Што ќе се случи со климата по 2100-та година?

13.12.2021 01:23
Што ќе се случи со климата по 2100-та година?

И покрај тоа што последиците од нашите одлуки од почетокот на индустриската револуција ќе се почувствуваат векови подоцна, научните предвидувања околу тоа како емисиите на јаглерод диоксид ќе се рефлектираат на иднината на човештвото и планетата, главно застануваат на 2100 година. А што ќе се случи потоа? Како ќе живеат нашите внуци и децата на нивните деца и нивните внуци?

За сосема да ја спознаеме разорноста и далекусежноста на климатските промени, неопходно е да гледаме подалеку од споменатиот временски хоризонт, нагласуваат авторите на новото истражување објавено во научното списание Global Change Biology. Тие проектираа како би можел да изгледа светот до 2500 година во три различни сценарија во зависност од концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина во атмосферата.

Доколку значајно не ги намалиме емисиите на јаглерод диоксидпт, Амазонската прашума до 2500 година ќе стане неплодна, континенталната клима во американската држава Ајова ќе стане субтропска, а во Индија ќе биде премногу топло за живот, истакнуваат тие.

Поглед во климата во 2500 година

Доколку на полето на климатските промени изостане брза реакција, од крајот на 21 век значително ќе се зголеми влијанието на климатските промени. И покрај тоа, истражувачите предупредуваат дека постои ризик на половината од милениумот луѓето на Земјата да се чувствуваат како - вонземјани.

Своите проекции ги базирале на три различни сценарија, кои подразбираат високи (РЦП6.0), средни (РЦП4.5) и ниски (РЦП2.6) емисии до 2500 година, последното сценарио кореспондира со целта за задржување на зголемувањето на средната глобална температура значително под 2 степени целзиусови во согласност со Парискиот договор. Особено тмурни резултати дава најлошото сценарио, РЦП6.0.

Во случај на недоволно амбициозни климатски политики, Амазонската прашума, која многумина во моментов ја опишуваат како бели дробови на Земјата, до 2500 година би можела да стане непрепознатлива - огромни површини неплодно земјиште, низок водостој како последица на загуба на вегетацијата, деградирана и оскудна инфраструктура, минимална човечка активност, прогнозираат авторите на истражувањето.

Средниот запад од САД, кој денес изобилува со посеви на разновидни житарки, заради промената на климата, исто така ќе ги промени своите карактеристики. Нивите ќе бидат заменети со плантажи со палми за производство на масла на кои им одговара топла и влажна субтропска клима. Најзастапена работна сила ќе бидат - дроновите.

Вообичаните пејзажи од индиските села од минатото вклучуваат полиња со ориз, стока и многу луѓе. Ваквото традиционално земјоделство денес е проткаено со модерна инфраструктура. Со оглед на очекуваното затоплување во Индија, за опстанок на земјоделството и луѓето на тоа тло во иднина ќе бидат потребни роботи и уште посложени технолошки решенија за заштита од високите температури.

Како изгледа иднината на светот во бројки?

И во РЦП4.5 и во РЦП6.0 сценаријата, средната глобална температура продолжува да расте после 2100 година. Според научните пресметки, средната глобална температура, во однос на почетокот на 21 век, би можела да се зголеми помеѓу 2 и 2,2 степени целзиусови до 2100 година, помеѓу 2,7 и 3,8 степени до 2200 година и помеѓу 3,5 и 4,9 степени до 2500 година. Затоплувањето ќе биде нееднакво распоредено, а најмногу ќе се рефлектира на копнените површини и поларните региони.

Високите температури и придружниот топлотен стрес кај луѓето можат да резултираат со зголемена смртност, но и оштетувања на инфраструктурата како што е електроенергетскиот систем. Периодот од годината со исклучително висок топлотен стрес може да се зголеми на повеќе од шест месеци во голем дел од Африка, Амазонија, Арапскиот полуостров, Југоисточна Азија и Индонезија, Филипините и Папуа Нова Гвинеа и северна Австралија. Од друга страна, овие региони во моментов или воопшто не се соочуваат со топлотен стрес или тој трае максимално три месеци годишно, па ова потенцијално драматично зголемување загрижува дополнително.

Сите овие промени ќе се рефлектираат и на земјоделството и производството на храна. Според најцрното сценарио, до 2500 година, површината на подрачја поволни за одгледување посеви, зависно од видот, ќе опадне помеѓу 14,9 и 18,3 проценти. Најзагрозени култури ќе бидат пченицата, компирот и маниоката, додека површината за одгледување соја и пченка ќе остане стабилна или дури ќе се зголеми. Според резултатите на истражувањето ова се единствените две земјоделски култури кои ќе „профитираат“ дури и при сценарио со големо затоплување. Покрај помалите површини за многу култури, глобалното затоплување ќе значи и промена на локациите на кои се одгледуваат. Поместувањето ќе оди од екваторот кон половите и повеќе ќе се почувствува на северната хемисфера.

Намалувањето на поволните подрачја и „миграциите“ на земјоделските култури би требало да се земат предвид при пресметувањето на капацитетите за производство на храна за следните генерации. Се очекува до 2100 година на Земјата да има помеѓу 7 и 16 милијарди жители, а овие два податоци дополнително ќе ги оптоварат моделите кои веќе сугерираат сè пооскудни извори на храна. Во тој контекст, во иднина би требало да се посвети поголемо внимание во однос на парашањето за населението и безбедноста на храната.

Нивото на морињата ќе се зголемува и долго откако затоплувањето ќе се стабилизира дури и според најоптимистичното сценарио, РЦП2,6. Значи, ефектите од емисиите од 21 век ќе се чувствуваат стотици години подоцна дури и откако концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина ќе го достигнат еквилибриумот.

Нашиот избор

Кога во шеесеттите години беше осмислено климатското моделирање, делуваше како 2100 година да пружа соодветна, доволно долга временска рамка. Шеесетина години подоцна, опасно ѝ се приближивме на оваа „календарска“ граница, а можностите да ги намалиме емисиите на јаглеродниот диоксид во согласност со Парискиот договор исчезнуваат.

Резултатите од ова истражување во прв план ја истакнуваат потребата од долгорочно социо-економско и политичко планирање во секторот за намалување на антропогеното влијание на нашата планета и климата. Доколку го следиме сценариото со најамбициозно намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, промените во климата ќе бидат такви што релативно лесно ќе можеме да ги прилагодиме и нема да ги пречекориме опасните граници за издржливоста на бројни природни системи на планетата.

Меѓутоа, ако не успееме да го зауздаме глобалното затоплување, промените што ќе ѝ се случат на Земјата во следните 500 и повеќе години ќе бидат толку драстични што ќе претставуваат предизвик за нашата способност за преживување, особено во историски и географски вкоренетите култури од кои ги црпиме значењето и идентитетот.

Нашата планета би можела да ни биде сосема туѓа во однос на онаа што ја знаеме. Се наоѓаме на раскрсница: или итно ќе ги намалиме емисиите и ќе му се прилагодиме на неизбежното затоплување предизвикано од гасовите кои веќе сме ги ослободиле во атмосферата или хазардерски ќе тргнеме по патот за разоткривање на животот на Земјата кој е опасно поинаков во однос на сегашниов.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Mimi Plumb

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото