Како изгледа да се магистрира на „Битлси“? Да, на „Битлси“.

15.12.2021 01:22
Како изгледа да се магистрира на „Битлси“? Да, на „Битлси“

Холи Теслер

Едно утро пред околу еден месец, студентите љубопитно влегуваа во слушалната на Универзитетот во Ливерпул. Почнуваше новата учебна година, ги чекаа предавања по археологија, јазик и меѓународни односи.

Но во слушалната 5 се одвиваше помалку традиционална програма: мастер студии посветени на Битлси.

„Како воопшто да се почне ова?“, ги праша своите единаесет студенти Холи Теслер, американска професорка која го основаше овој курс. Меѓу нив имаше студенти со маици со Јоко Око и тетоважи со жолти подморници.

„Мислам дека единствениот вистински начин е тоа да го направиме со малку музика“, рече таа.

Професорката Теслер потоа го пушти спотот за песната „Пени Лејн“, песна на Битлси посветена на постоечката улица во Ливерпул, која се наоѓа недалеку од факултетот.

Курсот кој трае една година се фокусира на промена на перцепцијата на Битлси во последниот половина век и како приказните и песните на бендот влијаеја на комерцијалните сектори како што се продажбата на плочи и туризмот, рече Холи Теслер во едно интервју.

Според студијата од 2014 година, градот Ливерпул заради своите врски со бендот остварува приход од над 110 милиони американски долари годишно. Туристите ги запоседнуваат деловите од градот кои се споменуваат во песните на групата, посетуваат места каде настапувал бендот и позираат со статуите. Уште од самиот почеток влијанието на бендот беше економско, општествено и музичко, објаснува професорката Теслер.

За време на предавањата студентите треба да престанат да бидат фанови на Билтси и да почнат да го согледуваат бендот од нови перспективи, додава таа.

Улицата Пени Лејн

„Никој не треба да посакува диплома која се стекнува така што ќе седите и ќе дебатирате за текстовите од албумот 'Rubber Soul'“, објаснува професорката. „Тоа се прави во паб.“

Во лекцијата посветена на песната „Пени Лејн“, Холи Теслер им зборуваше на студентите дека за Битлси треба да размислуваат како за „културен бренд“ и користеше термини како што се „наративна теорија“ и „трансмедијалност“.

А потоа ги примени тие идеи на еден неодамнешен настан. Минатата година, уличните табли по должина на улицата Пени Лејн беа бојадисани за време на протестите на движењето „Black Lives Matter“. Во Ливерпул се прошири верување дека улицата го добила името по еден трговец со робови од 18 век, со име Џејмс Пени. (Меѓународниот музеј на ропството кој се наоѓа во овој град во 2007 година ја стави улицата Пени Лејн на листата места поврзани со робовладетелството, но сега велат дека нема никакви докази дека улицата го добила името според трговецот.)

„Што би се случило кога градот би го променил името во - на пример - Смит Лејн?“, праша Холи Теслер.

Збрката околу името на улицата покажа дека приказните за Битлси можат да се испреплетуваат со модерните дебати и колкаво економско влијание можат да имаат.

Единаесетмината студенти - три жени и осум мажи, на возраст од 21 до 67 години - за себе велат дека се опседнати со Битлси.

Дејл Робертс (31) и Дејмион Јуинг (51) се професионални туристички водичи и се надеваат дека стекнувањето квалификации ќе им помогне во привлекувањето клиенти.

Александра Мејсон (31) неодамна дипломирала право, но одлучила да ја промени професијата кога слушнала дека постои курс за Битлси.

„Никогаш не сакав да бидам адвокатка“, вели. „Секогаш мислев дека тоа ќе биде нешто многу поживописно и покреативно“.

Статуата на Битлси во Ливерпул

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

Слични содржини

Европа / Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Општество / Европа / Култура
Книжевност / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото