Новите! 2021: петте најдобри ракописи

06.12.2021 17:43
Новите! 2021: петте најдобри ракописи

 

Годинава жирито на наградата „Новите!“ во состав: Петар Андоновски, Андреа Делипапаз и Фросина Крушкаровска како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2021 ги издвои следниве пет автор(к)и: Ана Алексовска, Марија Ангеловска, Димитар Арнаудов, Ива Дамјановски и Јордан Николов

Денес објавуваме извадоци од нивните ракописи.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен при крајот на месец декември.

Покровител на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.



Марија Ангеловска
„Глава што лебди“


Траги

Ирис лежи на пластична лежалка на преполната плажа. Сочевината ѝ ги топи капките што се цедат од нејзината долга светла коса и ѝ го скокоткаат јагулестото тело. Жешко е. Сонцето пече посилно секоја година. Таа се преместува во густата дабова сенка на плажата. Погледнува кон водата што едвај наѕира од зад луѓето привлечени како рој пчели од нејзината свежина. Се препуштаат на ветрот што рамнодушно ги дипли брановите како домаќинка што го има цело неделно попладне на располагање.

Вревата на туристите, басот на диџејот и тропањето на чашите на шанкот во барот закотвен помеѓу крупните камења создаваат музика на која едно залутано жолто ќесе танцува со ветрот. Ирис внимателно го следи танцот. Ќесето уморно полетува кон водата и мирно си отпловува меѓу децата кои со гуми за пливање шлапкаат во плиткото и бркаат еден лебед во близина. Еден родител реагира вознемирено, плашејќи се дека лебедот може да го исплаши неговото дете. Почнува да вика и гласно да предупредува. Се придружуваат и други родители.

Зелените очи на Ирис се затвораат и звуците полека стивнуваат, тоне, како да се дави, во звуците на брановите – единственото што сега го слуша. Бран по бран, и мислите ѝ се брануваат. Здив по здив, се смируваат. Си ги полни градите со свеж воздух измешан со штотуку испуштен чад од цигари од околните пушачи. Чувствува како ѝ циркулира низ вените од прстите на стапалата, по нозете, колковите, стомакот, рацете, прави круг во нејзината глава и полека како пареа ѝ излегува од устата. Нејзините гради го собираат и го испуштаат воздухот. Се стишуваат. Нејзината дијафрагма се шири и одново се опушта. Еднаш, двапати, трипати. Потполна тишина. Времето онемува, се заглавува, истинува. Она што е значајно останува, она што не е – исчезнува!  Но, сè уште го чувствува здивот. Ѝ струи низ носните празнини исполнети со тенки влакненца, кои се навалуваат како тревки што воздухот при излегување ги прегазува.

Ирис ги отвора очите, погледнува наоколу и сфаќа дека плажата е празна. Нема ни луѓе ни лежалки. Го нема ни кафулето, ни децата во водата. Само еден издишан душек залулан во плиткото. До неа се појавува лебед кој нервозно колве меѓу камчињата. Грицка неколку стари смоки и неколку отпушоци, мислејќи дека се храна. Луто го врти вратот и го растресува задникот, а потоа се вивнува кон водата над која надвиснало раскошно виножито. Покрај околниот пејзаж пресликан врз водната површина, виножитото изгледа како насмевка, а планините како подзамижани очи. На лебедот сега нема кој да му пречи додека ужива во својот дом.

Ирис сака да се разлади и да влезе во водата. Се обидува да стане, но забележува дека не може да се помести. Вкочанета е и не може да си ги види ниту помрдне екстремитетите. Повеќе не си го чувствува телото. Како целата да трнее. Само уште може да гледа со очите. Единствено тоа ѝ потврдува дека сè уште е присутна. Почнува да трепери од збунетост и страв. Постои, но како нем сведок на сопственото постоење. Се чувствува мирис на изгорено. Сонцето пече сè посилно. Здив по здив, ја чека водата што се бранува. Бран по бран, ги пушта мислите да отпловат кон жолтото ќесе што сѐ уште лебди таму некаде. Косата ѝ станува виолетова. Телото лесно ѝ позеленува. Уште само двапати трепнува и веднаш заборава на светот што го беше видела. Останува немо да се вее над песокот заедно со уште неколку други ириси близу каменот, додека црвчиња и мравки им ги скокоткаат корењата.

 

Димитар Арнаудов
„Генерална теорија на лудилото“

Ad lucem

 

Обвинет сум за предвидување на иднината преку толкување разни симболи. Со право, ми вели кадијата. Денеска постојат апчиња за сите видови нарушувања.

Адвокатот кимна со глава. Во право е, ми рече. Само си го губиш времето.

Но јас, освен толкувач бев и реставратор. Не ја предвидував иднината, само ги заменував пилулите, реставрирајќи скриени симболи и вредно запишувајќи ги.

„Три месеци во ќелија“, чукна кадијата со чеканчето, стана и си отиде.

„Три месеци во ќелија“, рече адвокатот и се напи алпразолам.

Сосед во затворската ќелија ми беше извесен продавач на средновековни книги, дервиш, Аба Џафер, кој со својата големина ја исполнуваше ќелијата.

„Нема лице што нема да се избрише како некој сон“, ми рече. Неговата азбука не ја познавав, но соништата ни беа идентични. Не разговаравме многу, само разбрав дека е суфист од Босна.

Ќе преминам сега на претпоставките и цртежите што ги направив тогаш во затворската ќелија.

Мојот сосед секогаш изгледаше пропаднат и задуман. Го насликав како алкохоличар на голема авенија во Њујорк и во прологот ја напишав реченицава: „Човекот е повреден од другите, но неговата несфатливост го донела до бунило и неуреденост.“

Го замислувам вака: Седи во просторија исполнета со слики, некаде далеку на село, и кај него доаѓааат млади момчиња и девојки да им ги толкува соништата. Тој им вели: „Зборувајте, а додека зборувате јас ќе ги толкувам вашите соништа.“

Замислив едно момче што сонувало дека има надуен стомак и оди кај него, па почнав да го сликам. Од стомакот му излегува голема змија, опшиена со јаже. Момчето сиот живот било грбаво. Откако го кажало сонот, тоа наеднаш се исправило и станало дете.

Тоа го протолкував вака: Змијата опшиена со јаже е патеката на човековиот живот. А вертикалата е детството.

Една од неколкуте претпоставки и цртежи што ги имав направено претходно, а на која се сетив, беше и едно џиновско разгрането дрво, каде стеблото беше обвиткано во полукруг со паразитско растение, а најгоре, во вертикала распнат полугол човек.

„Ги продадов своите соништа за еден сребреник“, тивко ми шепка соседот суфист. „Утре ќе излеземе одовде, ќе излеземе одовде... “

Наутро, кога ќе чукне осум часот, јас, а и Аба Џафер, ќе бидеме физички мртви. Ќе бидеме блиски со сенките на нашите предци, а на некој начин тоа и сме.

Судот постапи правично. Штом дојде осум часот чуварите нѐ изнесоа надвор, но не знаеја кои сме, затоа што за нив сите бевме исти – луди и ненормални.

А надвор ние бевме деца. Оставени на хоризонтална патека, една бескрајна полусфера која води до бескрајот и опколени со четири реки.

Кога му го видов лицето на Аба Џафер, го препознав соседот од моето маало. Со насмевка ми го покажа сребреникот што го купил. Јас и тој седевме на клупа и игравме шах.

Аба Џафер сигурно веднаш ме препознал.

Судот пресуди правично!

8.10.2021

 

Јордан Николов
Балоните над Конзулвил

 

(...) Додека ја читам рецензијата крвта ми зоврива, а желудникот болно ми се грчи.

„Па ова рецензијава недвосмислено потсеќа и ‘мириса’ на рецензијата кон мојата дебитантска збирка раскази! Ова е истиот осврт само што текстот е претенциозно распарчен и изваден од контекст. Прешиени се составните делови по инаков терк и кројка и бесрамно и препотентно се величаaт (наводните!) инвентивност и луцидност на раскажувачката техника! Дури и од името и презимето на авторот на рецензијата е направена игра на зборови, т.е. ремикс!“

Додека вака врескав во себе, стигнав и до содржината на делото (односно: Tracklist-ингот на миксаниот роман, исто како што е ред и пракса при објавувањето на ди-џеј сет на носач на звук). Таму ги гледам, фино-лепо, наведени сите извадоци од литературни дела (нормално ремиксани од Д-р Бре), и на мое огромно запрепастување, ги гледам наведени и расказите потпишани од мене (некои од збирката раскази, некои објавени на веб страни од областа на културата) – исто така, ремиксани и потпишани од Д-р Бре!

Збеснав!

Почнав да вртам како пес во круг и растроено да мафтам со рацете кон Небото: „Ова не е фер, премудар Ананандранандра! Ова беше моја идеја најмалку дваесет-и-кусур години наназад! Овој надрилекар - без око да му трепне - ми ја украл! Откаде му право на мои раскази да им прави ремикси, без да ме праша за дозвола!?“

Тогаш слушнав некој од прозорецот, веднаш над мене, како ми довикува:

„Ало дечко, муце, внуче, брат! Да не сакаш да ти фрлам едно дијазепамче за со вињакот – да се смириш?“

 Ја кревам главата да видам од каде доаѓа гласот, и гледам дека тоа е она фреаерчето со шатираната коса и со скинатите фармерки.

„Од каде знај дека пијам вињак!?“ си помислив, и тогаш, одеднаш, просветлен, сфаќам дека она што ме извади од памет во врска со книгата воопшто не е битно. Каде ја нашол збирката, дали му се допаднала или ја злоупотребил и искасапил, дали сум му ја подарил (без да знам кој е), или ја купил – ништо од тоа не е битно.

 (...)                 

Кога батлерот на Ананадранадра се дрзна да го разбуди својот господар од попладневната дремка и му ја соопшти горливата новост дека во центарот на Конзулвил, веднаш до градскиот стадион, се складирани тон и половина незаштитени и неексплодирани убојни средства кои, како од шега, би можеле да го збришат половина град, тој, сè уште кенкав и раздразлив (оти беше „Kill Bill“ во сонот) побара итно да му се принесе вообичаеното ⅝ еспресо и 3 чаши вода заедно со 9,500 mg Ц витамин (нашето, обично, непросветлено тело не може да ја апсорбира толкавата вредност, но за Ананадранадра тоа е малку под просекот). Веднаш по кофеинскиот kick тој ноншалантно (и сè уште во пижами) се упати кон стадионот. Штом го здогледаа сите домашни гледачи како еден застанаа во став „мирно“, и не мрднаа седум минути, додека тој, намерно бавно и лежерно, се доближуваше до локацијата каде ги ископале гранатите.

И фудбалерите и судиите (на кои ова не им е прв пат да гостуваат во Конзулвил) го запреа натпреварот и застанаа во став „мирно“. Само уште гостинските навивачи и натаму скандираа и навиваа (кутрите, сè уште несвесни пред каква големина присуствуваат и дека ваквата непочит е недозволлива), па Ананадранадра само ги прострели со еден поглед и тие замолкнаа како залеани. Веројатно не ни мора да кажам дека веднаш потоа и тие застанаа во став „мирно.“

Ананадранадра стигна до бомбите и, со доза на досада, едноставно им заповеда да не пукнат.

Тие не ни зуцнаа.

Се врати дома и си го пушти она што YouTube со нотификација му го нудеше како најново издание на неговиот омилен stand-up комичар.

Додека гледаше, замислувајќи дека кога ќе порасне ќе биде како него, од нигде-никаде, се запраша дали навистина верува во моќите кои толку очајно и шарлатански ги убедува другите дека ги поседува, или навистина ги поседува?

Зашто гранатите, нели, не пукнаа.

 

Ива Дамјановски

„Четвртиот ѕид (експериментална наива во 7 димензии)“

 

(...)„Пост-вистина.“

Зборот одекна меѓу болничките ѕидови на галеријата. На плочките на подот капка по капка се формираше црвен вир.

„Знаеш ли дека едно лингвистичко истражување покажало дека тоа е зборот на денешнината?“

Тоа го рече девојката. Се чинеше дека им е пријатно што се во галерија и што имаат оправдана причина речиси никогаш да не се погледнуваат право в очи. На нејзините зборови тој само благо и цинично се насмевна. Од челото му капеше крв. Двајцата носеа обична облека во темни бои, лицата им беа валкани. Таа продолжи:

„Постмодерна, пост-вистина – какво е ова време? Ова е епохата на култот на деривативноста на сѐ што било досега. Пост-време. И што може да има по времето што се дефинира себеси како времето отпосле?“

„Ништо. “

„Сигурно така и ќе биде. “

Краток молк. Малечкото езерце крв излегуваше од своите рабови и се ширеше по подот. 

„А ова дело? Каков е овој гротескен анахронизам?“, праша повторно таа.

„Пост-постмодерна?“, се насмеа момчето и ја погледна за момент, доволно за да види дека и таа се насмеа.

„Пост-вистина е само еден нов и убав збор за лага. Тоа е сѐ што е ова време – лага. И нема да има ништо пo него.“

„Така е. Нема да има ништо по него. Само можеби ова време ќе трае многу долго.“

Капе црвено.

„Тогаш зошто сево ова?“, сега девојката беше свртена кон соговорникот и во раката стегаше една од плочките Ц-4 што ја беше извадила од џебот.

„Каква е оваа револуција? За која иднина се бориме? Јас не ја сакам иднината, светот и онака има премногу иднина.“

Капе црвено.

„А сите тие бегаат, ги презирам, кукавички ѓубриња. Нема ни да останат, ќе побегнат кога ќе биде најстрашно, со толкава леснотија ќе го сторат тоа. Ми се гади од нив. Ќе се вратат кога ќе стивне огнот и ќе ги продаваат бегалските авантури. Бегалците секогаш живеат подолго од тврдоглавите“, се насмеа девојката гордо.

Уште малку тишина. Капе црвено.

„Знаеш, кога ќе умреш, нема да исчезнеш. Тоа е лага. Кога ќе умреш не исчезнуваш ти, туку сѐ останато“, рече момчето, сега загледано во бомбата.

Капе црвено.

„Јас нема никогаш да умрам“, рече девојката тивко.

„И смртта е лага“, се насмеа.

Ја бакна раката во која девојката го држеше експлозивот, додека на подот капеше црвено.

Дамката на подот сигурно ќе остане таму засекогаш. Од четката во раката на Бери капеше црвено на подот, а тој не ни забележа. Ѕидовите беа темно зелени. Старците зад големата маса се надвикуваа во тишина, едниот од нив одвреме-навреме погледнуваше кон Бери и кимаше во одобрување. Адам седеше до жената во жолто држејќи ја нејзината дланка меѓу своите. Таа упорно гледаше во платното што ја губеше белината. Во собата беше темно, свеќникот беше изгаснат. Всушност, тоа не е точно. Свеќникот не можеше да биде изгаснат бидејќи никогаш не бил запален. Низ прозорецот влегуваше слаба светлина. Сигурно надвор се смрачуваше. Бери беше задлабочен во својата работа, потезите му беа брзи и остри и погледот му беше цврст. Сем седеше во аголот меѓу некои неисчистени срчи, со лудачка насмевка на лицето. Очите не му се смееја, само устата. Никој не се осмелуваше да го погледне. Движењата на сите им беа бавни, успорени од густината на тишината. Сем полека се сврте кон сенката зад него. Вториот земјотрес се случи точно кога Адам ја крена раката што му беше оставена на чување и ја бакна.

 

Ана Алексовска

„Урбана сликовница на она што никој не го забележува“

Слика 10: Билјард топка

 

Тој ден салата за играње билјард беше силно зачадена. Беа собрани тројцата неранимајковци од училиштето и имаа веќе седма тура пивски флаши до себе. Мислеа дека играат но всушност само млитаво ги промашуваа топките зборувајќи за девојките со кои ги минале претходните ноќи. Се фалеа и тоа беше ужасно за слушање, особено зашто верував дека ништо од тоа не беше точно.

Беше март и надвор студеше. Здивот оставаше бела патека во воздухот. Така смрзната влегов во клубот и посакав да се стоплам со рум и чај. Тоа често го пиев за време на студиите а и французите делуваа како луѓе кои не би ме осудиле поради таквиот избор. Во тие години, често се грижев за мислењето на другите и правев соодветни избори.

Во аголот од клубот Барбара силно изби две топки од ѕидовите на билјард масата. Помислив дека срцето така ѝ бие. Го повторуваше потегот како ритуал. Но одеднаш го спречи летот на топките притискајќи ги одозгора, како да граба разитани глувци и со втренчен поглед во празно пред себе длабоко издиша.

„Македонка, што ќе пиеш?“, еден од пијаните момци ме прекина во набљудувањето.

Му намигнав и благо ја кренав дланката, сакајќи да му доловам дека нема потреба од втурнување и вознемирување. Се упатив кон Барбара. Таа беше во мојата класа. Учевме заедно веќе цела година и секогаш беше малку понастрана од останатите. Мене ми беше интересна бидејќи ми се допаѓаа нејзините дела и секогаш делуваше како да има што да раскаже.

„Како е?“, се обидов да ѝ се приближам.

Кратко ме погледна и го спушти погледот кон топката што ја стегаше во десната рака. Ја втри во место неколку пати пред да ја лансира кон работ. Изгледаше како да си ги убива мислите со овие удари. Некое време стоев покрај масата, преправајќи се дека се обидувам да ја разберам играва што ја измислила.

Таа удираше. Отпив од чудниот грог и направив чекор наназад. Само што не бев исчезнала во чадот, Барбара ме довикна:

„Македонка!“

Застанав.

„Се чувствуваш како да не припаѓаш тука?“, нејзиниот глас проби до мене.

Не знаев што да ѝ одговорам. Само се приближив повторно до масата, направив едно несигурно „не“ со главата и ја оставив чашата на работ до чојата. Се гледавме со Барбара во очи и се чинеше дека чадот во собата станува сè погуст. Барбара издиша и меко ја фрли топката, која тивко клапна во една од дупките.

„Сакам да знам како е кога си многу различен од другите...“, рече некако тажно и замислено. „Кога другите те гледаат како различен“, заклучи.

Не сум сигурна што ѝ се моташе низ глава. Сепак, знаев дека требаше да кажам нешто поврзано со судот на другите. Очигледно, таа борба ни беше заедничка. Имав размислувано на таа тема и лесно ги најдов зборовите:

„Па тоа нема толку врска со она што другите го мислат за мене. Поважно е дека... не сум уште подготвена да се видам себеси на тој начин. Еве, затоа и пијам грог, во обид да се вклопам.“, реков, насмевната. Впрочем, малку ми беше непријатно. „Зашто знаеш, ако не се ни обидам да се вклопам, значи дека ми е сосема во ред да бидам аутсајдер.“

Таа ме загледа без да се насмевне. Мислам дека мислите ѝ стивнаа. Ми кимна со главата во знак на благодарност и продолжи да ги допира топките, но овој пат едвај чујно и полека ги туркаше кон рабовите. Нешто многу сериозно размислуваше и ја оставив во нејзината магловита приказна.

Утредента Барбара не дојде на предавањата. Не дојде ни следните денови. Почна да се шушка дека татко ѝ бил во затвор, дека направил некое криминално дело и дека долго бил вмешан во тоа. Некој спомена дека Барбара ќе мора сама да се грижи за брат ѝ. Тогаш некој друг додаде дека вечерта ќе има добра партија билјард во клубот и дека ќе дојдат студенти од музичката академија па одлучивме сите да одиме таму на грог и пиво.

Покрај масата за билјард таа вечер немаше никој. Се загледав по рабовите од масата – сѐ уште можеа да се видат трагите од силните биења на Барбара. Не можев да го оттргнам погледот од нив.

„Македонка, што ќе пиеш?“, ми довикна Пјер.

Не сакав да пијам грог таа вечер. Можеби имаше врска со трагите од топките што како да ги чувствував по себе.

„Фанта.“

„Сериозно?“ – ме праша Пјер без да го чека одговорот. Нарача седум грога и фанта.

Тогаш ме обзеде некое чудно чувство на слобода. И сфатив – немаше врска со трагите од ударите на топката. Имаше врска со тоа што конечно бев подготвена да се доживеам себе како она што објективно и бев – аутсајдер.

Истото тоа утро ги купив билетите за дома и бев среќна. Додека се пакував, весело трупајќи предмети во куферот, го вклучив и телевизорот. Одеше прилог за девојка од овој крај која го пријавила татко си во полиција. Можеби се работеше за Барбара, не знам.

Но помислив дека имаше нешто во начинот на кој и двете бевме подготвени да се видиме себеси на одреден начин откако нештата од кои стравувавме станаа извесни. Како што мојата подготвеност да се доживеам себе како аутсајдер се зголеми штом дојде  време за враќањето дома, така, помислив, и Барбара се почувствувала подготвена да се види себеси како предавникот на татка си штом неговите злодела станале очигледни.

Таа вечер, а и ниедна потоа, не нарачав грог.

„Ракија, s’il vous plait!“

Па нека му ја мислат.