Како Кина ја доби контролата врз најважните минерали во Конго

08.12.2021 01:09
Како Кина ја доби контролата врз најважните минерали во Конго

Кинеските рударски компании, поддржани од државните банки, ја презедоа контролата врз највредните резерви на кобалт во Демократска Република Конго (ДРК). Во 2016 година, China Molybdenum ги откупи акциите на американската рударска групација Freeport-McMoran користејќи многу слични средства на оние што ги користеше администрацијата на Никсон за да добие контрола врз минералните ресурси на ДРК во 1960-тите.

И покрај отворениот интерес да се стави крај на зависноста на САД од Кина за снабдување со најважните минерали, и администрациите на Обама и на Трамп застанаа настрана, дозволувајќи ѝ на Freeport да ја предаде контролата над најголемиот рудник за кобалт во светот во рацете на China Molybdenum со продажбата на нејзините рудници за никел и кобалт во ДРК. На Кинезите во купувањето им помогна синот на претседателот Џо Бајден, Хантер.

Кобалтот е многу тврд метал со висока точка на топење и магнетни својства. Неговата употреба вклучува авионски мотори, ракетни мотори и постојани магнети, но неговата најголема примена е во катодите за литиумски батерии.

Администрацијата на Никсон ја сфати важноста да се контролираат богатите минерални ресурси на ДРК со намера да не дојдат под контрола на Советскиот Сојуз. Ричард Никсон го угости претседателот на државата (тогаш позната како Заир), Мобуту Сесе Секо, на вечера во Белата куќа и доцна во ноќта за време на крстарење со брод на реката Потомак беше склучен приватен договор за предавање на концесијата за богатите резерви на никел и кобалт на еден трговец со дијаманти во Њујорк.

Никсон се согласи да му даде на Мобуту три транспортни авиони C-130 Hercules, од кои еден беше натоварен со Кока Кола во вредност од 60 000 американски долари на инсистирање на Мобуту. Друг беше користен од претседателот како негов личен авион, со пилотски седишта обложени со кожа од леопард.

Договорот пропадна, делумно поради тоа што антивладините бунтовници ја затворија железничката врска на рудникот до брегот, а рудникот беше напуштен околу 20 години. Но, тој беше повторно отворен во доцните 1990-ти под контрола на Freeport, која е заеднички сопственик со Rio Tinto на гигантскиот рудник за злато и бакар Grassberg во Западна Папуа.

Во 2012 година, Freeport инвестираше 20 милијарди американски долари во нафтената индустрија, што ѝ предизвика финансиски проблеми кога падна цената на нафтата во 2015 година. Нејзиниот капитал во ДРК беше ставен на продажба, а China Molybdenum со задоволство плати 2,65 милијарди американски долари за овој капитал во 2016 година.

Правниот извршен директор на Freeport го предупредил советникот за национална безбедност на администрацијата на Обама, генералот Џејмс Џонс, за претстојната продажба, но му било кажано: „Нема заинтересиран купувач.“ Договорот беше олеснет од американска компанија за приватен капитал во која Хантер Бајден беше директор.

Кога Freeport минатата година го закачи знакот „за продажба“ на својот последен преостанат имот во ДРК, за кој се верува дека е најбогатото наоѓалиште на кобалт во светот, China Molybdenum повторно беше подготвена да плати 550 милиони американски долари. „Њујорк Тајмс“ објави дека повторно немало дискусија за продажбата во администрацијата на Трамп.

Поранешниот кинески претседател Ху Џинтао го отвори патот за кинеските минерални интереси во ДРК во 2005 година, организирајќи прием за нејзиниот нов 33-годишен претседател, Џозеф Кабила, во Големата народна сала во Пекинг. Потоа следеше договор од 6 милијарди американски долари според кој Кина ќе финансира болници, железници, патишта, училишта и електрични мрежи.

Протекувањето на повеќе од 3 милиони документи од банка со седиште во Габон, BGFI, со која раководеше братот на Кабила, покажа како Кинезите овозможиле 55 милиони американски долари да бидат канализирани за личните интереси на Кабила и неговото семејство како дел од масовна шема за поткуп.

Кинезите сега поседуваат 15 од 17 рудници за кобалт во ДРК. Петте најголеми кинески рударски компании со интереси за експлоатација на кобалт и бакар во земјата можат да користат кредитни линии кај кинеските државни банки во вкупна вредност од 124 милијарди американски долари.

Директните кинески инвестиции во Африка ги надминуваат оние на САД секоја година почнувајќи од 2014 година, додека Пекинг ги поддржува своите економски интереси со сопствен бренд на мека дипломатија.

Превод: Томислав Захов

Извор: https://www.aspistrategist.org.au/ 

ОкоБоли главаВицФото