Табернакул

13.12.2021 14:07
Табернакул

на Лилјана Дирјан
27.10.2016.

Со Петар молчиме во „Магор“ и чекаме времето да истече. Зјапаме во небото и тој наеднаш го прекинува молкот и ми кажува дека се затвора книжарницата „Табернакул“. Следува уште поголем молк. Тој мора да ја одработи смената, а јас не морам ништо.

Неколку минути подоцна се втурнувам во „Табернакул“ каде сѐ е речиси соголено, а подот е преполн со пакети и книги. Внатре се уште владее истиот мир, како да нема никој, како вработените да се изгубиле во книгите или пак како да се дел од инвентарот: молчаливи, медитативни, изместени, фиктивни, луѓе од хартија кои само за миг затреперуваат штом ги стигнe ладниот ветер. Навистина затворате, прашувам и очигледниот одговор го добивам миг подоцна од Лилјана Дирјан која излегува од зад еден висок куп книги десно од влезот. Ме прегрнува благо и ми кажува дека и таа е изненадена. Некој месец претходно ме учеше да се прегрнувам, да се ослободам од оклопот во кој сум се напикал. Сега не вели ништо. И кажувам дека доаѓам од „Магор“ и дека „Херои и гробови“ што ја имам, не е моја, па морам да си ја купам и конечно да ја вратам на сопственикот. Таа вели дека дошла да донесе нејзини книги и дека ја пречекал ужас. Tаму e со часови.

Седиме во неверување и повремено гледаме во книгите, разменувајќи по некој збор. По кусо време, мирот кој го нарушивме, повторно се враќа во просторијата, па и ние, како вработените наеднаш стануваме дел од светот на книжарницата, нурнати во книгите. Одвреме навреме се гледаме со Лиле, бидејќи кружиме околу еден ист куп книги што не интересираат, книги кои ги знаеме, но сепак ги разгледуваме како да се последни на светот, па ќе си размениме по некој тивок збор или гест и пак продолжуваме да кружиме како предатори над вреден плен. Наеднаш Лилјана се насмевнува и ми покажува книга со наслов „Испод Вулкана“ од Малком Лаури. Таа ја прочитала безброј пати, јас ниту еднаш - ја знам само од кажувањата на Дурацовски, а Лилјана го гледа како да се среќава со драг пријател, ја држи цврсто во рацете и ми вели, Ненаде, мора да ја спасиме, ќе ти ја подарам и додека го кажува тоа, во близина на местото каде што ја најде, наоѓа друга и нов сјај и светнува во очите! Мрачниот мексикански роман преполн со мртовци „Педро Парамо“! Педро Парамо кој мајка си го пушта да го бара својот татко во мртвата Колима. Сега кажувај ми вели, која ја сакаш, а јас без двоумење како молња одговарам: Педро Парамо, иако знаев дека тоа ќе значи Лилјана да заврши со дупликат од „Испод Вулкана“. Таа се смее и со задоволство ми ја подарува.

Заминуваме од книжарата заедно со Сабато, Рулфо, Лаури и Маркес облечен во работнички комбинезон за кој Лилјана зборува откако го најде Хуан Рулфо и седнуваме на кафе на улица „Македонија“. Денот се смалува, призраци почнуваат да шетаат низ градот. Лилјана зборува за илјадници нешта, а јас медитирам на приказните што ги раскажува, приказни за светот, за младоста, за мирисите и храната, за книги, за реални и измислени ликови кои за нас се пореални од реалните, за пишувањето и што е уште поважно за гумата и за бришењето, па малку се осврнува и на мене и ме учи со љубов – но и во бришењето треба да се има усул Ненаде, вели, не претерувај, сè си има своја мера и пак почнува да заборува за Маркес и така до недоглед...

Ете така ми зборуваше Лилјана тоа доцно есенско пладне, а мене, еве, и денес уште ми одекнуваат нејзините зборовите секогаш кога ќе посегнам по backspace или ќе изберам да не го зачувам текстот кој го пишувам...

Фото: Јасмина Зис

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото