Што сè ни открива платата за животот

06.12.2021 01:27
Што сè ни открива платата за животот

Меѓународната мрежа на синдикати и невладини организации Clean Clothes Campaign, која се занимава со условите за работа во текстилната индустрија на глобално ниво, неодамна ги објави пресметките на платите за живот во 15 земји од централна, источна и југоисточна Европа. Според нивната методологија, пресметките ги земаат предвид реалните трошоци за живот на работничките и работниците за храна, домување, облека, транспорт, образование и здравствена заштита, како и можноста за одвојување мал дел од парите за непредвидени трошоци. Наодот од истражувањето кој вели дека сите законски дефинирани минимални заработки во овој регион се наоѓаат под линијата на сиромаштијата, како што е дефинирана во ЕУ, и дека во просек овие заработки покриваат само една четвртина од износот за платата за живот, звучи многу вознемирувачки. Преголемиот јаз помеѓу заработката на работничките и работниците од регионот која ги покрива трошоците за елементарно достоинствен живот не зборува само за длабоката сиромаштија кај голем дел од населението во Европа, туку пред сè посочува на ослабената позиција на светот на трудот и губењето на улогата на државата како гарант за социјална сигурност на населението.

Зошто сме евтини?

За да ја разбереме актуелната положба на синдикатите и владите во регионот, потребно е да се осврнеме на геополитичкиот контекст и макроекономските движења во рамката во која земјите од источниот блок се интегрираа на глобалниот пазар. Падот на Берлинскиот ѕид значеше еуфорична победа на неолибералната мантра заради која најпосле беа укинати сите бариери за напредокот и дека слободната циркулација на капиталот најпосле на сите ќе им даде можност за непречен развој. Преведено во практиката тоа значеше дека прво треба да се лишат од сите административно бирократски реликти на социјалистичките режими под патронат на Светската банка. Реформските барања кои требаше да се исполнат се однесуваа на макроекономска стабилизација, либерализација на цените и пазарите, цврсти буџетски ограничувања на банките и претпријатијата, приватизација, реформа на правосудниот и даночниот систем и реформа на институциите од јавниот сектор. Одредувачките и посакуваните консеквенци од спроведените реформи беа токму слабеењето на регулаторната улога на државата и усогласувањето на законодавството во корист на меѓународните институции. Потполно незаштитеното домашно производство го сомле конкуренцијата, а комплетната економија преку ноќ речиси стана сосема зависна од странскиот капитал. Брзо се покажа дека единствен влог на земјите од источниот блок во интеграцијата на глобалниот светски пазар е продажба на работната сила и природните ресурси. Истовремено, за глобалниот пазар на трудот огромниот контингент нови работнички и работници значеше и зголемување на глобалната резервна армија на работна сила и последично намалување на цените на трудот на глобално ниво. Според авторката Интан Суанди, покрај деаграризацијата, една од причините за зголемувањето на глобалната резервна армија на трудот во последниве неколку децении претставува токму интеграцијата на работната сила од поранешните земји на источниот блок (вклучувајќи ја и Кина) на глобалниот пазар. Никогаш немало повеќе работна сила и таа никогаш не била поевтина! Од друга страна, од седумдесеттите години на 20 век век глобалните разлики во цената на работната сила помеѓу развиените земји и земјите во развој стануваат главен мотив за преместувањето на капиталот од центрите кон периферијата. Замената на поскапата работна сила од Глобалниот север со поевтина работна сила од Глобалниот југ како „тактика за прежувување“ под притисокот на намалувањето на трошоците за производство - преку глобалните ланци за снабдување - станува доминантен облик на организација на светскиот пазар. Пософистицираните делови за производство остануваат во центарот, работно интензивното производство се сели на периферијата. Во исто време, укинувањето на бариерите за непречено укрупнување на капиталот доведува до енормен раст на моќта на мултинационалните компании кои потполно ги диригираат светските финансии и ја обликуваат структурата на светското производство. Сиромашните и осиромашени држави единствено можат да застанат во редот намалувајќи ги заработките и уривајќи го работното законодавство за да се покажат како поисплатливи од другите и за да ги вклучат како моментална профитабилна алка во некои од глобалните ланци за снабдување. Во тој контекст сервилноста на државите кон странскиот капитал преку брутално уништување на стандардите на работниците, пред сè ги отсликува односите на моќ на глобално ниво и имањето и немањето маневарски простор во рамки на националните граници да се води некаква независна економска политика. Слично е и со синдикатите, откако приватизацијата им се одби од глава со значајно намалување на членството, откако се покажаа како недоволно влијателни значајно да го спречат уништувањето на работното законодавство - нивната пат позиција се согледува во недоволните капацитети, законските ограничувања на синдикалната активност и фактот дека локалните директори и менаџерите на фабриките имаат минимални овластувања кога станува збор на условите за работа, а апсолутно никакви кога станува збор за износите на заработките.

Колку сме евтини?

Во ситуација во која мал број компании имаат монопол над светскиот пазар со добра и услуги и каде голем број земји и приватни производствени погони им се нудат на исти нарачатели на добра, заработката станува политички договорена категорија која нема допирни точки со животниот стандард во одредена земја. Приоритет е да се најде буџет кој ќе овозможи трошоците на производството на компаниите, како краен работодавач, да бидат што пониски и така да се вкалкулира најниска можна заработка која работниците од една земја би биле подготвени да ја прифатат.

Не сме евтини, бесплатни сме! За дометот на структурната вообразеност на мултинационалните компании можеби најдобро зборува податокот дека за првите три месеци од пандемијата во 2020 година на работниците од текстилната индустрија на глобално ниво им се должат помеѓу 3,2 и 5,8 милијарди американски долари за неисплатени плати и законски обврзувачки надоместоци. Кога глобалната криза тропна на вратата брендовите (мултинационалните компании) без пардон почнаа да ги откажуваат нарачките на своите добавувачи и одбија да ги платат веќе произведените контингенти со облека. Работниците ширум Глобалниот југ среде пандемиската агонија останаа без работа и без каков било вид компензација, на неодредено. На тој начин товарот на кризата падна на најчувствителните слоеви од населението без никаква заштеда, кои евентуално ќе можеа да ги амортизираат и онака презадолжените држави. Заради илустрација вреди да се вметне и податокот дека Бернар Арно, францускиот „папа во светот на модата“, сопственик на мултинационалната компанија и конгломерат ЛВХМ, во 2021 година стана новиот најбогат човек на светот.

Има ли надеж?

Ако поаѓајќи од износот на платите за живот преку соборувањето на цените на трудот на глобално ниво дојдеме до хиперексплоатацијата на работната сила на Глобалниот југ, јасно е дека перпетуирањето на нееднаквоста е инхерентно за актуелниот политичко-економски систем. Светот на трудот во земјите чија економија се темели на вклучување во глобалните ланци на снабдување нема речиси никакви лостови на моќта со кои би се спротивставил на мултинационалниот капитал во рамки на националните граници. Повеќето влади од сиромашните земји, дури и кога би имале волја, немаат овластувања да инвестираат во сопствената економија спротивно на правилата на глобалниот пазар - а притоа да не бидат казнети! Покрај бруталната експлоатација на работната сила, дивеењето на мултинационалните компании ширум планетата, ги следи и брутална експлоатација на природните ресурси, па извесно е дека поставката на Роза Луксембург „социјализам или варварство“ не е некакво тенденциозно заострено прашање. Можеби токму затоа се појавуваат сè повеќе иницијативи за скромно, но за светот на трудот потенцијално значајно, ограничување на моќта на крупниот капитал и поправедна дистрибуција на богатството од центарот кон периферијата во рамки на постоечкиот систем. Најновата вест стигна во април 2020 година кога Европскиот комесар за правосудство Дидие Рејндерс објави дека Европската комисија ќе воведе задолжителна детална анализа за заштита на животната средина и човековите права во рамки на глобалните ланци за снабдување, а со цел „корпоративните ентитети да дејствуваат проактивно за да ги спречат ризиците од кршење на човековите права“. Воведувањето детални анализи во националните законодавства на работниците би им дало можност своите проблеми да ги решаваат во правна рамка адресирајќи директно до врвот на производствениот ланец без оглед на тоа што компанијата не се наоѓа во нивната земја, односно, мултинационалните компании би биле директно одговорни за почитувањето на работничките и човечките права за целиот ланец на снабдување. Пред да се затруби за реформизам од радикално леви позиции, можеби би требало да се осврнеме на материјалниот интерес на работништвото од хиперексплоатираниот Југ од ваквите иницијативи, а долгорочно да се размислува како треба да изгледа организацијата во светот на трудот која на најдобар можен начин би ја искористила најавената легислатива и би отворила можност за прекугранично и регионално поврзување на работната сила. Во тој контекст, концептот плата за живот со барање мултинационалните компании да направат редистрибуција на богатството повеќе се покажува како алат и можна појдовна точка на заедничкиот отпор отколку како крајна цел, ако за крајната цел размислуваме како за промена на општествено политичкиот систем.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Eva Donckers

Извор: https://zajednicko.org/

ОкоБоли главаВицФото