1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 21:59
Стариот Магдон се враќаше од Острава,
во крчмата бартовска вечерта запре,
со скршена глава падна в ров.
Плачеше Маричка Магдонова.
Кола со јаглен се преврте на патот.
Загина под неа на Магдона жена му.
На Стари Хамри пет сираци запилкуваат,
најстара Маричка Магдонова.
Кој ќе ги пригледа, кој лебец ќе им принесе?
Ќе бидеш ли за нив и татко и мајка?
Мислиш, кој е богат, и срце да има
како тебе, Маричке Магдонова?
Без крај се шумите на маркизот Геро.
Тука дедовците ни се истепани.
Смее ли сираче укрш дрва да земе,
што велиш, Маричке Магдонова?
Маричке, студи и нема за јадење...
На ридот, на ридот преполно дрва...
Кметот Хохфелдер те виде кај збиркаш,
ќе молчи ли, Маричке Магдонова?
Зошто си избрала таков младоженец?
Штик има на рамо, на капа пердув,
се смуртил, со него ти одиш во Фридек,
зарем ќе појдеш, Маричке Магдонова?
Каква си невеста? Наведена глава,
шамиче на очи, во него течат
горки и горешти капки по образи,
што ти е, Маричке Магдонова?
Фридечките господа, дамите од Фридек,
со лоши зборови ќе ти се подбиваат,
ќе те здогледа Хохфелдер, жидот:
Како си, Маричке Магдонова?
Во мразна дома пилците останаа,
кој ќе ги пригледа, кој лебец ќе им принесе?
Глув е богаташот. Што ти ѕуни в срце
по патот, Маричке Магдонова?
Маричке, отстрана има остри спили,
покрај нив кипи, тече кон Фридек
шумната, улава Остравица.
Ја слушаш, ја разбираш, девојче планинско?
Еден скок влево, и сè е свршено.
Црните коси за каменот се ловат,
белите раце облеани крв,
збогум, Маричке Магдонова!
На Стари Хамри на крај гробишта
без крстови, без цвеќе гробја се грбат.
Таму лежат ништоверци.
Таму лежи Маричка Магдонова.
Препев: Блаже Конески
Петар Безруч (на чешки: Petr Bezruč), псевдоним на Владимир Вашек (на чешки: Vladimír Vašek, 1867–1958) е чешки поет, народен поет на Републиката од 1945. Поет на националното и социјалното ослободување. Стиховите му се натопени во револуционерно-романтичен патос. Како ретко кој во чешката поезија се занимавал со ликот на работникот.