Хипохондријата е многу посериозен проблем од замислување дека си болен

08.12.2021 01:20
Хипохондријата е многу посериозен проблем од замислување дека си болен

Да зборуваме за стравот, здравјето и зошто многумина од нас посегнуваат по компјутерот за да ги гуглаат симптомите и да дознаат што не е во ред со нашето здравје. Да зборуваме за вечерите кога сме се измачувале себеси и пријателите заради она што сме го дознале гуглајќи ги своите симптоми. Ајде да зборуваме за хипохондријата.

Живееме во свет каде во секојдневна употреба има одредени зборови и концепти, иако многумина од нас немаат медицинска позадина која би ни овозможила да знаеме како и каде да ги користиме. Симптомите ги поврзуваме со болести и се обидуваме да смислиме решение за нив, без да се консултираме со професионалци. Им зборуваме и на другите и на себеси дека знаеме што се случува со нашите тела и здравјето, дека знаеме што впрочем се случува.

Ваквиот вид здравствена анксиозност може да доведе до тоа да ве наречат - или вие да наречете некој друг - хипохондрик. Но, што впрочем е хипохондријата? Кои се симптомите и што можеме да направиме по тоа прашање? Го прашавме Сантјаго Левин, претседател на аргентинската Асоцијација на психијатри (ААП) да ни ги дополни знаењата за овие теми.

Што точно значи зборот хипохондрија?

Секојдневниот говор може да го промени значењето на техничките медицински термини. На пример, размислете за опсесивно-компулзивното пореметување. Ќе слушнете како некои луѓе себеси се дијагностицираат со ова пореметување, дури и кога имаат некои тикови или можеби некое репетитивно однесување.

Во строга смисла, хипохондрија не е само кога сте загрижени за своето здравје. Тоа не значи да бидете исплашени дека ќе заболите од некоја тешка болест. Ниту се работи за тоа дека среде глобална пандемија која го менува светот се чувствувате загрижено. Во ситуацијава во која живееме здравствената анксиозност е сосема нормална, соодветна и очекувана.

Вистинската хипохондрија е многу помалку зачестена од претходно опишаните видови анксиозност. Се работи за вистинска ментална болест која може да се изрази во разни облици и во различни степени на застапеност. Може да биде дел од депресијата, може да биде дел од некое пореметување на личноста, може да биде дел од психоза. Сепак, може да се јавува и во благи и повремени форми, како дел од нормалниот, очекуван одговор на времето во кое живееме. Сепак, она што мора да го нагласам е дека никогаш не е добра идеја да се патологизира секојдневниот живот. А тоа значи да се претвораат нормалните животни искуства во патолошки.

Како некој да знае дали навистина има хипохондрија?

Таквата личност веројатно многу страда, чувствува голема анксиозност која е проследена со депресија, а идејата за болеста делува неизбежно. Вистинските хипохондрици постојано консултираат професионалци и никогаш, никогаш не ги наоѓаат одговорите што ги бараат. Исто така, треба да се нагласи дека и тоа што некој е хипохондрик не мора да значи дека не може и навистина да се разболи физички. Овие две нешта не се исклучуваат меѓусебно.

Дали постои некаков лек или терапија?

Да. Терапијата зависи од дијагнозата, што значи да се проучи потеклото и сериозноста на овие симптоми. Доколку хипохонидријата е во контекст на депресија, тогаш ја лекуваме депресијата. Исто така, вообичаено постои психотерапевтски аспект на лекувањето, што е дополнување на фармаколошкиот елемент. Во многу случаи симптомите на хипохондријата се подобруваат со лекувањето, но некои случаи се навистина, навистина тешки за лекување. Тие не се чести, но претставуваат вистински предизвик.

Дали е можно симптомите на хипохондријата да се предизвикани од глобален социјален контекст, како оној во кој живееме во моментов?

Очигледно, глобалната здравствена криза како оваа влијае на сите нас. Ниеден дел од светот не излегува неоштетен од оваа пандемија, кога станува збор за менталното здравје.

Впрочем, минатата година генералниот секретар на ОН, Анотонио Гутереш ги повика сите нации ширум светот да ги зголемат буџетите за ментално здравје во обид да се намалат последиците на глобалната криза на менталното здравје.

Од перспектива на менталното здравје, пандемијата им направи услуга на некои луѓе. Зборувам за оние на кои веќе им е тешко да се среќаваат со луѓе; за нив рестриктивните мерки можеа да бидат корисни. Сепак, тоа е многу мала група луѓе и поголем дел од нив страдаа и продолжуваат да страдаат заради здравствената катастрофа која ни ги промени животите - индивидуално и колективно - и тоа на многу радикален начин, а ова ги вклучува и луѓето кои страдаат од заболувања проследени со симптоми на хипохондрија.

Дали имате некаков совет за луѓето кои почнуваат да се соочуваат со овој проблем?

Мојот совет е едноставен: доколку навистина ве загрижува она што се случува, ви предизвикува немир и ве спречува да спиете и активно го намалува квалитетот на вашиот живот, тогаш е вистински момент да побарате помош од професионалец. Проблемот што ќе се сподели е проблем кој е веќе половина решен.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Katie Evans

Извор: https://www.vice.com

ОкоБоли главаВицФото