Каирско такси

15.12.2021 12:35

Непознати ми се твоите улици, Каиро
овој таксист Копт
се пазари за 10 египетски фунти
да ме префрли од хотелот „Пирамидас”
до базарот „Кхан Кхалили”
под ретровизорот на синџирче се врти
Св. Горѓи кој ја убива ламјата
нема стакло на вратата
ноќта мириса на запален отпад
правот на пустината легнал во ноздрите
на шофершајбната
врз лицето ми блескаат светилките од кај Нил
бучи светот под мостот
бучи откај џамијата
трговските улици се новите храмови
полни верници со најлон кеси
во темницата се пробива таксиво
транзисторот вреска
Коптот ми ја покажува левата рака кај пулсот
таму е неговиот тетовиран крст
свири со трубата, пее со зарипнат глас
гледа во огледалцето замачкано со прашина
„Од која ли земја си ти”, си мисли
час пред тоа во хотелската соба се намирисав
со парфемското масло Нефер-и-ити
и сега избива од кај увото
заедно со сите јантари, седефи, лаписи
малахити и аметисти
како да имам обетки од олово
се вртам ту ваму ту таму
пиштат ноќните звуци на калабалакот
трговијата, мешаницата
на задното седиште како в кино
ми се отвораат твоите светови, Каиро
мојот хиероглиф
ЛД е слика на уста над површината
на водата

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото