Силување на демократијата

07.12.2021 14:01
Силување на демократијата

Три министерски места, три заменички, шест управувачки позиции во јавни претпријатија и институции, 46 директори, 100 вработувања… Тоа не е политика, ниту пак израз на политичка идеологија или програма. Не е ни од далеку демократија, ниту пак начин на функционирање на една демократска држава.

Тоа е пазар. Оној најпрост, неорганизиран, на ледина, сред село. Пазар во кој се плука на раката и се потврдува со чашка ракија.

При таков пазар не може да стане збор за постоење на однапред поставени процедури, критериуми и правила (како суштински елемент на демократијата). Не може да стане збор за стратегии, насоки на развој, вредносни системи. Ниту пак за владеење на правото, континуитет на решенијата и антиципација на настаните и посебно на проблемите од важност за граѓаните.

При таков пазар најзначаен е личниот интерес. Кој колку добива, кој е подобар измамник, кој подобро блефира, кој…

Резултатот од пазарот е исклучително поволен за сите учесници во истиот и погубен за граѓаните на Македонија.

Македонија назадува. Од моментот на осамостојувањето до денес, таа оди по надолна линија. Можеби не формално, меѓутоа фактички, ако се стави во сооднос со движењето и развојот на другите држави (поблиски и подалечни).

Одот надолу е резултат на постојано опстојување на најнеспособни, најнеуки и најпримитивни раководни структури.

Едноставно, резултатите кажуваат сè. Тие зборуваат појасно и поразбирливо и поочигледно од сите партиски реклами, политички говори, добро платени спотови и ретуширани билборди.

Негативната кадровска политика, непрофесионалност и корупцијата, се константа која ги поврзува сите досегашни владејачки структури кои со несмален жар ја пљачкосуваат државата од нејзиното осамостојување до денес (за што секогаш постои кворум и консензус на сите политички партии во позиција и опозиција, а кои имаат влијание врз одлучувањето).

Веќе навистина не станува збор за тоа дали е на власт СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, или ДУИ или Алијанса или Алтернатива или…

Станува збор за тоа:

– колку сме способни да разликуваме добро од лошо (или елементарен доказ за деловна способност);

– за тоа колку сме способни да разбереме дека партиската книшка никако не е диплома, дека партиското назначување значи одговорност пред партијата, а не институционална одговорност, дека законите стануваат право само доколку се донесени во процедура која може да се препознае како правна и во себе содржат такви општи норми кои ја негираат дискриминацијата (како основи на демократијата);

– за тоа колку сме спремни ние самите да се откажеме од корупцијата за да можеме да избереме управувачи кои не играат на картата на нашата сопствена корумпираност (како основа за одговорноста и казнивоста на властодршците);

и

– за тоа колку сме спремни да играме фудбал по правилата кои важат за играње фудбал и баскет според правилата кои важат за играње баскет.

Станува збор за тоа дали Македонија има интелектуален капацитет да направи суштинска промена и да го затвори кванташкиот пазар на кој се одлучува за судбината на граѓаните и да го замени со демократски институции во кои владее правото и кои работат според однапред познати правила, процедури и критериуми.

Карикатури: Vladimir Kazanevsky

Извор за текстот: civilmedia.mk

 

ОкоБоли главаВицФото