Во најдлабокото

01.12.2021 16:09
Во најдлабокото

 

(Извадок од книгата „Антарктик“ во издание на „Артконект“, 2021, во превод на Ацо Пероски.)

  Дадилката ноќва седи на работ на пристаништето, лови риба. Покрај неа, кашкавалот што го здипли од чинијата со салата за време на вечерата и кожените сандали. Си го вади ластичето од коњското опавче и ја растресува косата. Заостанати мириси на готвено јадење и на сапуница долебдуваат од куќата низ дрвјата. Закачува коцка кашкавал на јадицата и ја фрла. Добар ѝ е зглобот. Конецот прави совршен лак во воздухот, се спушта и исчезнува. Полека го намотува кон себе, во најдлабокото. Претходно вака има фатено вретенарка.

Во последно време не спие добро, ја буди истиот сон. Таа и момчето се во дворот, навечер. Ветрот ги дуе алиштата на жицата, а црни дрвја се надвиснуваат над нив. Потоа земјата затреперува. Ѕвезди паѓаат и им ѕвечкаат околу стапалата како монети. Покривот на плевната се стресува, летнува како огромен метален лист, гребејќи ги облаците. Земјата напукнува, а момчето останува на другата страна.

„Скокни! Скокни, ќе те фатам!“ му вика.

Момчето се смешка. Ѝ верува.

„Ајде!“ Ги подава раширените раце. „Скокни! Многу е лесно!“

Тоа бргу се затрчува и скокнува. Неговите стапала го прерипуваат кањонот, но потоа се случува нешто многу чудно: рацете ѝ се топат, а момчето паѓа наназад во мракот. Дадилката само стои на работ и го гледа како паѓа.

Понекогаш го сонува ова двапати во една ноќ. Синоќа стана, испуши цигара во бањата и гледаше во месечината. Светлината се лизна од позлатените славини, се нурна во керамичкиот мијалник, правејќи сенка. Си ги изми забите и се врати в кревет.

Тоа попладне ископаа црви и ја однесоа рибарската опрема на езерското крајбрежје. Дадилката го сврте чамецот и го турна во водата, држејќи го стабилен за момчето. „Ајде, опа!“ рече и ги одвесла отаде сенката на пристаништето. Момчето носеше бејзбол-капче од Солт Лејк Сити што татко му му го имаше донесено од службено патување. Преку носот му се имаа слеано бенки; струпот на коленото оздравуваше. Раката му висеше отстрана и ја сечеше водената површина додека таа веслаше. Кога ги крена веслата и остави да пловат слободно, околу чамецот бргу се насобра облаче од комарци.

„Има ли бубачки во Гребенот?“ праша момчето.

Гласот на дадилката се менуваше кога зборуваше за дома. Зборуваше како да може да посегне низ минатото и да го допре. Му стави мамец на трската, му раскажа како научила да нурка со опрема и со маска и копје, како го истражувала скриениот свет под океанот. Џиновски планини каде што рибите пливаат во јата и наеднаш ја менуваат насоката. Се виорат морски треви. Те одминува желка со голема спирала на грбот. Морски коњчиња.

„Сакам тука да нуркам со опрема“, рече момчето.

„Не можеме, мило. Вашето езеро е премногу темно и калливо; дното не е песочно како на океанот, кал е. Кал подлабока од двајца возрасни застанати еден врз друг. Преопасно е за нуркање.“

Момчето молчеше некое време. Тркачки коњи ’ржеа на ливадата и се стрчаа удолу по ридот, па запреа фучејќи непосредно пред водата.


„Ќе играме ’Какво е?‘“ рече таа и плесна една бубачка што ѝ беше застанала на подлактницата.

Момчето ги крена рамената. „Важи.“

Таа почна: „Чамецов е како половина од голем бразилски орев“.
„Главата ти е како тиква.“
„Трепките ти имаат боја на грива на паломино.“
„Што е тоа?“ праша момчето.
„Коњ. Ќе ти покажам некогаш слика.“
„Очите ми се како на коњ?“
„Ти си на ред.“
„Прдежите ти се како грав од конзерва.“
„Прдежите ти се како смртоносна тишина“, рече таа.
„Ти си како мајка“, рече детето и ја погледна в очи.
„Кога сме кај мајките“, рече таа, „мајка ти наскоро ќе се врати. Треба да тргнеме накај дома.“ Ги зграби веслата и одвесла до брегот.

Се ближи Велигден. Пред вечерата седеа на килимчиња во работната соба и правеа картички од дебела, скапа хартија што мајка му ја купи во центарот на градот и си се обраќаа со партнеру: „Честит Велигден, партнеру. Да се натупаниш со јајца“, пишуваше на неговата картичка. Таа му ја држеше раката, ги испишуваше буквите за него, но детето ѝ кажуваше што да пишува. Самото ги напиша иксовите на дното.

На предниот дел со мрсни боички нацрта две човечиња на кафеава заднина.

„Што се тие?“ праша татко му. Крупен, црвенокос маж со ирски предци и очи во пробивна сина нијанса. Пушеше пура, гледаше Си-ен-ен со нозете кренати на маса.

„Нуркачи“, рече момчето.
„А, така.“ Татко му се насмевна. „Дојди, синко.“

Момчето стана и му седна на татка си во скут.

„Одмори се, душо“, ѝ рече човекот на дадилката.
Таа стана. Ги одмина садовите во мијалникот, излезе во ноќта и ја тресна вратата.

Долу кај езерото дадилката го слуша тоалетното казанче, а потоа плискањето на водата за капење во цевките. Време за легнување. Мајката, висока, русокоса жена со високи јаболчици, која раководи со агенција за недвижнини во градскиот центар, секогаш го легнува момчето. Таков е договорот. Го капе, му чита од Зелени јајца и шунка или Кај дивите нешта. Мајка му е добро образована. Понекогаш чита од збирка песни од Роберт Фрост и го пушта Моцарт на музичкиот систем. Подоцна дадилката ќе влезе и ќе провери дали момчето е сè уште будно, ќе го бакне за добра ноќ.

Минатата зима патуваа на север, со тричасовен лет до Њујорк на продолжен викенд. Престојуваа во хотелски апартман на деветнаесеттиот кат, со балконче и со поглед на Менхетн. Вечерта, мајката на момчето се дотера во лелеав свилен фустан и бунда од ласица, го фати сопругот под рака, па излегоа на вечера. Дадилката нарача пица со печурки и кока-коли преку собната послуга, играше „змии и скали“ со момчето. Тоа ја фрлаше коцката, па се качуваа и ползеа по таблата сè додека не дојде време за легнување. Дадилката остана будна, се истушира со врела вода и се завитка во меката домашна наметка со хотелското лого втиснато на реверот. Ги отвори вратите од балконот и од фотелјата го гледаше хоризонтот, каде што вечерта се преточуваше во мрак зад највисоките згради; но не се осмелуваше да излезе и да погледне надолу. Наместо тоа, им пишуваше писма на домашните, велејќи им дека, сепак, можеби ќе се врати за Божиќ; колку ѝ недостига океанот, но дека се добри со неа; има сè што ѝ треба.


Доцна беше кога се вратија. Беше задремала на столот, но се разбуди и ги слушна како разговараат во спалната. Потоа зборувањето запре и мажот излезе на балконот. Во собата влетаа чад од пура и леден воздух. Тој ги заклучи вратите од балконот, па се врати и седна на работ од каучот гледајќи во неа. Мирисаше на пиво и на тоалетната вода „поло“, а дадилката го почувствува студот што испаруваше од неговиот добар волнен костум.

„Знаеш што ќе се случи ако го загубиме бебето, нели?“ рече. „Ако го загубиме бебето, ќе ја загубиме и дадилката. Држи ги вратите од балконот заклучени, душо, или ќе го фаќаш првиот авион за дома.“ А потоа ја бакна – чуден, намерен бакнеж, како што на аеродром бакнувате некого што ви е мило што го гледате – па стана и се врати кај жена си.

Кога го слушна како ’рчи, стана и излезе на балконот. Слаб ветар носеше крупни снегулки низ воздухот, сеејќи ги во вејавица. Декемвриска ноќ прошарана со вревењето на сообраќајот. Наскоро ќе биде Божиќ. Ја зграби оградата и погледна надолу. Метеж од лути жолти таксија ги блокираше крстосниците на улиците оздола. Вдиша. Се сети дека имаше прочитано некаде дека стравот од висини, всушност, крие восхит кон паѓањето. Наеднаш тоа доби некаква страотна смисла. Кога не би помислувала да скокне, не би потрошила ниту мисла стоејќи на работ. Си замисли како паѓа, замисли како би било да скокне, да се изгуби така, да значи сè само неколку моменти, а потоа да ја снема. Се врати внатре и ги заклучи вратите.

Следното утро планираа да ја посетат продавницата за играчки „Ф.А.О. Шварц“. Во фоајето, дадилката ги запиша на едно ливче името на момчето и бројот на хотелската соба и го стави внатре во џебот од панталоните.

„Дај му го ова на некој фин полицаец ако се загубиш.“
„Ама нема да се загубам!“ рече тоа.
„Се разбира дека нема.“

Темно е крај езерото. Дадилката ги насетува движењата на грмушките на спротивниот брег. Некаде во полињата имаше вепри. Таткото на момчето еднаш фати вепар во стапица, му плати на еден човек да го заколе животното, па го наполни замрзнувачот до врв. Ќе ја фрли јадицата уште дванаесетина пати, па ќе си легне. И онака речиси го потроши кашкавалот. Ги слуша жабите како крекаат и којзнае зошто, си спомнува на тик-такањето на елек- тричната ограда дома. Татко ѝ ја научи да не ја допира со дланката туку секогаш со опачината на раката; на тој начин рефлексот ќе ја натера да ја повлече, а не да ја зграби ако сè уште тече струја низ неа. За ситници, затоа служат татковците, колку што гледа. Практични работи. Како да си ги врзеш врвките и да го прицврстиш автомобилскиот сигурносен појас. Го повлекува конецот и ја проверува мамката, пак фрла. Мамката шлапнува, но таа веќе не успева да го види конецот наспроти небото.


Никој не го забележува момчето кога излегува од куќата. Крадешкум слегува по задните скали, но не се држи за гелендерот како што му кажуваат. Не е важно што очите му се немаат приспособено на мракот; ја познава тревната падина што води до езерото. Ѝ ги забележува белата кошула, ракавот што се крева, лакотот што се зафрла наназад додека ја фрла јадицата. Момчето се затрчува иако му велат никогаш да не трча во близина на вода. Мали воздишки, какви што испушта куклата на братучетка му кога ќе ја преврти наопаку, па пак ќе ја исправи. Дадилката му е свртена со грбот. Стапалата на момчето се безвучни; тоа е тивко како пантер во свежата трева.

Дадилката не се врти сè додека стапалото не му ја погоди првата штица на пристаништето.

„Јуху! Фати ме! Фати ме!“ вика момчето.

Трча, бргу. Трската ѝ паѓа од рацете. Стапалото на момчето се закачува за нешто, а тоа потоа како долго, долго да патува. Дадилката си ја бара рамнотежата, обидувајќи се истовремено да застане и да се сврти. Момчето го полазуваат морници. Наеднаш рацете ѝ се тука, го обгрнуваат како што знаеше дека ќе го обгрнат. Ѝ се обесува и ѝ се кикоти на рамото. „Изненадување!“ вика.

Но, таа не се смее.

Момчето замолкнува. Зад сигурноста на нејзиното рамо, забележува опасност. Зад неа, ништо. Само длабока, црна вода, а под неа свет од мека, кадифена кал. Кал подлабока од двајца возрасни мажи.

„Оф, миличко“, шепоти дадилката. „Ајде, полека.“ Го ниша, а тоа долго, долго си ја потпира главата на нејзиното рамо, чувствува како ѝ се креваат и спуштаат градите. Му ја бакнува свилената коса; неговите трепки ѝ ја допираат клучната коска. Дадилката го гушка сè додека не им забави биењето на срцата, а женски глас го довикнува името на момчето. Потоа го враќа во осветлената куќа и ѝ го дава на мајка му.

Слики: Evan M. Cohen

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото