Револуција со хебли

11.01.2011 11:20
nicole_eisenman_05.jpg

На Груевски најитно му треба сериозен политички советник. Не ПР менаџер, туку стар, добар, конзервативен - политички советник.

Кога го велам ова мислам на катастрофалната политика на Груевски заснована врз конфронтации и сосема непродуктивни пресметки со минатото. Наместо обединување на очајниот народ, Груевски нуди нови делби, нови кавги и нови бесмислени игри, обидувајќи се да го купи времето додека не дојде лебот (ако воопшто дојде).

Можеби стручњаците за односи со јавност му рекле дека во 2007 година во Македонија одлично ќе помине комбинацијата: искреност /идеализам/ револуционерност. И можеби Груевски послушно ги следи советите, особено зашто и самиот ги има трите црти кои доминантно го формираат неговиот политички профил.

Проблемот е во тоа што политиката е многу покомплицирана од привремените страсти и заслепености на луѓето. Зарем еднаш во политичката историја сме се увериле дека „искреноста“ често е демагогија, дека идеализмот често е фанатизам, а револуционерноста крволочност и фрустрација на некадарните?

Да бидам уште појасен: Груевски во еден невиден медиумски налет цел месец ни објаснуваше дека основа на неговата политика се принципиелноста, незаборавањето и етичноста. Главна мета на Груевски се претседателот Црвенковски („човекот без рејтинг“) и опозицискиот СДСМ (исто така, со многу мал рејтинг, и оттаму бесмисленоста на фиксациите и фрустрациите на Груевски). Нејсе. Нека го кркаат стапот, велам, СДСМ и Црвенковски, оти во голема мера тие и ја создадоа чудовишната ВМРО на Љубчо Георгиевски, чијашто чудна реплика или деформација е и сегашнава ВМРО ДПМНЕ.

Нејсе, велам. Да памтиме, така? Да не забораваме? Па, еве, памтам: дека Груевски, 1998-2002, едно време беше втор човек во најлошата и најгангстерската влада во историјата на Македонија! (и тоа мислам на 130-годишната историја! Не верувам дека и во историјата на ВМРО имало поклептомански чувари на благајната од оние што ја пљачкосуваа земјава, меѓу другото и преку продажбите на Телеком и Окта, а притоа и подготвувајќи мала контролирана војна, нешто како сиренска мала ноќна музика за одвлекување на вниманието!). Ете, го памтам тоа и никогаш нема да го заборавам, слично како и лошото владеење на Бранко Црвенковски во периодот 1994-1998, владеење кое и ја донесе на власт застрашувачката ВМРО на Георгиевски.

И други работи памтам, сè воден од мудрата, ферска, етична и принципиелна политичка филозофија на милиот ни и преблаг водач Грујо... Памтам дека водачите на единствениот масовен криптофашистички протест во Македонија по 1945 година, таканаречените студентски антиалбански демонстрации 1997 година, беа денешните млади јуришници на ДПМНЕ: Антонио Милошоски, Влатко Ѓорчев и Филип Петровски! Тогашните млади нацисти денес се меѓу највлијателните политички фигури во Македонија! (Со тоа што Милошоски и Петровски ретерираа од својот тогашен криптофашизам, додека Ѓорчев сè уште изигрува многу опасна политичка будала, земајќи ги маските на нашето слатко хитлерче од сокакот, т.е. шешељчето наше маалско, шегаџијата што од забава остри ножеви и сè низ шеги тера најбрутална можна политика.)

Иако, значи, Груевски со својата нарцисоидност и со својот радикализам полека почнува да оди на нерви, тој сепак сè уште не ја потрошил нашата доверба. Но, доколку премиерот продолжи со својата острастена, одмазничка и радикално идеологизирана политика тој ризикува да ги ослабне позициите дури и во сопствената партија. Прво, со своите непромислени лични пресметки, Груевски ги прави смешни и контрапродуктивни напорите на неговиот економски тим. Второ, еве, веќе и Антонио Милошоски се нуди да ги крпи глупостите на својот шеф и да посредува кон претседателот Црвенковски, оти Груевски е вон (само)контрола за да ги извршува доверените му функции. Ако Милошоски, после само три месеци, треба да ги покрива гафовите на Груевски, зарем не се отвора прашањето кој би бил посоодветен шеф на ВМРО ДПМНЕ? Да речеме, можеби, Никола Димитров, бескрајно рафинираниот и одмерен дипломат, кога ќе се спореди со сегашниов примитивизам во ВМРО?!

Да бидам најјасен и најдиректен: можеби, почитуван премиер, вашите стручњаци за односи со јавност имаат право; можеби на земјава и’ требаат искрени идеалисти и доследни истерувачи на правдата; уште повеќе: можеби на земјава и’ треба револуција! Но, вашиот ПР тим превидува една ситница: се подразбира дека на јарболите пред владата, во налетот на праведниот народен гнев, први ќе бидат обесени Љубчо и Бранко; но, кој ќе биде третиот, петтиот, десеттиот? Има ли предлози од вашите ПР махери?! Глигоров, Андов и Бучковски ќе бидат од 3 до 5? А понатаму?

Едно треба да ви биде јасно, почитуван премиер: револуцијата што (хипотетички и веројатно јалово, оти сите заедно вампирски ја исцицавте крвта на народот) тлее одоздола, вас ќе ве стави барем меѓу петте првообесени, а вашите потпирувачи на огнот од типот на Влатко Ѓорчев веројатно ќе успеат да влезат во тесната трка за 20 место, заедно со другите млади лавови: Игор Ивановски, Борис Кондарко или Антонио Милошоски (не знам колку точно јарболи има пред владата, но ќе да се дваесетина; ако нема доволно јарболи, ќе се најдат улични светилки, а богами на Камени мост ќе се најде и по некој кол за наденување на особено дијаболичните меѓу вас).

Да резимирам, надвор од морничавиве шеги: ако мислите, почитуван премиер, дека ВМРО ДПМНЕ ја контролира енергијата на застрашувачкиот лумпенпролетеријат кој од ден на ден расте во опустошенава и безнадежна Македонија - опасно се лажете. Ако не денес, ако не утре, сметките ќе дојдат за наплата, а оние што наплаќаат, батките со безбол палки, во политика се разбираат помалку дури и од вашите јапи другарчиња од ПР агенциите. Всушност, можеби само јапиевчињата ќе успеат да ги спасат своите дебелкави газиња, или цевчејќи коктели на блиските и далечни острови, или нудејќи им се како испробани експерти за ПР на новите револуционери со хебли.

„Утрински весник“, 09.01.2007.

слики: Nicole Eisenman

 Очаен текст, ништо ново

 Очаен текст, ништо ново

На секој паметен човек, и на

На секој паметен човек, и на секој што знае политички да мисли, веднаш му беше јасно дека Груевски ја води Македонија во пропаст. Јануари 2007 дури е доцна за таа констатација, затоа што Црни Грујо беше јасен многу пред тоа (уште по начинот како ја водеше од Љубчо преземената партија). За жал, во јануари 2007 (Гелевски изгледа тогаш сфатил во чии раце е бродот на државата) малку луѓе знаеја дека Груевски е поопасен за РМ дури и од дијаболичниот Љубчо. Неверојатното е што и после четири и пол години пустошење многу луѓе и понатаму не го гледаат баеги бабачкиот деструктивен потенцијал на лажниот пастир. Ако. Така треба. Нека е за памет. Нека ја исцица и исцеди цела Македонија, Златниот-Црниот, за следниот пат кога ќе дојде ново лудо диктаторче гласачот троа да го протресе акалот...

Во времето на Љубчо имаше

Во времето на Љубчо имаше демократија, без претерување можам да кажам дека беше најдемократичниот период во историјата на Македонија. Љубчо излегуваше на емисии со опизиционо настроени новинари и спореше за концепти и ставови. Точно дека на економски план беше иста ко сите други Влади, ама тогаш за разлика од денес, не беше се’ во рацете на среброљубивиот и дијаболичен, како што го нарекоа погоре, Љубчо. Македонија имала 4 најлоши Влади во историјата, тоа се двете на Бранко 1992-1998 и двете на Грујо 2006-2011(12), другите се трпеа некако.

Види, види, знаел тој да каже

Види, види, знаел тој да каже и по некој лош збор за СДСМ.

Чекам, ама кој знае дали ќе

Чекам, ама кој знае дали ќе дочекам, 1 (еден) ВМРОвец да каже нешто лошо за Груевски.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото