Мек поредок

10.01.2011 13:54
Мек поредок

Ако сакате да сфатите како во Русија функционира сегашниот политички и општествен поредок, првин морате да знаете кои се двете важни и меѓусебно зависни уверувања на кои се заснова овој поредок.

Првото уверување е општественото препознавање на општата корупција на сите нивоа на државниот и економски живот, и сличното препознавање на целосната несоодветност на постоечките институции (во прв ред правосудните). Ова уверување го споделуваат луѓе од различни политички убедувања и општествени сталежи – трговци, опозиционери, ситни чиновници и политички функционери.

Второто уверување е подеднакво раширено. Од различни причини, се верува дека секаква промена на постоечкиот поредок е невозможна. Со други зборови, препознавањето на ужасната состојба на правната регулација не доведува до соодветното барање за подобрување на ситуацијата. Ова не е некој нов парадокс кој не може да се објасни. Всушност, во економијата за такво нешто постои и назив – „институционална замка“. Лошите институции предизвикуваат значајни загуби во стопанството и незгоди за луѓето, но општо гледано, масите успеваат да се прилагодат кон ситуацијата. И не само тоа, туку еден дел од општеството успева да извлече некоја релативна корист од начинот на кој функционираат овие лоши институции. Вториот дел од општеството се сомнева дека би бил конкурентен во поинакви, засега непознати и тешко замисливи услови. Имајќи го предвид ова, цената за реформирање на институциите се чини преголема, а предностите на реформите недоволно јасни. Ова овозможува зачувување на статус кво, наспроти неговите очигледни недостатоци.

Меки буџетски ограничувања

Според Јанош Корнај, кој го употребува изразот „меки буџетски ограничувања“ за да ги опише основните карактеристики на социјалистичката економија, тие се основниот проблем на диригираната економија. Со овој термин се означува појавата кога претпријатијата не сносат економска одговорност за резултатите на своето работење и можат да го злоупотребат државниот буџет за покривање на своите растечки трошоци. Кон крајот на 1980-те, концептот на Корнајев одигра важна улога во обликувањето на идеите за можните решенија (и проблеми) во реформирањето на социјалистичките стопанства. Овој концепт доведе до неизбежниот круг „либерализација-стабилизација-приватизација“, кој требаше да обезбеди премин од режимот на меки буџетски ограничувања на режимот на цврсти буџетски ограничувања (кој изгледаше како рецепт за започнување на капитализмот во поранешните социјалистички земји).

Користејќи термин сличен на оној на Корнајев, сакав да нагласам дека проблемите за кои станува збор во одредена мера произлегуваат од проблемите на актуелните во претходниот круг реформи на диригираната економија. Но пред да ги дефинираме попрецизно тие проблеми и да ја објасниме нивната поврзаност, првин мораме да објасниме на што точно се мисли кога ќе кажеме „режим на меки правни ограничувања“.

Меки правни ограничувања

Ова е режим во кој правилата (пишаните закони) не постојат за да се почитуваат, туку да се прекршуваат; или, пак, правилата се прекршуваат систематски. Не би можеле да кажеме дека правилата не функционираат – тие функционираат, ама на специфичен начин.

Во некои игри со карти, целта е да се соберат што е можно повеќе карти, во други, треба да се ослободиме од поделените карти. Исто така, постојат режими во кои треба да се почитуваат правилата и такви во кои правилата треба да се прекршуваат. Овде правилата се прекршуваат систематски, но според утврдени правила. Тоа се неофицијални правила за прекршување на официјалните правила.

Ваквата поставеност на нештата го издвојува сегашниот режим од поинаквиот поредок каде што правилата не се почитуваат зашто институциите за принуда се преслаби, како што беше случај во Русија за време на првата половина на 1990-те. Во режимот на меки правни ограничувања, државата располага со бројни средства за принуда. Фактот дека правилата се прекршуваат на стандардизиран начин ни овмозможува да го набљудуваме овој систем како посебен облик на поредок, кој во свеста на едно општество може да се толкува и како погодност (за разлика од прекршувањето на правилата на нерегулиран, хаотичен начин).

Овој режим ги усвојува пишаните правила на начин тие да можат да се прекршуваат, и нивното прекршување да има логика. Со ова сакам да кажам дека правилата се поставени на тој начин што нивното почитување е тешко и исклучително скапо, додека можноста за нивно прекршување пружа значајна конкурентска предност. Со други зборови, правилата се создаваат за да предизвикуваат прекршување. Исходот од тоа е фактот дека целиот живот на нашето општество се претвора во некој вид постојано пазарење околу поединечни „права“ да се прекршуваат правилата, чие прекршување носи погодности и предности. Државата, олицетворена во бирократската машинерија, игра улога на специјална „продавница“ каде што се издаваат поединечни дозволи за прекршување на правилата.

Улогата на државата

Секое ниво на државна управа е овластено да издава дозволи за прекршување на одредени правила и, се разбира, мора да поседува неопходна сила да ги казни сите недозволени прекршоци. Ова мора да се нагласи: ниедно овластено бирократско тело не води грижа за почитување на правилата, туку е задолжено исклучиво за казнување на недозволените прекршоци. Затоа и нема интерес за оптимизација на регулацијата и контролата, ниту за минимализирање на прекршувањето на правилата или поттикнувањето за прекршување на правилата. Единствена задача на тоа тело е создавање простор за преговарање околу прекршоците.

Ова можеме да го објасниме преку примерот со сообраќајната полиција во Русија. Нејзе не и’ грижа кој и како ги прекршува сообраќајните прописи. Полицајците не зе задолжени за намалување на бројот на прекршоци на тој начин што ќе ги отстранат поттиците за прекршување на правилата или ќе користат автоматизирани системи за надгледување. За нив – како овластени државни органи – важно е да ги распоредат луѓето на разни локации каде што правилата обично се прекршуваат и околу тие прекршоци да создадат простор за преговарање. За разлика од останатите земји, каде што сообраќајната полиција патролира по улиците и патиштата, руските сообраќајци речиси секогаш се наоѓаат на стационирани местоположби. Многу помалку ги интересира спречувањето прекршоци кои навистина ја загрозуваат безбедноста (на пример, агресивното или опасното возење) во однос на интересирањето да го проверат почитувањето на ограничената низа прописи на одредени места. Прописите кои тие ги проверуваат само посредно се во врска со вистинските проблеми на безбедноста во возењето: дали возачите имаат документи, возачка или сообраќајна дозвола.

Сите ги кршат правилата

Системот ги осудува прекршоците, но истовремено и ги оправдува. Неформалната, секојдневна пракса коегзистира со формалните, пишани правила: прекршувањето на правилата се смета за непристојно, но и неизбежно, рутинско и разбирливо однесување. Прекршувањето на формалните правила не се заташкува. Напротив. За легитимизација на режимот од витално значење е секој да верува дека сите останати се однесуваат исто. Се верува дека состојбата е полоша отколку што е, но тој впечаток игра значајна улога за создавање на општествените стереотипи и норми на однесување. Оттаму следи дека секој обид за непрекршување на правилата, и секое барање тие да се променат, делува маргинално, па дури и девијантно – како бесмилениот обид за борба против традицијата.

Идејата за универзално прекршување на правилата е важен елемент во политичката организација и политичката легитимизација на гореопишаниот поредок. Вишите и нижите општествени ешалони се обединети во корупцијата, а не поделени. Тоа единство е врамено со единствената хиерархија на можностите за корупција. Па така, бескрајните дискусии за корупцијата и тоа како е сеприсутна не водат до делегитимизација на востановената општествена хиерархија и политички поредок. Напротив, тие го зајакнуваат, го промовираат и легализираат овој поредок како неоспорен факт. На тој начин правниот поредок почнува да делува вештачки и нереално.

Како другите системи за контрола, „борбата против корупцијата“ нема за цел искоренување на корупцијата туку одржување на постоечкиот систем на преговарање. „Борбата против корупцијата“ во суштина служи како регулатор на одобрената корупција кој ја приморува извршната власт да прави договори со највисоката (политичка) власт околу правата за издавање на дозволи за прекршување на правилата.

Ако учеството во вертикалниот систем на преговарање е доволно распространето, тогаш општеството не е заинтересирано за премин во друга состојба. Секој кој ќе добие одобрување за прекршување на правилата – а со тоа и да стекне одредена предност – не само што е рамнодушен кон идејата за оптимизација и олеснување на прописите, туку и активно е незаинтересиран.

Дали да се вложува во сегашноста или иднината?

Правото на приватна сопственост обично се сведува на правото за користење на средства (заработка). Самите средства во секој миг можат да бидат одземени. Парите кои ќе се потрошат на одредени дозволи за прекршување на правилата претставуваат директна инвестиција во сегашниот профит. Вложувањето во зголемената економска ефикасност претставува инвестиција во средствата чија главна одлика е тоа што можат да бидат одземени во секој миг. Ова е многу поризична инвестиција која, всушност, го зголемува ризикот дека средствата можат да бидат одземени. Исто така, ќе бидете обврзани да вложувате уште повеќе за заштита на своите права за да се лишите од овие средства.

Меѓутоа, ако решите да вложите во дозвола за прекршување на правилата, не смао што со тоа го зголемувате својот сегашен профит, туку и го намалувате ризикот дека тој ќе ви биде одземен. Исто така, колку повеќе добивката на една компанија е условена со ексклузивните, лични договори на нејзиниот сопственик или директор, толку добивката му припаѓа нему.

Ова е суштинскиот несклад меѓу рускиот режим на меки правни ограничувања и институциите на приватна сопственост. Приватната сопственост поттикнува вложувања во сегашната добивка и ги спречува инвестициите во идниот профит. Меѓутоа, формалниот сопственик, зголемувајќи ја својата добивка со неекономски средства (прекршување на правилата), го поддржува режимот во кој неговото право на сопственост е ограничено по дефиниција. Сопственикот/директорот станува зависен од системот кој располага со правилата за прекршување на правилата. Тој не знае колку конкурентен би бил и дали воопшто би можел да ги покрие дневните трошоци вон овој систем. Колку претпријатието е поуспешно во режимот на меки правни ограничувања, толку тој повеќе верува дека не би бил успешен. Ова економистите го нарекуваат „ефект на златен кафез“.

Претпријатието на пазарот

Најголема корист од режимот на меки правни ограничувања немаат руските „олигарси“. Тие, очигледно, се најуспешни во прекршувањето на правилата, но компаниите можат да им бидат одземени во секој миг. Најголема корист има бирократијата која издава дозволи за прекршување на правилата. Нејзината моќ не се заснова на фактот дека постојат разни олигарси туку на трајниот процес на „производство на олигарси“. За режимот на меки правни ограничувања да може да се оствари докрај, повремено одредени олигарси мораат да се симнат од сцената.

Извадок од текстот на Кирил Рогов.

Извор: opendemocracy.net

Илустрации: Рејчел Колдвел

ОкоБоли главаВицФото