Ковидот ќе ни помогне да го истребиме грипот

01.12.2021 00:40
Ковидот ќе ни помогне да го истребиме грипот

Додека светот сè уште се бори со ковид-19, на инфлуенцата не ѝ се посветува големо внимание. Но глобалното влијание на грипот е страшно: три до пет милиони случаи на потешко заболување секоја година и речиси 650.000 смртни случаи. На неколку децении, новиот тип на грип скокнува од животните на човекот и доведува до пандемија.

Смртоносниот биланс на инфлуенцата е уште потежок кога ќе се земе предвид дека веќе осум децении постојат вакцини за борба против неа. Но тие се слаби. Вакцината против грип ќе ве штити само една сезона, а нејзината ефикасност главно е помеѓу 40 и 60 проценти. Одредени години знае да биде и само 10 проценти.

Но, нова генерација високоефикасни вакцини против грипот би можела да се појави следниве неколку години, благодарение на мРНК технологијата која во моментов штити стотици милиони луѓе од ковид-19.

Традиционалните вакцини против грип мораат со месеци да се одгледуваат во кокошкини јајца, но мРНК вакцините мошне брзо се прават од нула. Нивното побрзо производство ќе ги направи многу поповолни за борба против различните соеви. Покрај тоа, веројатно ќе предизвика и посилен одговор на имуниот систем од традиционалните вакцини.

Две компании - Модерна, биотехнолошка фирма од Масачусетс која направи една од авторизираните вакцини за ковид-19, и францускиот производител Санофи - минатото лето започнаа со клинички испитувања за мРНК вакцина против грип. Фајзер и БиоНТек, компании кои исто така прават вакцина против ковид, го направија истото во септември. Се вклучи и англиската компанија Секирус, која ќе ја тестира својата прва вакцина на почетокот од следната година.

Во догледно време, благодарение на мРНК технологијата, би можеле да имаме вакцини кои се ефикасни против различните соеви грип.

Пандемијата на шпанската грозница од 1918 година беше најлошата во модерната историја. Починаа помеѓу 50 и 100 милиони луѓе. Како што се натрупуваа смртните случаи, така лекарите на пациентите им вбризгувале сè повеќе видови експериментални вакцини. Не помагало ништо.

Дури во 1933 година британските вирусолози успеаја да го изолираат вирусот на инфлуенцата, што значеше дека може да се почне со работа на поефикасна вакцина. Истражувачите го вбризгале вирусот на инфлуенца во јајца од кокошки, каде се размножувал. Потоа го усмртиле со хемикалии и почнале на луѓето да им го даваат неактивниот вирус.

САД ја одобрија првата комерцијална вакцина против грип во 1945 година. Дендел Стенли, вирусолог и добитник на Нобелова награда, рече дека вакцината ќе го спречи вирусот никогаш повеќе „да не биде најголемиот злосторник по човечкиот живот“.

Но, оваа вакцина не ги исполни сите очекувања. Инфлуенцата ја надмудри со својата способност да мутира. За време на инфекцијата со грип, клетките во нашите дишни органи почнуваат да го копираат геномот на вирусот, заради што тој се размножува. Овој процес доведува до голем број генетски грешки, а понекогаш овие мутации му овозможуваат на вирусот да го избегне имунолошкиот одговор на организмот кој му го задава вакцината.

Исто така, доколку во една клетка се наоѓаат два типа вирус, може да дојде до создавање генетски хибрид, кој уште поуспешно бега од имунолошкиот систем.

Овој чудесен капацитет воедно и објаснува зошто во една сезона на грип може да циркулираат неколку различни соеви и зошто секоја година се појавуваат нови.

Производителите на вакцини засега имаа само еден одговор: да вклучат неколку - до четири - различни соеви, односно валенци, во својата годишна формула. Но бидејќи правењето вакцини во кокошкини јајца е многу бавен процес, научниците мораат да одлучат кои соеви ќе ги вклучат неколку месеци пред да започне сезоната на грипот, што може да доведе до несогласувања кога впрочем ќе пристигне грипот.

„Тоа е игра на погаѓања, додуша научни“, вели д-р Алиша Виџ, имунолог од Националниот институт за здравје. „Секогаш трчаме по вирусот“.

Помеѓу 2004 и 2019 година, ефикасноста на вакцините против грип беше најмногу 60 проценти, а најмалку 10 проценти. Дури и оваа скромна заштита значи многу, зашто голем број луѓе заболуваат од грип секоја година. Освен што ја намалува веројатноста од зараза, вакцината влијае и на помал број заболени во болниците.

Доколку раните клинички испитувања поминат добро, ќе следат тестови, но тоа би можело да потрае неколку сезони.

„Ова би требало да функционира“, вели Џена Бартли, имунолог од Универзитетот Конектикат.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report