1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Првиот забележан случај на китолов се случил околу 1 000-та година од оваа ера. Оттогаш се убиени десетици милиони од овие фасцинантни суштества, а експертите веруваат дека нивната бројка опаднала помеѓу 66 и 90 проценти.
Намалувањето на бројот китови негативно се рефлектирало на целиот подводен екосистем, но резултирало и со една можеби не толку очекувана последица: опаднал природниот капацитет за собирање и складирање на јаглеродниот диоксид.
И климатските промени, предизвикани од антропогените штетни емисии, ја загрозуваат популацијата китови. Па сепак, овие морски суштества ни се едни од најважните соборци во обидот да го зауздаме порастот на средната глобална температура благодарение на својата способност за заробување на јаглеродниот диоксид.
Во (без)излезна ситуација
Во седумдесеттите години од минатиот век научниците открија дека на бројноста на морските суштества би можело да се примени едноставното математичко правило наречено Шелдонов спектар: колку е помал организмот, толку повеќе го има. На пример, крилот е милијарда пати помал од туната, но го има милијарда пати повеќе. Тој образец во минатото важел за сите морски суштества, од најситните бактерии до најголемите китови.
Меѓутоа, тогаш дојдоа луѓето во бродови и донесоа трски, мрежи, замки и харпуни за да ловат без никакво ограничување. Потоа ја загадија водата со излевање нафта и со неодговорно управување со отпадот. На тој начин го нарушија некогашниот фундаментален закон на океанот, а меѓу најголемите страдалници се китовите. Како последица на тоа е намалена бројноста на нивната популација но и нивната големина.
Авторите на истражувањето, објавено во ноември во научното списание Science Advances, утврдија дека индустрискиот риболов и китоловот значително го променија целиот спектар на биомасата во океаните влијаејќи на утврдениот образец за бројноста и големината. На најголем удар се најдоа поголемите организми. Згора на сè, опстанокот на подводните суштества не се загрозени само од риболовците и китоловците, туку и глобалното затоплување за кое исто така имаат одговорност луѓето.
Промените на температурата на водата, зголемувањето на нивото на морињата, зголемувањето на киселоста на океаните, топењето на мразот и недостатокот на храна се само некои од импликациите од климатските промени на кои китовите треба забрзано да се адаптираат. Без оглед на огромната закана за китовите која доаѓа од глобалното затоплување, постои мрачна проекција дека индустрискиот риболов и китоловот од втората половина на 19 век до денес имале потенцијално поизразено негативно влијание на големината на морските животни, меѓу кои се и тие, отколку што во следните децении ќе има промената на климата.
Масовното ловење е популаризирано околу 1890 година кога во океаните пливале 2,56 милиони китови. До 2001 година нивниот бројот се намалил речиси за трипати, на околу 880 илјади. Според извештајот на биолозите, во последните 40 години големината на китовите се намалувала заради стрес од заплеткување во риболовна опрема. Ова би можело да доведе до намалена способност за репродукција и зголемена смртност.
Она што е позитивно е тоа што е полесно да се контролираат и запрат овие човечки активности отколку глобалното затоплување. Човештвото секако се бори на двата фронта, но останува прашањето дали ќе успее во подвизите за обнова на екосистемот. Има многу причини заради кои сериозно би требало да им се посветиме во иднина. Ќе се осврнеме само на некои од нив!
Китовите складираат јаглерод
Глетката на насукани китови на плажа ретко кого може да остави рамнодушен. Погледот на восхитувачките животни кои суверено владеат со подводниот свет, како безживотно лежат надвор од своето живеалиште растажува, но и ја буди љубопитноста на набљудувачот особено кога ќе дојде до експлозија на телата. Тоа се случува заради наталожените гасови во телата на китовите и претставува пропуштена можност за карбонска секвестрација.
Впрочем, китовите се природни системи за собирање и складирање на јаглеродот: тие преку храната акумулираат и складираат јаглерод во своите тела во текот на целиот свој живот. Некои единки се тешки и до 200 тони, а просечниот животен век им изнесува 70 години. Еден вид, арктичкиот кит, достигнува старост од над 210 години со што го држи рекордот како најстар цицачи кој моментално ја населува нашата планета.
Откако ќе умрат китовите тонат на дното на океаните заедно со големата количина јаглерод која ја впиле додека биле живи, задржувајќи ја далеку од атмосферата со векови. Меѓународниот монетарен фонд процени дека еден кит во текот на својот животен век просечно заробува 33 тони јаглерод диоксид, додека едно дрво за околу 100 години апсорбира околу 1 тон јаглерод диоксид.
И покрај тоа што не го намалува значењето на садењето стебла како најевтин и најбрз начин за отстранување на овој гас со ефект на стаклена градина од атмосферата, огромниот потенцијал на китовите за јаглеродна секвестрација служи како еден во низата аргументи зошто би требало да вложуваме напори во зачувување и зголемување на нивната популација. Канадските и американските истражувачи пресметаа дека враќањето на бројот китови на претходното ниво би значело „потонување“ на дури 160 илјади тони јаглерод годишно на дното на океанот.
Изметот на китовите има непроценлива вредност
Покрај директната апсорпција на јаглеродниот диоксид, китовите во текот на животот на уште еден индиректен начин придонесуваат за намалување на јаглеродниот диоксид и тоа благодарение на својот измет. Нивните фекалии содржат многу нутриенти, вклучувајќи фосфор, железо и азот, кои се од суштинска важност за раст на микроскопските организми како што се фитопланктоните.
Освен што се извор на храна за многу риби, фитопланктоните ја претвораат сончевата светлина во хемиска енергија и трошат јаглерод диоксид. Нивната потрошувачка на овој гас се движи и до 50 проценти од антропогениот јаглерод диоксид. Тоа значи дека ако не можат да се прехранат, зголемувањето на средната глобална температура би било уште посериозно.
Покрај тоа, фитопланктоните во морињата и океаните ослободуваат кислород. Биолозите проценија дека различни организми кои живеат во океаните произведуваат помеѓу 50 и 85 проценти кислород во атмосферата. А истражувачката Силвија Ерл, која ги истражува океаните, оцени дека токму фитопланктоните обезбедуваат кислород за секое петто вдишување воздух.
Научните истражувања утврдија дека китовите го поддржуваат развојот на фитопланктоните, така што го ѓубрат океанот и учествуваат во размената и движењето на нутриентите.
Китовите се економски значајни членови на општеството
Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, заради значајната улога во карбонската секвестрација и здравото функционирање на океаните, на китовите им должиме повеќе од илјада милијарди американски долари.
Само еден голем кит вреди повеќе од 2 милиони американски долари зашто со своето постоење придонесува за фаќање на јаглеродот, но и за унапредување на рибарството и процветот на туризмот.
Сепак, се чини дека генерално остануваме слепи за сите позитивни карактеристики на китовите кои не се однесуваат на месото и коските. Со оглед на тоа дека китовите се значаен фактор во митигацијата на глобалното затоплување, климатските прописи и политики би требало да ги обликуваме така што со нивното зачувување ќе ја зголемиме и шансата за задржување на порастот на глобалната температура значително под 2 степени целзиусови.
Колку повеќе китови, толку поздрави океани и помалку јаглерод диоксид во атмосферата.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://nationalgeographic.rs/