1020 hPa
34 %

18 °C
Скопје - Саб, 22.03.2025 12:59
Големиот годишен форум на Обединетите нации за климатските промени заврши минатиот месец во Глазгов на начин кој разбесни многу од присутните. Богатите ги преземаа работите во свои раце.
Конференцијата за климатски промени (ЦОП26) помалку личеше на своите претходнички, а многу повеќе на втор „Давос“ - јануарскиот состанок на Светскиот економски форум, каде могулите на планетарната економија се среќаваат со политичарите и ја осмислуваат нашата економска иднина. На ЦОП26 слетаа десетици приватни авиони, а во нив беа инвеститорите и застапниците на фосилните горива. Економската новинарка Џилијан Тет забележа дека од 2015 година до денес, „племето“ посетители на ЦОП е променето: „некогаш тоа беа министри за екологија, научници и активисти“, а денес се „бизнис лидери, финансиери и монетарни службеници“. А тоа автоматски значи дека тактиката и целите на движењето ќе изгледаат многу помалку демократски.
Ако ги прашате заштитниците на животната средина, ЦОП26 заврши во хаос, со двете најголеми земји потрошувачки на јаглен, Кина и Индија, кои и натаму одбиваат да се откажат од највалканото од сите горива. Но за финансиската индустрија нештата беа малку порозеви. Новата Финансиска алијанса за „нет-зеро“ обедини 450 финансиски институции околу „планот на приватниот сектор“ да го насочат светот кон таканаречена нет-зеро, односно нулта емисија на јаглерод диоксид. Параф ставија Бенк оф Америка (Bank of America), Блек Рок (BlackRock), Голдман Сакс (Goldman Sachs), Вангард (Vanguard) и Велс Фарго (Vels Fargo). Подрршка дадоа и осигурителните куќи (како Лојдс), агенциите за рејтинзи (Мудис), пензиските фондови (како Системот за пензионирање работници во јавниот сектор на Калифорнија) и давателите на финансиски услуги (Блумберг). Тие се подготвени на акција дури и ако активистите на ЦОП не се.
Групата ја предводи Марк Керни, поранешен директор на Голдман Сакс и поранешен гувернер и на Канадската банка и на Англиската банка, кој сега е „специјален претставник“ на Обединетите нации за клима и финансии. Оваа алијанса на располагање ќе има 130 милијарди долари.
Нивниот план е мошне магловит. Тој вклучува „воведување вертикална конвергенција околу плановите на корпорациите и финансиските институции за нет-зеро“ и користење „финансиски полуги за да им се наметнат правила на економските актери“. Алијансата нема да ги троши своите фондови на климатски „проекти“, туку ќе управува со потенцијалните инвестиции, давајќи му предност на однесувањето кое индустријата со финансии го смета за чесно и со ускратување пари за оние кои не се такви. Тоа ќе значи дека во рацете на банкарите ќе има неверојатна концентрација на политичка моќ.
„Не можеме да дојдеме до нулта емисија така што ќе притиснеме некое зелено копче“, рече Керни во октомври. „Мораме да промениме цели економии.“
Тоа е еуфемистички начин да се опишат неизбежните огромни трошоци. Прашањето е дали финансиерите - за разлика од, да речеме, научниците или гласачите - треба да имаат збор околу тоа како ќе се менуваат економиите. Се чини дека алијансата сака да го реши тоа прашање и пред пошироката јавност да сфати дека прашањето било поставено.
Некој би можел да забележи дека оние што манипулираат со пари имаат одреден легитимитет во меѓународниот обид да се спаси планетата. Тоа е истиот легитимитет кој, да речеме, го имаат активистите меѓу познатите личности, како што се Шарлиз Терон, Боно или Шон Пен. Нивната моќ исто така не е демократска, иако понекогаш се чини дека е.
И банкарот е личност на која сте ѝ дале доверба и дел од својата личност. Сте му дале контрола над вашата заштеда. Борбата против климатските промени бара предвидување на иднината - или барем правење добри претпоставки. Верувате дека вашиот финансиски советник го знае токму тоа, дури и ако се работи за оној дел од вашата иднина кој може да се измери на берза. И покрај тоа, ако наша цел е промена на целиот свет, тогаш тоа ќе бара ресурси какви што имаат само гигантските финансиски системи.
„Ниедна земја нема доволно голем буџет за да постигнеме сè што сакаме“, рече Џон Кери, специјален советник за клима во администрацијата на претседателот Бајден, на еден од првите состаноци на Финансиската алијанса во април.
Владите немаат пари да ги реализираат овие работи зашто немаат легитимитет. Парите кои ги споменува Џон Кери не се одвоени во даночните давачки за таа цел. Тоа се лични поседи на луѓе, нивни приватни инвестиции, нивни животни заштеди. Луѓето би можеле да го предадат тоа од витешка желба да ја спасат својата планета, но во секоја демократија владата мора прво да ги праша за дозвола.
Во многу случаи, овие пари не им припаѓаат ни на банките. Се чини дека господинот Керни понекогаш не го согледува тоа.
„Ги имаме сите пари кои ни се потребни“, рече тој на самитот.
Не. Банкарите „имаат“ пари во смисла дека можат да манипулираат со нив, но не дека можат да прават сè што ќе посакаат. Банкарот е „повереник“. Тој по закон и по обичаи има задача да го штити интересот исклучиво на луѓето чии пари ги има. Тој не би смеел да ги користи тие пари за што било друго.
На банкарите не им се допаѓа кога ќе ги потсетите на тоа. Одредени инвестициски консултанти во алијансата тврдат дека непреземањето ништо во момент кога планетата се прегрева, впрочем е рушење на „доверителската одговорност“. Бајденовата администрација се сложува. Министерството за труд на САД подготвува измени на законите според кои „фидуцијарите“ мора да ги имаат предвид не само интересите на депозиторите туку и факторите како „животната средина, општеството и владеењето на правото“.
Во Глазгов, самономинираните претставници на една мошне богата индустрија наведоа дека сакаат да водат посебна улога во обликувањето на иднината на човештвото. Климатските активисти беа скептични. Банкарите во алијансата веруваат дека општеството е подготвено да тргне по нив. Но судот би требало да го имаат гласачите, а не банкарите.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Eiko Ojala
Извор: New York Times/International report