„Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ – архитектонска изложба

21.12.2021 15:00
„Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ – архитектонска изложба

Во Музејот на Македонија на 23 декември (четврток) од 19 часот ќе биде отворена архитектонската изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“.

„Во втората половина на дваесеттиот век, значително се менува улогата на жената во македонското општество. Во новонастанатиот политички, економски, социјален и културен контекст, жените го прават својот прв пробив во мноштво професии, кои претходно се сметале за ‘машки’. Обемниот и сеопфатен модернизациски и еманципаторски проект значи забрзано менување на структурата и ликот на градовите, а жените архитектки рамноправно учествуваат во обликувањето на новиот животен простор“, се вели во најавата за изложбата.

Жените архитектки даваат значаен придонес кон архитектонската сцена во Социјалистичка Република Македонија, особено во периодот на постземјотресната обнова на Скопје. Периодот на 60-тите, 70-тите и раните 80-тите години е време на интензивно архитектонско и урбанистичко творештво за Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други.

„Образовани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегува директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по нивното враќање во Скопје имаат силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти“, се вели во најавата за изложбата.

Инспирирани од интензивната дебата која се води на глобално ниво за улогата на жената во општеството, а соодветно и во професијата, овој проект има за цел да ја истражи, документира, проучи и промовира улогата и делата на овие извонредни жени од практиката – планерки, архитектки и дизајнерки; да доведе кон подобро разбирање, поголема видливост и вреднување на архитектонското и културното наследство кое тие го оставиле на идните генерации.

Проектот е финансиран од Амбасадата на Швајцарија.

 

ОкоБоли главаВицФото