сакатост; и би! Загубив нога. А сега чујте како пророкувам дека ќе го погубам својот ногогубник. Но, сега еден ќе биде и пророк и извршител. Тоа, велики богови, е многу повеќе отколку што вие некогаш сте биле. Нâ! Глејте како ви се смеам; еве ви и уа, ракоборци и сабји шаварлии низаедни, глувтари берковски и слепци бендиговски! Не ви велам ко што некое учениче им збори на силеџии – да си најдете рамен, а не да ми се силите мене! Не, мене ме кутнавте и еве ме пак простум, а вие избегавте и сте се скриле. Излегувајте ајде од зад вреќине памук. Немам топ-далјан да ми дофрли до вас. Ајде ваму, поздрав имате од Ахав. Дојдете да видиме дал сега може некој од вас да ме скршне. Да ме скршне? Не можете да ме скршнете, би се скршнале себеси! Човек ви го фатил крајот таму! Да ме скршнете мене? Патот до целта ми е од железни шини и душава ми е жлебена да врви по нив. Низ бескрајни клисури, низ планини со продупени срца, под дервенски пороишта и брзаци јурам непогрешливо! Ми нема на тој пат пречка, нигде не кривнува мојов железен друм!

Илустрации: Kevin Keele

Превод: Огнен Чемерски

Извор за текстот: Моби Дик или Китот (Полица, 2018)