1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
„Казната генерално се бранеше како средство или за подобрување или за заплашување. Сега со кое право ме казнуваш за подобрување или заплашување на другите? И покрај тоа, постои историја - постои такво нешто како статистика - што докажува со најцелосни докази дека од Каин светот ниту бил заплашен ниту подобрен со казна.“ (Mаркс, 1853)
Кина казни повеќе од еден и пол милион функционери во последните пет години како дел од владината антикорупциска кампања. Според Амнести интернешенел, Кина погубила „илјадници“. Точната бројка е државна тајна. Трендот на раст на казнети функционери покажува само колку корупцијата останува перзистентна во „социјализмот со кинески карактеристики“. Затоа за овој „интерес на буржоазијата“ Маркс во делото „Светото семејство“ пишува дека „во револуцијата од 1789 година беше толку моќен што победи над перото на Мара, гилотината на теророт и мечот на Наполеон, како и распетието и сината крв на Бурбоните.“ Приемот на капиталисти во Комунистичката партија на Кина на предлог од Џианг Цемин покажува колку само бил во право Маркс кога пишувал за моќта на интересот на буржоазијата, а кој оние во врвот на партијата го викаа „развојни трендови на напредните производствени сили“.
Ниту Законот за потекло на имот од 1974 не ја спречи сеопштата пљачка на „општествената‘‘ сопственост низ хиперинфлација, прелевање на капиталот во приватен сектор со штетни купопродажни договори и низ приватизициони шеми. А, Апасиев со цел ум сугерира негово препишување?! Самото ДОНЕСУВАЊЕ на законот е доказ дека постоело уште тогаш КАПИТАЛИЗАМ. Индикација за нејзиното постоење е и изјавата на високиот функционер од тоа време Стане Доланц. Па, така во една прилика, некој работник од Валево или од Крушевац, го прашува Доланц: „Како е можно да бидат членови на СКЈ работник и милијардер?“. А овој одговара: „Нема пречка ако милијардите се стекнати на чесен начин.“ Излегува дека југословенските функционери први го измислиле „социјализмот со кинески карактеристики“!
Реставрацијата на капитализмот во Југославија беше извршена веднаш по војната со обновувањето на стоковното стопанисување. Идеолошка и псевдонаучна поддршка на истото беше дадена на VII-от Конгрес на СКЈ, одржан во Љубљана во април 1958 год., кога конгресот зазема став: „Стоковниот карактер на стопанството е израз на сегашниот степен на развиеност на производните снаги“. Значи, капитализмот се реставрира веднаш со враќањето на стоковно-паричното работење, а не по одлука на некое лице или форум. Сегашната „реставрација“ (приватизација) е само формално признавање на поранешната суштинска реставрација извршена уште 1945 година.
После почетните чекори во првата деценија по Втората Светска војна во насока на изградбата на планско стопанство – во многу нешта сличен со советскиот модел, веќе во 1960-тите години е извршено скршнување кон пазарен ,,социјализам‘‘ со што де факто е трасиран патот на идеолошката капитулација пред капитализмот. Задржана е социјалистичката реторика, но се воспоставени односите од стоковното производство – во специфична форма, бидејќи пазарни актери беа претпријатијата во ,,општествена‘‘ и државна сопственост и затоа што државата задржа поединечни инструменти на контрола и планирање. Во наредните децении противречноста меѓу општествената сопственост и стоковното производство почна да создава економска криза, која кулминираше кон крајот на 1980-тите години, противречност на која Маркс предупреди во своето главно економско дело „Капиталот“:
„Во онаа (иста) мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување. Како да не ѝ се чудиме според тоа на итроумноста на Прудон, кој сака да ја укине капиталистичката сопственост со тоа што притоа ѝ ги противставува вечните закони на сопственоста на стоковното производство.“ (Том 1. Скопје: Мисла, 1975, стр. 516)
Наспроти доминацијата на стоковното производство во стопанството, социјалистичките елементи во другите сфери на општествениот живот (право, социјална заштита...) се одржуваа и во наредните децении. Иако, и тоа беше само привидна слика, бидејќи капиталистичката материјална база има за последица и капиталистичка надградба. „Социјалистичките елементи во другите области од општествениот живот“ всушност беше вишок на вредност земен од работниците и расподелен на непроизводните структури на население (просвета, здравствено и социјално осигурување итн.) Значи, издржувани структури на население на терет на работничката класа.
Економската криза создаваше нефункционалности и во овие области, па југословенскиот „социјализам‘‘ сè повеќе се сведуваше на политичка демагогија, која се одржа сè до крајот на осумдесеттите години. Дефинитивен идеолошки пресврт направен е 1989 година, кога се поставени темелите на „транзиција во модерна пазарна економија“ како е еуфемистички наречен планот за реставрација на капитализмот во Југославија.
Слики: Ian Stevenson