Што е постаро - кокошката или јајцето?

03.12.2021 01:51
Што е постаро - кокошката или јајцето?

Таканаречената дилема за каузалноста - дали е постара кокошката или јајцето - се заснова на тоа дека не можеме да бидеме сигурни што е причина, а што последица. За да се снесе јајце треба да постои кокошка, но тоа значи дека веќе постоело јајце од кое се испилила кокошката. Логички, ова е бесконечно назадување, кое „на прва“ нè остава без одговор. Можеби сепак ќе се изненадите дека многу филозофи, а подоцна и биолози, дале одговори на оваа дилема, но ни денес не постои решение околу кое се сложуваат сите.

Кокошката е кокошка, околу неа не постои посебна дилема. Тоа е најраспространетата птица на светот - во моментов на планетата има повеќе од 20 милијарди кокошки. Видот кокошки - на кој освен кокошките од нашата приказна им припаѓаат и пауните, потполошките, фазаните и многу други - има потекло од птиците кои го преживеале ударот на џиновскиот астероид кој ги уништил диносаурусите и многу други видови.

Имено, се претпоставува дека пред околу 66 милиони години, џиновски астероид со пречник од околу 10 километри ја удрил Земјата на местото каде денес се наоѓа Мексиканскиот залив и го направил кратерот Чиксулуб со пречник од околу 180 километри. Катастрофалниот удар ги уништил сите живи битија во пречник од неколку стотици километри, а веднаш потоа се активирале вулканите и серија земјотреси. Се кренала толкава прашина и чад што Сонцето останало покриено со месеци или години, заради што климата на Земјата била драматично изменета најмалку една деценија.

Изумреле две третини од живиот свет. Изумреле речиси сите рбетници потешки од 25 килограми, со исклучок на некои желки и крокодили. Со оглед на тоа дека ударот ги уништил шумите ширум планетата и дека следните стотина години на Земјата главно растеле папрати, слична судбина им се случила на речиси сите птици кои живееле на дрвјата. Главно преживеале птиците кои живееле блиску до земјата или водата, а меѓу нив се и предците на кокошките.

Се претпоставува дека кокошките кои наликуваат на денешните се појавиле пред околу 58 000 години, но тоа биле диви птици кои ги припитомил човекот откако била припитомена стоката и бројни други животни. Можно е домашните кокошки да се потомци на сè уште живите црвени диви кокошку (Галус галус) кои ја населуваат Азија. Инаку, во Стариот Египет кокошката била позната како „птица која раѓа секој ден“, а Старите Грци ги користеле главно за борби со петли.

Меѓутоа, кога станува збор за јајцата, приказната е поинаква. Животните за репродукција произведуваат гамети - јајце клетки и сперматозоиди кои во процесот на оплодување градат нов живот. Положувањето оплодени јајца во надворешна средина (овипарна репродукција) се случува ширум животинското царство, кај птиците, некои влекачи и членконоги. Значи, нивното јајце е репродуктивна клетка која се пакува во мембрана пред или после оплодувањето. Во јајцето во периодот на инкубација се развива ембрионот, и ако сè биде успешно, во соодветни услови, од јајцето ќе се роди ново битие.

Галус галус

Бидејќи лушпата на јајцето се распаѓа лесно, не постојат добри фосилни наоди кои би ни помогнале да одредиме кога живееле првите животни кои лежеле јајца на копно, но се претпоставува дека тоа било пред околу 370-340 милиони години.

Значи, ако се прашуваме дали е постара кокошката или јајцето - кое било јајце, па дури и она од кое излегле диносаурусите - тогаш е сосема лесно да се одговори дека јајцата се постари од кокошката стотина милиони години.

Меѓутоа, дилемата ни приближно не завршува тука. Првата кокошка на светот е настаната како резултат на случајна мутација на генот во зиготот (оплодена јајце клетка) која се случила со спарување две „прото-кокошки“, птици кои се „речиси кокошки“. Тие, комбинирајќи го својот ДНК материјал, ја создале првата клетка на првото пиле која мутирала и која се копирала додека растел пилешкиот ембрион. Навидум, тоа јајце во кое растела првата кокошка е постаро од првата кокошка.

Сепак, поновите сознанија дополнително ја искомплицираа оваа приказна. Се покажа дека лушпата од јајцето која е изградена од калциум-карбонат се формирала така што нашата прото-кокошка во матката создала специфичен протеин ОЦ-17 кој овозможува формирање тврда мембрана. Значи, во нашиот случај лушпата ја формира прото-кокошката, а не пилето во јајцето. Тоа е „материјал“ на прото-кокошката, а не на пилето. Затоа, сепак тоа било прото-јајце од кое се родила првата кокошка. Дури првата кокошка можела да снесе вистинско кокошкино јајце. Сепак, изгледа дека кокошката е постара.

Иако сите не се сложуваат околу тоа, приказната може да се врти во недоглед.

Древната загатка за тоа кое му претходи на што, на одреден начин ја постави Аристотел, прашувајќи се што претходи, потенцијално или реално. Иако не го формулирал прашањето како нас, Аристотел на дилемата за кокошката и јајцето секако би одговорил дека кокошката е постара. Старогрчкиот филозоф, историчар и писател Плутарх, кој живеел во 1-от век од новата ера, во еден од своите есеи исто така се занимавал со ова прашање. Како закоравен вегетаријанец, сметал дека е неморално да се јаде јајцето исто како и животното што го снесло тоа јајце и на тој начин го поставува прашањето за тоа што е постаро, поистоветувајќи го со прашањето дали светот има почеток. Најпосле, Плутарх на крајот од дискусијата споменува дека птицата прави гнездо пред да снесе јајце, а жената ја подготвува колевката пред да се породи, но сепак, заради тоа никој не вели дека гнездото е постаро од јајцето или колевката од бебето. Заклучува дека пред формирањето на животното не може да настане семето или јајцето, и дека можеби семето тежнее да биде принцип, но јајцето не може зашто ја нема природата на целината, бидејќи е несовршено.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://naukakrozprice.rs/
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото