Моливот пишува со срце (1)

17.12.2021 19:23
Моливот пишува со срце (1)

 

АВИОН И АВТОМОБИЛ

‒ Авион може да лета и наопачки

а на кола одма е судар.

‒ Авион тропа друкше.

‒ Авион има и вртилација.

‒ Се разликуваат

по автокарта.

 

Не се исти

‒ Зашто авион има мотор на небо

а автомобил мотор на земја.

 

Различни се

- Зашто сообраќаец не може

да застане на небо.

‒ Авион можеш и од хартија да направиш

а кола мора да се купи.

‒ Камион гази деца

авион не гази.

‒ Ако застанеш на прозорец

ги пребројуваш сите автомобили

авиони не се бројат

туку само на парада.

‒ Во автомобил мора да се тури бензин

во авион не мора

него го вози пилот.

‒ Кога гледаш авион

те заболува врат

а автомобили фино се гледаат.


АВИОН И ПТИЦА

по што се различни, а по што се слични

‒ Птица се раѓа

а авион се прави.

‒ Авион пее дебело

а птица пее тенко.

‒ Во птица не сипаме гас

таа сама лета.

‒ Врабец јаде пченка

а авион не може.

‒ Птица може мачка да изеде

а авион не може.

‒ Врабец ловиш со стапица

а авион не можеш.

‒ Тие се друкши по мене

оти јас не летам по небо.

‒ Исти се штом ја дигнам главата

и гледам и птица и авион.

 

подобро е авион или птица

‒ Подобро е птица

таа има влакнести крила.

‒ Подобро е авион

тој има прозорци за гледање.

‒ Птицата е корисна

таа носи јајца а авионот не носи

оти нема гнездо.

‒ Авионот е корисен

тој вози патници на аеродром

птицата нема ни скали.

‒ Авионот е добар

под него можеш да се подвлечеш

а птица колва.

‒ Птица е подобро

таа се мавта кога лета

и оди на југ.

Пред педесетина години во Србија настана необична книга напишана од деца а наменета за возрасни. Книгата е составена од детски одговори произлезени од еден тест за мерење на детската интелигенција во Институтот за психологија во Белград. Со испитувањето биле опфатени 2000 девојчиња и момчиња од Србија на возраст од 4 до 14 години.

Психолозите што го спровеле истражувањето, Вања Рупник Рашиќ и Будимир Нешиќ, во предговорот велат: „При изборот не нè интересираше дали одговорите се мудри или смешни, ниту дали носат поени во тестот; ние, едноставно, сакавме да ги сочуваме изворноста и богатството. Така избраните одговори, со назначениот пол и возраст на детето, беа објавувани во текот на 1967/8 година во списанието Свест“.

Неколку години подоцна била објавена и славната книга, со десетици изданија, Оловка пише срцем. Книгата била составена од низа целини настанати од повеќе детски одговори на едно прашање, но имало и делови во кои бил користен само еден одговор.


Душан Радовиќ, најмаркантниот српски и југословенски писател за деца, рекол за книгата Моливот пишува со срце:

„Ако од лице место сакате извештај за тоа зошто и како настанува МИСЛЕЊЕТО, обратете им се на малите деца, единствените живи и автентични сведоци на драматичниот момент кога сè уште неразвиените сетила и свест првпат ја запознаваат среќата и дел по дел го запознаваат големиот свет, и првпат самите себе можат да се идентификуваат. (...)

Тие најпрвин не знаат ништо а потоа долго патуваат, лутаат и откриваат додека не дознаат „сè“. И тука се завршува најубавата човекова авантура, после само неколку години спонтан и некористољубив живот без смисла и цел. Ќе си се оддалечиме од детството без да се приближиме до целта. Цел нема, цел на животот ‒ не самиот живот ‒ и ние носталгично почнуваме да се враќаме кон времето кога сме биле најблиску до животот и до себеси. Целата уметност е, ми се чини, обид животот одново да се доживее ама на оној начин, со оние сетила и глад, онака богато, слободно и невино. Да се биде детинест и несериозен, оти сè друго е недоволно сериозно и мудро.

Тука се допираат поезијата и оваа оригинална и поучна книга. И ќе биде малку и погрешно ако овие скапоцени документи се регистрираат само како финтички и штосови. Не, ова е книга за размислување и откритија.“


Избор и превод: П. В.
Цртежите се на скопски деца од цртачката група на уметникот Ненад Тонкин.

Слични содржини

Психологија / Живот / Уметност
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Живот / Култура
Книжевност / Живот

ОкоБоли главаВицФото