Како визионерите ја гледале 2011

10.01.2011 14:53
Како визионерите ја гледале 2011

Последниве осумдесет години секако беа најбурните досега. Од 1931 г. па наваму се случија многу политички, научни, социолошки и бројни други промени со ритам кој е незабележан во досегашниот тек на историјата.

Пример за тоа може да биде и еден сосем локален значаен настан – најважен политички настан за 1931 г. на овие простори бил донесувањето на Уставот на Кралството Југославија, со што таа престанала да биде апсолутистичка и станала уставна монархија.

Во тоа време еден од најугледните весници во светот тогаш бил американскиот New York Times кој во 1931 г. славел 80-годишен јубилеј. И уредниците дошле до одлична идеја – избрале седум најугледни американски општествени и научни работници да им прогнозираат како светот ќе изгледа по осумдесет години. Значи, во 2011-та.

Пророчки прецизен

Најпрецизен, речиси пророчки точен бил Артур Комптон, физичар и нобеловец, чиј текст носел наслов „Целата Земја ќе биде едно големо соседство“.

Професорот дошол до заклучокот дека енергијата ќе стане поевтина и достапна за широк круг на потрошувачи, но и дека погонските горива ќе станат сè помали. Тоа значело брз и евтин превоз. Кога на тоа му го додал ширењето на комуникациите: пишаните, радио и телевизиските, Комптон го предвидел планетарното соседство, она што денес го нарекуваме глобално село.

Меѓутоа, тоа не е крајот на неговите точни предвидувања збиени во еден мал новинарски текст – Комптон го предвидел развојот на атомската енергија, разбивањето на атомот, поквалитетната забава во слободното време, како и сè поголемото значење на Истокот, посебно Кина, во светската наука и надворешната политика.

Добивката на животот

Од друга страна, таткото на автомобилската индустрија, Хенри Форд, во својот текст се сосредоточил повеќе на внатрешниот напредок на човекот од кој требало да следи и напредокот на целокупната цивилизација. Кога од сегашна гледна точка ќе се фрли поглед на минатите 80 години, се гледа дека Форд бил многу добар во предвидувањето на тековите во авто-индустријата.

Впрочем, крајот на неговото предвидување целосно му е посветен на хуманизмот: „Потребно е да го редизајнираме нашиот економски систем, не на начин да се направи нешто ново туку тој систем да го прави она што сме му рекле да го прави. Единствената добивка од животот е самиот живот и јас верувам дека во наредните 80 години ќе бидеме многу поуспешни во производство на вистинскиот профит од животот. Најновото нешто во светот е човечкото суштество. И најголемите промени треба да се бараат во него“.

На страниците на славеничкиот New York Times од 1931 г. се пробил и еден политичар – шефот на претседателската комисија за социјални трендови, Вилијам Огбурн.

Тој погодил кога зборувал за меѓучовечките односи – рекол дека браковите ќе бидат многу понестабилни и дека ќе има значајно повеќе разводи. Меѓутоа, дека семејството нема да биде уништено.

„Животот на жените ќе биде многу посличен на оној на мажите, тие повеќе време ќе поминуваат надвор од дома, а луѓето ќе станат многу понервозни, што ќе предизвикува повеќе ментални пореметувања“, напишал Огбурн со заклучокот (не толку точен) дека „менталните хигиеничари во 2011 г. ќе ги држат работите под контрола“.

Точно ја предвидел и огромната количина знаење кое ќе треба да се усвојува, како и сè поголемата потреба за подолго образовање, школување со пракса и специјализација, и дека процентот на старите лица ќе биде сè поголем. Но и промашил: мислел дека САД ќе имаат 160 милиони (наспроти денешните 309 милиони), но и дека сиромаштијата и гладот ќе бидат искоренети.

Праведна распределба

Некаде на слична линија биле и антропологот Артур Кит, кој ја предвидел сè поголемата специјализација во секоја гранка од животот, и научникот Михајло Пупин.

„Денешната сила на цивилизацијата во создавањето богатства е неспоредлива со што и да е од човечката историја. Само, недостасува мудроста на правилната распределба. Со сигурност може да се претскаже дека во наредните 80 години цивилизацијата ќе ги исправи своите недостатоци и ќе создаде индустриска демократија која на работникот ќе му гарантира праведен дел во вредноста која ја произвел неговиот труд“, изјавил Пупин.

Физичарот Роберт Миликан исто така верувал во решавање на општествените проблеми со помош на науката.

„Речиси сигурно ќе следи ширење на научните методи кон решавање на нашите општествени проблеми“, се надевал тој.

На самиот крај, познатиот лекар д-р Вилијам Мајо прилично близу го предвидел просечното траење на човечкиот век во 2011 г. – за разлика од 58 години во 1931 г., Мајо сметал дека должината на човечкиот живот во просек денес ќе биде 70 години (светскиот просек денес е 67,2 а во САД 78,3 години), а го предвидел и подемот на индустријата за култура и забава.

Извор: Novilist.hr

Слични содржини

Општество / Живот / Историја
Балкан / Историја
Графички Дизајн / Историја
Графички Дизајн / Историја
Живот / Историја
Уживање / Историја
Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото