Здружено до решенија за еколошките проблеми

27.11.2021 14:03
Здружено до решенија за еколошките проблеми

Кога се зборува за рециклирањето често се забораваат реупотребата и намаленото купување. Се чини дека државата не прави ништо на тоа поле и дека останува на граѓаните да се организираат преку активизам на социјални медиуми. Групите како „Дај, не фрлај“ се залагаат за антиконсумеризам, подарување и реупотреба на предметите, како и за едно општа еко-свесност. По пет години постоење, групата се разграни на повеќе клонови во дигиталниот свет (со вкупно членство од 150.000) и со секојдневна активност во „реалниот свет“ прерасна во еко-движење. Подарувањето и реупотребата се дел од една поширока светоглед која вклучува обновливост на изворите на енергија и свесност за еколошките проблеми денес.

Проблемите со отпадот и необновливите извори на енергија
Се чини дека во едно општество каде што се уште се расправаме со отпад по улиците, нелегални депонии, неефикасно селектирање, непостоење рециклирање, а воедно увезување отпад и сме на „светлосни години“ далеку од еколошка држава.

Се чини дека државата прави недоволно од аспект на ширење на свесноста и решавање на проблемите и дека групите по социјални медиуми како „Не биди ѓубре“ и „Иницијатива за забрана на пластични кеси“ или „На точак“ со нивното ширење на свеста за проблемите, пронаоѓање решенија или организирање акции прават повеќе на тоа поле.

Некои чекори се направени од државата, но дел од нив се залудни. Како еден очигледен пример се стимулативните пакети и субвенции за замена на греење на дрва со пелети, како поеколошка варијанта, кои годинава се покажаа катастрофални. Цената на пелетите скокна за 50% за многу кратко време (и уште ќе се зголемува) и според проценките на членовите на групата „ПЕЛЕТИ- група за дискусија“ денес повеќе се „исплати“ да се греете на дрва отколку на пелети.

Сето тоа, во пакет со лошите прогнози за инфлацијата, зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

Државата мора да се модернизира, да ги напушти старите енергенси, кои очигледно ќе поскапуваат уште повеќе, и да се фокусира кон инвестиции во обновливата енергија. Потребно е и да се поттикнува скромност, споделување, заедништво и доверба во општеството, зашто општествата како нашето се кршливи и почиваат на стаклени нозе.

Но, се чини дека се преземаат грешни чекори во таа насока. Еден добар пример за тоа е ограничувањето на инсталацијата на фотоволтаични соларни панели по домаќинство, како и неможноста струјата да се продава на државата - катастрофални и кратковиди чекори без визија за иднината. Секоја држава има корист од граѓани со стабилни примања и достоинствен живот. Таквите граѓани сакаат да и помогнат на државата и да бидат продуктивни членови на општеството, во спротивно се принудени да изнаоѓаат начини како да ја оштетат за сопствена корист. Конкретно, за примерот со пелетите, што им останува на луѓето освен да се вратат на дрва и да поттикнуваат нелегална сеча?

Здружени за промени

Во недостаток на поддршка од официјални извори, битно е граѓаните да се организираат самите. Затоа е значаен граѓанскиот активизам, особено неформалниот, неврзан со партии и организации. Се чини дека Фејсбук (колку и да се чинат дистопични неговите последни чекори со Метаверс или неговите алгоритми кои поттикнуваат параноја и ширење лажни информации), сепак има и корисни страни, како алатка за поврзување луѓе со слични интереси и ширење на корисни идеи и движења.

Групата „Дај, не фрлај“ функционира на Фејсбук веќе пет години и ги поврзува луѓето кои сакаат да подарат нешто што не го користат повеќе на други кои имаат потреба од истото. Групата има 50.000 членови и преку неа се подарени безброј предмети, а секојдневно се подаруваат цели кујни, гарнитури, апарати за домаќинство, облека итн. Не се работи за „економија на сиромаштијата“ во која се бараат користени нешта, туку за едноставен принцип на реупотреба кој гарантира дека предметите, пред да станат неупотребливи, нема да се најдат на некоја депонија каде ќе ги загадуваат почвите или се палат и го загадуваат воздухот.

Малку се зборува и за консумеризмот како извор на еколошките зла. Пренатрупани сме со пластична облека и производи во непотребна пластична амбалажа. Позната е изреката „Reduce, reuse, recycle“, но не е доволно познато зошто зборовите се дадени баш по тој редослед. Тие јасно укажуваат дека прво доаѓа намалената употреба и купување, а потоа реупотребата и на крај рециклирањето.

Намалена употреба значи живеење на еден поедноставен начин, намалување на апетитите, неследење на модите и трендовите, готвење дома, некористење пластика (кога е возможно) и слично. Реупотребата значи да не се фрла нешто кога е малку застарено или малку расипано, поправање, обновување, правење зимници, повторна употреба на тегли, шишиња, поттикнување бизниси кои ги негуваат истите принципи, итн.

„Дај, не фрлај“ започна токму така, со една желба да се зачува природата, но и заради градење на доверба и споделување помеѓу луѓето.

Лична карта на „Дај, не фрлај“

Групата е отворена на „Black Friday" 2016 година. Овој празник го поттикнува консумеризмот, купувањето непотребни нешта, затрупувањето на градовите, природата и депониите, закана за планетата и за нас, нејзините жители. Групата е замислена како контрапункт, противтежа на овој празник и на се што претставува тој. Но, како и празникот и неговата сеприсутност во умот на луѓето во текот на целата година, така и групата не застанува тука. Таа е активна и силна секој ден и не застанува!

„Дај, не фрлај“ не е хуманитарна група, иако членовите понекогаш мислат дека е таква. Сепак, секој што сака да подари може да го стори тоа и на членови за кои смета дека се онеправдани од општеството, како и на оние кои едноставно (независно од која причина) имаат потреба за истото. Основачите честопати потенцираат дека членовите „Не мораат да се правдаат никому (дека се социјални случаи, не можат да си купат нешто итн.). Групата не е хуманитарна, туку се бори за принципите на споделување, доверба, помалку купување и повеќе повторна употреба. Секој има право да побара, а за што ќе го користи подарокот е негова работа. Ако подарувачот пак сака да помогне некому што нема можности и средства за живот, тоа е негово право.“

Целта на „Дај, не фрлај“ уште од почетокот беше да прерасне во движење. Основачите секогаш потенцираа дека членовите можат да направат своја група според нејзините принципи. Тоа е особено битно за помалку да се користат средствата за транспорт за кои се плаќа, што не е според принципите на групата - подарокот треба да биде без никаква размена на парични средства.

Од тогаш се направени неколку локални групи во повеќе градови (Велес, Битола, Тетово, Штип итн.), и на некои од нив им беше подарено логото и основачкиот текст од страна на главната група, додека други самостојно го направија истото. Овие групи денес се околу 30-тина, помеѓу кои има неколку со голем број членови, а со главната (која има 50.000) во нив членуваат околу 150.000 луѓе, што е двојно повеќе од вториот град по големина во Македонија! Се разбира, масовноста понекогаш има и негативни страни, но е потребна ако сакаме да оствариме значајно и практично општествено влијание.

Самоодржливост и совесно живеење, наместо консумеристичка егоистичност!

„Дај, не фрлај“ е дел од една филозофија на совесно и свесно живеење, со размислување за последиците на сопствените активности во светот, како контрапункт на консумеризмот, бесмисленото и френетично купување и следење на трендови, затрупување на домовите, а подоцна и на депониите со предмети.

Ако социјалните медиуми не научија на нешто е тоа дека и покрај сите нивни негативни аспекти, тие можат да се искористат како прилично ефикасна форма на поврзување на луѓето, изразување ставови и идеи, граѓански активизам и преземање конкретни акции. Се чини дека во какофонијата од проблеми на денешнината оваа форма на организирање е повеќе од потребна.

Со актуелните промени во светот, и најавените кризи, потребно е, ако не и нужно, да се навикнеме на економијата на подарувањето, на самоодржливост, самостојно производство на храна, користење обновлива енергија и да заборавиме на бесмисленото капиталистичко лудило. Со приклучување на групи какви што се „Дај, не фрлај“ и други слични на неа, секој граѓанин може да стане дел од решението.

Насловна слика: Jason deCaires Taylor

Извор: respublica.edu.mk

 

ОкоБоли главаВицФото