„Филмот продолжува“ со 12. Мобил фестивал

26.11.2021 15:01
„Филмот продолжува“ со 12. Мобил фестивал

Четириесет и еден филм од 27 земји ја чинат програмата на годинешното 12-то издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“. Под мотото „Филмот продолжува“, започна вчера и ќе се одржува до 1 декември.

По првпат фестивалот се одржува во хибридна форма – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net и во Кинотека на Северна Македонија на 1 декември.

На конкурсот за годинешното издание пристигнале повеќе од 1.000 филмови од целиот свет од кои, како што посочуваат организаторите, во навистина тежок избор биле избрани најдобрите, меѓу кои и три македонски филмови. Од минатата година филмовите од програмата се достапни во 13 земји од регионот со што Мобил фестивал добива регионална димензија.

Сите филмови се бесплатни за гледање. Традиционално, филмовите ќе се натпреваруваат за признанието „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм, а ќе бидат доделени и награди за најоригинална приказна, за најинвентивен филм и за најдобра идеја, за кои ќе одлучи тричлено жири.

Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.