Е, па, ајде, ако не чини Отворен, да продолжиме со Затворен Балкан?

22.12.2021 12:47
Е, па, ајде, ако не чини Отворен, да продолжиме со Затворен Балкан?

Сѐ уште не можам да го разберам одбојниот однос што го предизвикува проектот „Отворен Балкан“ во некои балкански средини, кај коментатори и политичари, партии и државници… Разбирам дека има многумина, од најразлични причини, со право и без право, кои ги сакаат, ги мразат или се рамнодушни кон тројцата сегашни носители на таа иницијатива – Вучиќ, Рама и, на заминување, Заев – но самиот нивен „збир“, политичките разлики што и меѓусебно ги негуваат, а и интересите на државите и владите што ги претставуваат, би требало да е дополнителна „гаранција“ дека не може да станува збор за некаква, всушност, никаква конспирација против интересите на подобриот Балкан.

Особено не може да се разбере онаа пропагандистичка глупост дека е тоа замисла што ја загрозува, па дури и ја доведува во прашање интегративната перспектива на Македонија, Албанија и Србија во Европската Унија… Нема рационална анализа што би покажала дека таа перспектива е закочена или загрозена од овој проект, а би можело на долго да се образлага дека „Отворен Балкан“ е, всушност, комплементарен со суштинските евро-интегративни напори. Дури и НИШТО да не произлезе, фактички, од конкретните договори за соработка и за олеснување на таа соработка меѓу балканскиве земји кои се дел од проектот, тоа не го доведува во прашање, ниту го девалвира балканскиот сон за европеизација на регионот. Напротив.


А, се разбира дека сомневањата, противењата и „фаличноста“ на пристапот кон „Отворениот Балкан“ е резултат на ситните, дневно-политички пресметки помеѓу суетите и партиските математики на актуелните гарнитури на политичари низ сите земји на Западниот Балкан. Критиките на овој проект, всушност, ја илустрираат горчината произведена од неисполнетите ветувања и обврски на самата Европска Унија кон овдешните држави и нивните европски сограѓани. Тој европски неуспех – да, покрај потфрлувањата и во други области на владејачките гарнитури – се претвори во едно од главните орудија во внатрешно-политичките пресметки за тоа кој паѓа, а кој доаѓа на власт, бидејќи и двете „страни“ во тие демократски трки (кон „дното“) се жртви на неисполнетите ветувања на ЕУ.

Тешко се споредуваат стратегиите на секоја земја поединечно како се справуваат со тој европски неуспех. На пример, во Албанија „од мртви“ се враќа еден Бериша на политичката сцена чии приврзаници со палење српски знамиња сакаат да авансираат во освојување симпатии во тамошното општество; во Србија, пак, во сосема различни историски и политички околности, Вучиќ целиот свој долгогодишен државнички кредибилитет го гради и врз иронијата и цинизмот со кој се однесува кон Брисел; Заев, пак, се обиде да се „додвори“ кон ЕУ на сите можни начини, понекогаш и на граница од политичката пристојност и национален дигнитет, па резултатот е тој што го знаеме. Овде, дури, се создава растечко мислење дека проекти од типот на „Отворен Балкан“ или договори за добрососедство со членки на ЕУ нѐ оддалечуваат, а не нѐ приближуваат кон таа Унија! Има ли нешто што може да биде поконтрадикторно од тоа?!

Со други зборови, се чини дека ако не успее проектот „Отворен Балкан“, по инерција ќе продолжи да функционира проектот за затворен Балкан. Тој го знаеме, проверен е и со години дава очекувани резултати. Кому тоа му одговара?

Слики: Icinori

Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото