1029 hPa
80 %
0 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 00:59
Германските социјалдемократи, Зелените и Либералите се сложија околу коалицискиот договор на идната влада по едвај два месеци преговори, што впрочем е неочекувано краток рок со оглед на коренитите разлики за некои прашања помеѓу Зелените и Либералите. Коалицискиот договор во Германија е сериозен документ и од потписниците се очекува цврсто да се придржуваат до него. Помал проблем се членовите на владата, оти „мангупите во сопствените клупи“ во Бундестагот овој договор колку толку ги обврзува послушно да креваат раце за мерките на коалициската влада.
Брзањето е нужно и заради рекордниот број новозаразени со коронавирусот. Во завршната фаза од заминувањето на канцеларката Меркел и нејзиниот тим изостанаа дури и претходните недоследни мерки во борбата против пандемијата. Сè посериозната ситуација со пандемијата ги натера коалициските партнери да прифатат некои од формулациите со кои можеби и нема да бидат најсреќни, но кои обезбедуваат каква-таква ефикасност во борбата со коронавирусот.
Воведните зборови од договорот звучат бомбастично: „Да се одважиме за поголем напредок: сојуз за слобода, праведност и одржливост“, а 177 страници сведочат колку било тешко да се пронајде заеднички именител и да се открие како воопшто да се владее со три партии зад кормилото. Во последното поглавје од договорот каде се опишуваат „начинот на работа на владата и фракциите“, на прво место се истакнува дека меѓу партиите „нема да има несогласувања“.
Во самиот договор многу се чувствува преговарачката позиција на Зелените: поимот клима во различни контексти се споменува 198 пати, додека Европа се споменува само на 74 места. И во преамбулата владата истакнува дека „највисок приоритет“, впрочем, ѝ е да ја следи идеологијата на Зелените, оти „заштитата на климата обезбедува слобода, праведност и одржлива благосостојба“. Сепак, престанокот на користење јаглен ќе се спроведе до 2030 година, но само „во идеални околности“. Тука сосема јасно може да се препознае ракописот на либералите зашто за сите амбициозни планови за заштита на климата предуслови се економичноста на таквите мерки и зачувувањето на работните места во Германија - и секако тамошните компании.
Според договорот, оваа влада најавува „вложување дополнителни средства во досега невидени размери“ не само за продолжување на економското закрепнување после коронавирусот туку и за да се трансформира целата индустрија според исполнувањето на климатските цели со кои затоплувањето на планетата би се ограничило на 1,5 степени. За постигнување на оваа цел се смета не само на државните туку и на приватните вложувања. Споменувањето на „јавно-приватните партнерства“ исто така покажува дека „жолтите“ се во владата. Но после безброј случаи на јавни проекти во кои сиот ризик го сносеа градот, општината или покраината, а сета добивка одеше во џебовите на приватните инвеститори, во барањата за целосна транспарентност на таквите проекти и за нужните докази дека приоритет е јавната корист“, во договорот се препознаваат „црвеното“ и „зеленото“ мастило. Од друга страна - иако тоа го пишуваше во изборната програма и на социјалдемократите и на Зелените, во поглавјето Мобилност јасно пишува: „Нема да има општо ограничување на брзината на германските патишта“. Задоволен е и копнежот на Зелените на патиштата да се тркалаат само електрични автомобили со продолжување на мерките за поддршка и амбициозната цел до 2030 година да има најмалку 15 милиони такви возила. Но, и во овој случај има ограничување дека индивидуалната мобилност мора да стане „достапна за сите“ и заради руралните делови од земјата.
После поглавјето Заштита на климата во социјално-економска пазарна економија, потоа поглавјето Почитувањето, можностите и социјалната сигурност во модерниот свет на трудот, и поглавјето Можности за деца, силни семејства и најдобро образование низ целиот живот, и Слободата и безбедноста, рамноправноста и разновидноста во модерната демократија, најпосле како седмо поглавје на 127 страница доаѓа Германската одговорност за Европа и светот. Се истакнува свеста за одговорноста на Германија како четврта економија во светот, но и кај Европа партнерите можат да се сложат само околу убавите желби. Сепак, коалициските партнери сакаат да поддржат Унијата да се развие во федеративна европска држава која ќе биде „децентрализирано организирана и според начелата на супсидијарност и ускладеност“.
Германија тежнее кон сложно развивање на целата Унија, но ако е нужно, во таа насока ќе чекори само со одредени членки. Дејноста на Советот на Европа треба да биде потранспарентна, исто како што и за одлуките на Европскиот парламент во Европската комисија би требало да има повеќе слух. Од Комисијата, пак, се бара „подоследно и побрзо“ да ги користи инструментите кои ѝ стојат на располагање, а во таа смисла се најавува согласност на Германија за Европскиот фонд за обнова само „ако се исполнети предусловите како што е независното судство.“ Секако дека тука се мисли на Полска, но и официјален Загреб - и заради несреќниот закон за заштитените станари - би можел да се замисли за искажаната поддршка од Европскиот суд каде иден Берлин ќе сака граѓаните да бидат во можност да се обратат и кога станува збор за областа на националното право.
Накусо: Германија се залага за вистинска заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика на Европската унија. Исто така тежнее кон поголем „стратешки суверенитет“, особено во енергетиката, здравството, увозот на сировини и дигитална технологија, но „Европа да не се отцепи од светот“. Дури на 133 страница почнува да се зборува за најважниот од сите овие планови и желби: за парите.
„Стабилноста на цените е елементарна за благосостојбата на Европа. Мошне сериозно ја сфаќаме загриженоста на луѓето заради сè поголемата инфлација. Европската централна банка, која пред сè беше обврзана да ја следи целта за стабилност на цените, најдобро ќе ја исполни таа задача ако се води одговорна политика за буџетите и на Европската унија и на државите членки“. Во тој поглед може да се очекува и важна одлука на новата германска влада за наследникот на претседателот на германската централна банка (Бундесбанк) Јенс Вајдман, кој, иако не мораше, одлучи да отстапи кон крајот на годината. Го биеше глас на „тврдолинијаш“ во Советот на европската централна банка кога станува збор за стабилноста на еврото, а цитираниот пасус сугерира дека и неговата наследничка или наследник нема да има значително поинаква позиција.
Најпосле, последното осмо поглавје е насловено како Инвестиции во иднината и одржливи финансии. На почетокот се констатира дека и мерките во санирањето на последиците од пандемијата и инвестициите кои ќе водат кон климатска неутралност на германската економија, неминовно ќе направат длабока дупка и минус во германскиот буџет. Сепак, веќе за 2023 година е ветено враќање во „нормала“ каква што е одредена и во Уставот зашто „Германија мора и натаму да има водечка улога во обезбедувањето (финансиска) стабилност во Европа“. И тука може да се претпостави дека Либералите повторно ја „стиснале запирачката“.
За Договорот има уште многу детали, но германската јавност најмногу ја интересираат имиња и презимиња. Секако, канцелар е Олаф Шолц, но како што стојат нештата во моментов, нов министер за финансии ќе биде претседателот на Либералната партија Кристијан Линднер. Либералите редовно се прва алтернатива за гласачите христијански демократи, ако заради некоја причина не се задоволни од „својот“ кандидат (како што во значајна мера беше со Армин Лашет) така што и во фискалната политика може да се очекува континуитет.
Многу поголема непознаница е министерството за економија: таму не само што доаѓа Роберт Хабек од Зелените, туку во тоа министерство ќе биде интегрирана и заштитата на околината. Варијациите на надлежностите и пишувањето нови табли на влезот од министерствата во Германија не се ништо ново, но министерството за економија и министерството за животна средина од влада до влада веќе традиционално се „природни непријатели“ во застапувањето на своите интереси. Додуша, сега токму од германската индустрија се очекува да стане предводничка во заштитата на климата и животната средина, но дали Хабек ќе успее „да го спои неспоивото“?
Ако некому од Зелените треба да се даде шанса да се докаже, тогаш тоа е Хабек: во предизборната кампања неговата популарност растеше постојано - дури и додека се намалуваше популарноста на главната кандидатка на Зелените, Аналени Бербок. Можеби некој ќе постави прашање за неговата стручност од областа на економијата - студирал филозофија, германистика и филологија, но се покажа подготвен мирно да ги слушне аргументите на соговорниците и да се впушти во конструктивна дискусија. Кандидатката за канцеларка на Зелените требаше да го преземе министерството за надворешни работи, а во тој контекст треба да се види дали барем таму ќе покаже и дипломатски способности и способност своите зелени политички гледишта да ги стави зад интересите на Германија.
Но веќе има отпор против новиот договор, а најмногу критики се слушаат токму од редовите на Зелените: премногу „меко“, премногу „неодредено“ и попустливо... Кај Зелените допрва претстои „чистка“: не се заборава дека прогнозите во еден момент зборуваа за 27 проценти од гласовите, за на крајот да излезат скромни 14,8 проценти. Бербок ќе најде прибежиште во министерството за надворешни работи, но тоа не ја запира битката на двете главни фракции на Зелените: „реалните“ во кои се вбројуваат Бербок и Хабек, и „фундаменталистите“ кои се уверени дека тие сепак би постигнале подобри резултати.
Имињата на сите министерки и министри ќе ги знаеме дури кога ќе положат заклетва, но поделбата на ресорите веќе е во коалицискиот договор: социјалдемократите освен канцелар ќе имаат и свој член како шеф на неговата канцеларија - што исто така е должност во ранг на министер и тој има многу работа да ги смири духовите (партиски) во владата. СПД ги добива и министерствата за внатрешни работи и татковина, потоа труд и социјала, одбрана, здравство, градежништво (Шолц ќе може да ги исполни своите амбициозни планови за голем број нови станови), како и министерството за економска соработка и развој.
Зелените, освен „супер-министерството“ за економија и заштита на животната средина и министерката за надворешни работи, поставуваат челник или челничка во министерството за семејство, сениори, жени и младинци, за околина, заштита на природата, нуклеарна безбедност и заштита на потрошувачите и министерството за храна и земјоделство.
Либералите, пак, исто така можат да бидат задоволни зашто освен финансиите го добија и правосудството, потоа сообраќајот и дигитализацијата, како и образованието и науката.
Можеби единственото нешто што барем некои медиуми уште повеќе ги интересира од составот на идната дваесетта германска влада, е каква музика на заминувањето ќе побара канцеларката Меркел од воениот оркестар кој ѝ приредува свечено испраќање.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://ideje.hr/