Блискоста и отуѓеноста во расказите на Мимоза Петревска Георгиева

16.12.2021 16:38
Блискоста и отуѓеноста во расказите на Мимоза Петревска Георгиева

Човечкото суштество не постои како трансцендентално Јас, туку како однос со светот: човековото Јас се создава, изградува, себеосознава и егзистира единствено низ односите со другите. Затоа, не можеме да говориме за субјектот како за автономна структура независна од другите субјекти и од светот што го опкружува; тој е полицентрична структура изградена од односите со другите и вградена во разновидни социјални системи. Прозата, ако се обидеме да парафразираме една мисла на Милан Кундера која се однесува на романот, е свртена кон „енигмата на човековото Јас“ (Кундера, 1990: 27), па оттаму и во основата на прозната уметност е истражувањето на човечкото суштество низ односите кое ги воспоставува. Овој текст е обид да се согледаат извесни одлики на односите на ликовите во расказите во Градски и шумски приказни од Мимоза Петревска Георгиева, поточно аспектите на блискоста и отуѓеноста, како опозитни точки во врските помеѓу ликовите од оваа збирка.

„Во почетокот е односот,“ вели Мартин Бубер во своето дело Јас и Ти (Buber, 2000: 17). Потребата/потрагата по однос, според него, ѝ претходи дури и на првичната средба на субјектот со она/онаа/она со кое/која/кој односот ќе биде изграден. Од самиот почеток на постоењето, вели Бубер, „се покажува дека склоноста кон односот е изворна. И пред да може да ги забележи поединечните нешта, магловитиот поглед на детето трага во нејасниот простор по она што е неодредено; и во миговите, кога несомнено не постои никаква потреба по храна, наизглед сосема без цел, со меките движења на раката во празниот воздух, се обидува да фати нешто неодредено. (...) Не е точно дека детето забележува некој предмет дури кога е ставено во однос со него, напротив, склоноста за однос е она првобитното (...). Во почетокот е односот, како категорија на битието, како подготвеност, збирен суд, модел на душата, a priori односот, вродено Ти“ (Buber, 2000: 24-25). Таа потрага на субјектот по другиот, на Јас по Ти, е потрага и по себеформирање. „Човекот станува Јас во допирот со Ти,“ вели Бубер (исто: 26), па затоа односите (и блискоста која тие ја носат) на еден субјект со други субјекти, ја има клучната улога во себеостварувањето.

Веројатно најспецифичен, најневообичаен Јас – Ти однос раскажан во петнаесетте прози од збирката на Мимоза Петревска Георгиева е оној во расказот „Зоран“, кој по својата атмосфера, и по врската помеѓу реалното и зачудното, по начинот на кој се преплетуваат овостраното и оностраното, наликува на расказите и на романот „Педро Парамо“ на родоначелникот на магичниот реализам, мексиканскиот автор Хуан Рулфо. Главниот лик, според кој е насловен овој расказ од Градски и шумски приказни, го добил истото име кое го носел неговиот брат, кој се удавил пред тој да се роди. Уште во мигот на раѓањето се воспоставува врската меѓу нив двајцата, кога во ушите на новороденчето започнува да шуми: „Јас сум ти, ти си јас!“ Тој глас ќе продолжи да го следи низ детството и одраснувањето: „Како што растеше, гласот полека стивнуваше (...). Но, никогаш целосно не замолкна.“ (Петревска Георгиева, 2020: 29). Блискоста на главниот лик со она што е отсутно (неговиот починат брат) е само по себе парадокс, кој води кон уште еден: таа блискост е воедно и показ за големата отуѓеност од самиот себе – Зоран чувствува како да му е одземен дел од самиот него, дел кој ќе го насетува, ќе се среќава со тој свој дел во миговите на допир помеѓу реалноста и оностраното: „Талкајќи ноќе под темните стреи во дворот, го чувствуваше студениот здив во тилот, сенката на оној што не успеа да исползи од шамакот... на Зоран Првородениот (...)“ (Петревска Георгиева, 2020: 30). Повремено, тоа присуство на отсутниот Друг ќе се јавува како стопување на Јас со отсутниот Друг, како во соединувањето на дишењето на починатиот брат со сопственото дишење: „Зоран сè уште го слуша неговото зазбивтано дишење зад петиците, го чувствува тоа страшно шумење и во сопствениот здив ноќе кога само кукавицата ја пее својата тажна песна.“ (Петревска Георгиева, 2020: 30).

Читан на едно друго рамниште, расцепот кој настанува во главниот лик во расказот „Зоран“, расцеп помеѓу Јас и Ти на починатиот брат, Ти кое го носи длабоко во себе, и потребата за соединување со тоа Ти, всушност претставува метафора за расцепот кој постои помеѓу внатрешниот свет на Зоран и надворешниот свет. На проблематиката за расцепот внатрешно - надворешно консеквентно ѝ ги има посветено своите импозантни истражувања Роналд Леинџ во својата практика (која тој ја нарекува анти – психијатарска), и ги има објаснето во своите дела, особено во Поделеното Јас и Политиката на доживувањето. Во нив централна тема е субјектот во кој, при обидот да се прилагоди на дисторзираната реалност, настанува расцеп помеѓу неговиот внатрешен и надворешниот свет. Леинџ во Политиката на доживувањето укажува и на тоа дека индивидуите не доживуваат само расцеп меѓу надворешното и внатрешното, туку се чувствуваат отуѓени и од својот сопствен внатрешен свет, до таа мера, „што постојат многу тврдења дека тој [внатрешниот свет, з.м.] не постои; и дека дури и ако постои, е неважен.“ Интеракцијата помеѓу надворешното и внатрешното е постојана, па оттаму и влијанието (и прелевањето од една сфера во друга) на отуѓувањето е неизбежно: „без внатрешното надворешното го губи своето значење и без надворешното внатрешното ја губи својата суштина.“ (Laing, 1990: 46). Крајот на расказот „Зоран“ со повикот на гласот кој постојано го следи отвора две можности: првата е внатрешно стопување на Јас со Ти на братот, што би донело чувство на целосност и ослободување од „темната душа“ (Петревска Георгиева, 2020: 22), или од сенката, како што би рекол Карл Густав Јунг; втората е смрт идентична со онаа на душата чиј глас го повикува кон кобното место.

Причината за отсуство од блискост во односите на одредени субјекти може да биде во различноста на оние кои го градат тој однос, или во одредени црти на личноста кои го оневозможуваат субјектот да воспостави однос на блискост. Но, Мартин Бубер отуѓеноста ја гледа и како специфика на односите во одедени историски периоди, сугерирајќи дека постојат времиња кога светот „не е како со живи струи проникнат и оплоден од протоците на светот на Ти, е само уште изолирана и згрчена маса, горостасен фантом кој господари со човекот. Бидејќи не може да се разбере со светот на предметите, кој веќе не е способен да стане негова сегашност, човекот му подлегнува. Тогаш тековната каузалност се зголемува до опресивна и потчинувачка судбина“ (Buber, 2000: 47). Во тоа отуѓување, „човековото Јас ја губи својата стварност“, и не само стварноста, туку се губи и самото себе, својата суштина, се превора во „неопходна заменка, само нужна кратенка за ҅Овој овде кој зборува҆ “ (исто, 54-55).

Осврнувајќи се на овие размисли од делото Јас и Ти, Ернесто Сабато се надоврзува со своите ставови за дехуманизацијата и отуѓувањето предизвикани од здруженото делување на хиперрационализмот и технократијата: „Мартин Бубер вели дека проблемот на човекот секогаш одново се поставува секојпат кога изгледа дека е раскинат првобитниот пакт помеѓу светот и човечкото суштество, во времињата во кои човечкото суштество некако се наоѓа во светот налик на некаков осамен и беспомошен туѓинец. Тоа се времиња во кои се избришала една слика на Универзумот, и со неа исчезнало и она чувство на сигурност која постои пред она што е познато: човекот се чувствува дека е незаштитен, лишен од домот. Тогаш одново се запрашува за самиот себе“ (Sabato, 2005: 41). Токму такво е времето во кое живееме, таков е светот кој нè опкружува, за такво време и за таков свет, за ова време и за овој свет, пишува Мимоза Петревска Георгиева во Градски и шумски приказни.

Отуѓеноста во расказите од Градски и шумски приказни не е секогаш прикажана како доминантно тегобна или трагична. Честопати таа е доловена низ гротескно – иронична визура, како во расказите „Ајварче“, „Пудлица“, „Артан и Гаги“, „Идеален одмор“, „Шармер“. Во други, пак, таа е прикажана низ фантастична визура: „Камелеон“, „Сијамка“. Фантастичното, или поскоро надреалното, зачудното, блиско до магичниот реализам, е присутно и во расказот „Зоран“, но за разлика од него, „Камелеон“ и „Сијамка“ немаат карактеристики на трагичност и тегобност.

Во расказот „Качунки“ постоењето по смртта е претставено како една ужасна отуѓеност: душата на главниот лик обитува во гробот, кој е со години непосетен од најблиските: „Лежеше заборавен под тврдата земја со години. Го квасеа априлските дождови, ѕемнеше под јануарскиот мраз, стрпливо ги чекаше напролет и наесен... но тие не доаѓаа.“ И сеќавањето на блискоста и нежноста искажана низ гест во мигот на неговото умирање се само потсетување колку долго траела отуѓеноста помеѓу жена му и него: „Го сеќава нежниот допир на жена си врз врелото чело зачуден од мекоста на дланките што го милуваа и од сознанието колку долго бил лишен од таа нежност.“ Во таа самотија ги очекува најблиските со качунки никнати врз земјата на гробот, од кои ќе остане само една кога ќе го посетат по пауза од седум години. Тогаш ќе почувствува колку е отсутен од нивните животи, но и ќе доживее, преку рутинираноста на нивните гестови и зборови, преку нивните погледи, колку се тие неприсутни во самите себе: „Очите им се отсутни, срцата празни. Нема веќе ни сеќавања за него. Чувствува како во него се накрева силен ветер. Јачи со сета сила.“ (Петревска Георгиева, 2020: 49, 51). Болката заради одвоеноста од нив наоѓа единствена утеха во тоа што последната преостаната качунка ќе биде спасена да не изгори во огнот кој ќе вивне од свеќите запалени на неговиот гроб.

Во расказот „Срма“ уште на самиот почеток, со првите две реченици, преку чинот на будењето, воведена е блискоста во односот помеѓу главниот лик – девојчето и нејзиниот дедо: „Допирот на коравата дланка на дедо ѝ што ја будеше уште пред мугри беше пријатен и мек. Како да беше исткаен од иста преѓа со сонот од кој како гасеница полека се измолкнуваше.“ И веднаш потоа потенцирана е разликата во однос на блискоста со останатите, токму преку истиот чин: „Никој никогаш не успеа да ја извлече така нежно од постелата. Мајка ѝ ја будеше со лутото завивање на правосмукалката, љубовниците со лукавите бакнежи и неизречените намери, маж ѝ со нервозното утринско поткашлување“ (Петревска Георгиева, 2020: 55). Остатокот на расказот е временски поставен во минатото, во времето на детството, во деновите кои ги минува во домот на баба ѝ и дедо ѝ, со ѕидови украсени со флорални шари, каде е и ковчегот во кој баба ѝ чува конци, игли, копчиња, стари фотографии, црковни календари. Таму е и нејзината невестинска носија, од која еден дел (долгата бела кошула) девојчето ќе облече и ќе се огледа во огледалото.

Мартин Бубер, толкувајќи ја врската на човечкото суштество со природата, вели дека и тука станува збор за однос Јас – Ти (Buber, 2000: 88). Погледнато од перспективата која ни ја отвора оваа мисла на Бубер можеме да согледаме како блискоста на девојчето со нејзиниот дедо во расказот „Срма“ отвора пат за блискоста помеѓу девојчето и природата доживеана како Ти. Истражувајќи ја сферата на блискоста помеѓу луѓето и природата во своето дело Онтологијата и блискоста во врските човек-природа Нил Кеслер вели дека она што теоретичарите кои ја имаат истражувано оваа проблематика имаат забележано дека честопати односот кој човечките суштества го воспоставуваат со природата ги отсликуваат односите кој тие го имаат со другите луѓе (Kessler, 2019: 91). Низ ненаметливото а впечатливо доловување на блискоста на дедото со меѓите, доловите, дрвјата, потоците, коријата, мајчината душичка и дренките, јаготките и лешниците, природата е претставена како нешто што скоро може да проговори, нешто со што може да се влезе во дијалог без посредство на јазикот. Како манифестација на заклучокот на Бубер дека односот помеѓу човечкото суштество и природата постои „на прагот на јазикот“ (Buber, 2000: 88). За главниот лик, во расказот и самите зборови стануваат свети, онакви какви што секогаш би требало да бидат, онакви какви што се кога човечкото суштество е во блискост со себе и со другите, и кога отуѓеноста му е непозната. Дедо ѝ ја нарекува „срма на дедо“, и иако девојчето не може да се поистовети со неа („со нешто светликаво и скапоцено како срмата која блескаше од работ на калешникот на баба ѝ“), сепак тој збор „го примаше како причест, голтајќи го без да размислува премногу за него, чувствувајќи како го осветлува секој агол од нејзината внатрешност“ (Петревска Георгиева, 2020: 57). По исчитувањето на целиот расказ, првите реченици од „Срма“ добиваат ново значење: разликата помеѓу тоа како ја будел дедо ѝ, со тоа како ја будела мајка ѝ, и потоа љубовниците, па сопругот, е како најава на една друга разлика – помеѓу чувството за блискост кое било најсилно во времето на детството, наспроти чувството на отуѓеност кое се јавува со одраснувањето. Од таа перспектива може да се прочита и онаа сцена кога девојчето, облекувајќи ја невестинската кошула на својата баба, огледувајќи се во огледалото, ќе ја слече „како попарена (...), вџашена од непријатното гребење на волнената ткаенина.“ (Исто: 66).

И во уште два расказа од збирката, „Тетка Мица“ и „Мирисот на липите“, фокусот на дејствието е во периодот на детството и одраснувањето. Во „Тетка Мица“ е прикажана блискоста која се раѓа, преку пријателството, помеѓу два разнородни света: едниот е оној на девојчето, кое летата ги минува во селото во куќата на дедото и бабата, и другиот е светот на возрасната жена, која одамна заминала од селото, преселувајќи се во Белград. „Мирисот на липите“ носи содржина која би можела да прерасне во подолга, прозна или драмска, форма. Станува збор за расказ кој, заради својата вредност, заслужува посебен осврт, и кој би ги акцентирал сите сегменти на отуѓувањето од себе и од средината, и кои се најавени веќе со првата реченица: „Липите ми мирисаат на тага и смрт – го слуша сопствениот глас туѓ и далечен додека пријателите разџагорено се брчкаат во топлата летна ноќ под расцветаната липа.“ (Петревска Георгиева, 2020: 67).

„Понекогаш“ и „Љубов“, двата расказа кои го сочинуваат „Записи“, последниот циклус од книгата, можеме да ги читаме како диптих за отуѓеноста и блискоста. Во „Понекогаш“ е тематизирана тегобноста од доживувањето на најблиските како далечни: „Понекогаш ги гледа како туѓинци и одвај изустува ҅здраво҆.“ Таа тегобност се прелева од јавето во сонот, каде што тие ѝ се јавуваат „[з]а да ја пресретнат насон и да ѝ кажат ҅збогум҆.“. Наспроти отуѓеноста е блискоста, доловена со особен лирски интензитет: „ја милуваат со ѕвездени очи на доенче... за миг дишат со ист ритам.“ Но тоа се само мигови – веќе во следната, и последна, реченица од расказот, искажано е чувството на отуѓеност не само од најблиските, туку и од самата себе: „Понекогаш се гледа себеси во огледалото со чудење дека оној што ја гледа оттаму не знае ништо за неа и во ужас заминува“ (Петревска Георгиева 2020: 75-76). „Љубов“ е расказ кој на мигови има химнична возвишеност, на мигови е интимна исповед. Тој е величење на заедништвото, на животот кој ја остварува својата смисла единствено низ односот со Другиот, на слободата како состојба која не е остварлива за едно издвоено Јас, туку е возможна единствено низ односот на Јас и Ти. Крајот на расказот оди од егзалтираната блискост до метафорично претставување на отуѓеноста: „те паметам тебе или себе во тебе во една маглива зима. Ја паметам ѕвездата што ми изгреа во градите... Секогаш со копнеж оддалеку ќе ја гледам. Ги паметам и мирисот и вкусот и болката и стравот. Но не и студеното убиство што дојде по првото те сакам, љубов.“ (Исто, 79).

Петнаесетте раскази од книгата Градски и шумски приказни, врамени во четири циклуси („Лица“, „Линија на животот“, „Мириси“ и „Записи“) се раскази за односот меѓу Јас и Ти, за копнежот по блискоста и за мачнината од отуѓеноста, за себечувствувањето како туѓинец во светот, за блискоста но и за суштинската оддалеченост од најблиските, за запрашаноста над сопственото Јас, за стремежот за повторно воспоставување на нишките кои поврзуваат две човечки суштества. Во оваа збирка, односот на субјектите кон чувството на отуѓеност е разнородно, и варира од нивно непрепознавање на состојбата во која се одвоени од сопствената суштина, преку нивно препуштање на таа состојба, до грчевит обид да се доживее одново блискоста со другите и со светот, да се обнови суштината на своето Јас. Преку ликовите кои егзистираат во една дисторзирана реалност во која преовладува чувството на отуѓеност, или преку нивните сеќавања за минатото во кое преовладувало чувството на блискост, Мимоза Петревска Георгиева создава раскази кои се одликуваат со висока естетска вредност, а воедно претставуваат и сведоштво за светот во кој живееме денес.

Литература
Buber, Martin. 2000. Ja i Ti. Beograd: Rad.
Kessler, Neil H. 2019. Ontology and Closeness in Human-Nature Relationships. Cham: Springer.
Кундера, Милан. 1990. Уметноста на романот. Скопје: Култура.
Laing, Ronald D. 1990. Politics of Experience and The Bird of Paradise. London, New York: Penguin Books.
Петревска Георгиева, Мимоза. 2020. Градски и шумски приказни. Скопје: Темплум.
Sabato, Ernesto. 2005. Pojedinac i univerzum. Čačak: Gradac.

Извор: Контекст, бр. 24, 2021.

Илустрации од книгата Градски и шумски приказни (Темплум, 2020, Перо Георгиев и други.)

ОкоБоли главаВицФото