Секој човек треба да исече дрво

27.11.2021 13:11
Секој човек треба да исече дрво

Сакам да ви раскажам нешто:

Ова со сечењето дрвја и властите... Е толку типична и логична одлика на македонскиот човек, чијашто свест не оди подалеку од „јас, себе и овде“.

Kaко беше онаа древна поговорка, јапонска ли, виетнамска ли: „Секој човек треба да засади дрво, да изгради куќа и да роди дете“?
Македонската верзија би била: „Секој човек треба:
- да исече дрво или растение што му пречи,
- да купи стан негде во некое криминално урбанизирано маало и
- да роди дете и да му го тупне телефонот или таблетот.

Пред повеќе од две децении, моите комшии ја купија куќата до мене и прво што направија е да ја исечат црешата на меѓата. Не беше сува или опасна, едноставно непожелна. Паѓале црешите на бекатонот и го валкале.

После, од непознати или само зеленилофобни причини, натераа и една комшика да исече едно мало неугледно дрвце коешто многу убаво мирисаше кога ќе расцветаше напролет. Сега и тие и јас, наместо во дрвцето, гледаме во грдиот жолт ѕид на шупата на комшиката.

Пред повеќе години, дојдоа од ЕВН да го стават новиот струјомер во кутија во дворот и решија да го исечат јоргованот што го посади татко ми и таму да ја стават кутијата, зашто тоа било најсоодветното место. Мајка ми им дозволи.

Пред неколку години, беше купена една напуштена барака во мојата улица со прекрасен орев во дворот. Под сенката на оревот се собираа сите генерации деца од мојата улица, а се собираа и деца од други улици кога ќе ја начекаа пространата сенка празна. Инвеститорот дојде, го исече оревот и го остави местото да чмае, еве веќе 3-4 години, без да гради. Важно оревот се исече.

Пред некоја недела, во еден двор што многу ги сакам, беа исечени две прекрасни липи, кои не само што даваа сенка и ги правеа јули и август поподносливи, туку и ширеа мирис во опсег од неколку улици. Паднаа лесно. Неплански биле садени.

Низава продолжете ја колку што сакате, само свртете се наоколу.

Цел народ ја живее славната девиза на „Што ги е**м, ќе ги сечам“.

Властите се само нашето огледало.

Слики: Achmad Cholid 

ОкоБоли главаВицФото