1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Лихен (18), кој живее на Хаваите, претходно се грижел дека ќе дојде до крај на светот, а сега се чувствува како на одреден начин и да го живее тоа. Сега се плаши што доаѓа следно. Изгледа дека од ова се плашат и половина од младите ширум светот.
Според зборовите на авторот на досега најголемото истражување во светот кое ги испитуваше стравовите на младите поврзани со климатската криза, 45 проценти од популацијата на возраст од 16 до 25 години, рекле дека чувствуваат анксиозност и немир поврзани со климата кои влијаат на нивните секојдневни животи и способноста нормално да функционираат.
Речиси 60 проценти од овие 10.000 млади луѓе испитани во 10 држави сметаат дека нивните национални влади се дел од овој проблем, зашто ги „предале“ идните генерации со тоа што не реагираат. Педесет и шест проценти од учесниците во ова истражување се сложиле со изјавата дека човештвото е осудено на пропаст, додека 75 проценти рекле дека иднината е застрашувачка.
Ова истражување, објавено во Lancet Planetary Health, водено од академици професионалци од Универзитетот во Бат, Стенфордскиот медицински центар за иновации во глобалното здравство, Оксфордската фондација на системот за национално здравство, открива дека луѓето од државите кои во моментов се подиректно под влијание на климатските промени имаат тенденција повеќе да се грижат за иднината. Деведесет и два проценти од младите Филипинци рекле дека иднината е застрашувачка, во споредба со само 56 проценти од младите испитаници во Финска.
Младите во Обединетото Кралство и САД имаат помалку доверба во владата од младите во Нигерија и Индија. Само 28 проценти и 21 процент од младите Британци и Американци, мислат дека треба да им се верува на владите кога станува збор за планетата - а 51 процент од Индијците имаат доверба во власта.
Авторите на извештајот велат дека анксиозноста поврзана со климата е „стресор од кој не може да се побегне“, како и дека непредвидливите и екстремни временски промени само уште повеќе доведуваат до психолошки немир.
Лихен гледал како изгледале пожарите во татковината на неговиот татко, Австралија, и вели дека тоа е „навистина застрашувачки“, како и дека многу се плашел кога бил мал.
„Ми се случуваше среде работа многу да се замислам за тоа“, вели тој. Сега сака да се занимава со новинарство поврзано со животната средина - мисли дека заради тоа ќе се чувствува подобро.
За Малика (15) од Либан, климатската анксиозност само ги влошила нејзините проблеми со менталното здравје. Се сеќава дека како дете се заразила со вирус зашто пливала во една од многуте загадени реки во Либан; тоа е едно од многуте сеќавања кои биле заслужни за да ѝ дијагностицираат анксиозно пореметување минатата година, зашто оттогаш е многу загрижена за иднината на планетата. Смета дека на училиште не зборувале доволно за климатските промени. „Правевме мали проекти кои немаат влијание на целиот свет“, вели таа. „Затоа секогаш бев, но и сега сум анксиозна кога се прашувам што ќе се случи со светот. Дали ќе умреме од последиците од климатските промени? Дали луѓето ќе продолжат да страдаат и по нашата смрт?
Коавторката на ова истражување, Керолајн Хикман од Универзитетот во Бат, рече: „Анксиозноста на нашите деца е сосема рационална, земајќи ги предвид неадекватните одговори на владите во однос на климатските промени за кои сведочиме. Уште што им е потребно да слушнат за да преземат нешто?“
Некои политичари се обидуваат да зборуваат и за климатската анксиозност. Неодамна претставниците на најголемата коалиција во Австралија бараа од премиерот да финансира воведување советници за климатски промени во училиштата.
Сепак, кога ќе се погледнат објавите на социјалните мрежи, не изгледа дека младите ја забележуваат својата климатска анксиозност. На северната полутопка, младите од Португалија се покажаа како најзагрозени од сите испитани држави, по пожарите кои се сè почести од 2017 година, но посматрајќи го само Инстаграм, нема толку објави на португалски јазик на оваа тема; со тагот #ecoansiedade се објавени околу 100 постови, а со тагот #ansiedadeclimatica уште помалку. На англиски јазик, со тагот #Ecoanxiety се објавени околу 14 000 постови, што делува како релативно малку во однос на тагот #anxiety со кој постојат 18 милиони постови.
На ТикТок, пак, тагот #climateanxiety има 370 000 прегледи. Алејна Вуд, ТикТок креатор и научничка од областа на одржливоста, вели дека е загрижена заради содржината која ја гледа на оваа апликација, особено онаа која шири нихилизам поврзан со климата, со звуци од дистопискиот филм на Бо Брхнем, Inside. „Младите ги гледаат овие нихилистички видео снимки и помислуваат дека е предоцна за да се направи нешто со што ќе се реши оваа криза“, вели Вуд. „Јас направив многу видео снимки во кои збрувам за климатската анксиозност и во кои зборувам зошто не треба да се потпадне под влијанието на климатскиот нихилизам, а секојдневно добивам коментари во кои луѓето ми се заблагодаруваат што сум го изговорила името на она што го чувствуваат - климатска анксиозност“.
Значи, кои се симптомите на климатската анксиозност? Меган Кенеди-Вудворд и д-р Патрик Кенеди-Вилијамс се коосновачи на Climate Psychologists, организација која обезбедува психолошка поддршка и комуникациски тактики за оние кои се посветени на спасувањето на планетата. „Климатската и еко анксиозноста покриваат цел спектар емоции кои можат да бидат предизвикани од климатската криза“, рече Кенеди-Вудворд. „Вина, бес, жалење и очај“.
Кенеди-Вилијамс додава: „Тоа може да резултира со повлекување од општеството, проблеми со спиењето и концентрацијата, а тоа се само некои од потенцијалните последици. Во клиничка смисла, кога работиме со помлади деца се трудиме да ги поддржиме родителите да водат продуктивни и значајни разговори со своите деца.“
Кенеди-Вудворд препорачува младите да се насочат кон грижа за себеси, како и дека кога тоа е неопходно да паузираат со консумација на социјалните медиуми и информации за климата, за да го намалат чувството на анксиозност. Доколку се чувствувате преоптоварено, таа советува да поразговарате со некој професионалец од областа на менталното здравје.
Сепак, авторите на истражувањето сакаат владите да го сфатат своето влијание на недостатокот акции поврзани со спречување на климатските промени, како и да сфатат какво влијание има тоа кај младите луѓе, а не да очекуваат дека младите сами ќе го решат овој проблем.
„Јавниот дискурс треба да го охрабрува изразувањето на чувствата кај 60 проценти од младите испитани во ова истражување, а тоа е дека се чувствуваат игнорирано и отфрлено“, напишаа авторите на истражувањето. „Ние тврдиме дека неспособноста на владите адекватно да ја намалуваат, превенираат или да влијаат на штетата предизвикана од климатските промени, придонесува за психолошки немир но и морална неправда.“
Превод: Алек Кузмановски
Насловна фотографија: Mark Ralston
Извор: https://www.vice.com/