Балканот со брзина на полжав кон ЕУ

22.12.2021 17:46
Балканот со брзина на полжав кон ЕУ

 

Да за ЕУ-проширувањето, но без ставање премногу оптимистички временски рамки. И по последниот самит на европските лидери можеше да се констатира дека земјите од Западен Балкан продолжуваат да се движат кон ЕУ со брзина на полжав.

Но, дали само земјите кандидатки за членство се повлекуваат во своите куќички кога ќе им се спомене зборот „реформи“ или пак и дел од земјите членки постојано ја намалуваат брзината на евроинтеграциите и се влечат како полжави надевајќи се дека некој друг ќе им ги реши внатрешните проблеми на забавениот развој?

Сликата за натамошното проширување со прием на нови, пред сè сиромашни земји, не може да се согледа без да биде ставена во поширок контекст. Во голем број сегашни ЕУ-членки е присутна силна загриженост доколку повторно се дозволи преурането членство, имајќи предвид колку далеку (не)стигнале источноевропските земји како Бугарија и Романија, со реформската работа во областа на економијата, борбата против корупцијата, владеењето на правото и екологијата.

Во рамките на ЕУ одвреме-навреме се заговараат идеи за внатрешно структурирање и поделба на Унијата во кругови во кои евроинтеграциите би продолжиле да се развиваат со различни брзини. Но, прашање е дали на менувачот за брзини за Бугарија и за Романија би останало место дури и во „лер“, или биле прикачени во рикверц?

Според најновото истражување на Евростат, во просек 23 проценти од граѓаните на ЕУ, кои сметаат дека буџетот на нивното семејство додека растеле бил лош, денес се рангираат како сиромашни, односно граѓани што имаат приходи под 60 отсто од средното ниво на платите во ЕУ. Бугарија и Романија се на врвот на ранг-листата, со околу 40 отсто од население што потекнува од сиромашни семејства, кое и денес сè уште се смета за релативно сиромашно.

Бугарија веќе деценија и пол добива големи средства од европските фондови, но тоа воопшто не ја спречува да ги затвори очите пред „европската солидарност“ и од позиција на сила (вето) да им се заканува и да ги блокира своите сиромашни соседи да се приклучат кон композицијата што ќе ги повлече напред и нивните стремежи и соништа за подобар живот. Со таа грда страна на своето лице, Бугарите манифестираат голема хипокризија и дволичност, но всушност најмногу егоизам.

Но, тоа што некои ЕУ-членки не покажуваат волја малку да замижат и да „пропуштат“ нови нереформирани и сиромашни земји во членството, не е ништо ново. Ниту, пак, тоа може да претставува некаков момент на непријатно изненадување.

По ЕУ-самитот во Брдо кај Крањ, Ангела Меркел не сакаше да зборува ни за претходно споменуваниот рок за прием на нови членки до 2025 година, ниту пак за словенечкиот предлог да се утврди временски рок со давање ветување за прием до 2030 година. Нејзиниот одговор беше како испружена студена рака. „Не верувам во ставање датуми, туку верувам во исполнување на нашите ветувања.“ Значи, не се важни датумите и временските рокови со кои ќе се лицитира, вели Меркел, туку кога „условите еднаш ќе бидат исполнети, тогаш може да се случи и влез на нови членки“.

Поради негативните искуства од брзиот прием на поранешните комунистички држави, кои сè уште каскаат во развојот и усвојувањето на европските вредности, многумина меѓу нивните соседи на Западот ги доживуваат како „вреќа без дно“, што голта енормни средства од европските фондови. Некои од нив во изминатите децении добиле фантастично голема неповратна финансиска помош за трансформација и модернизирање на својот општествен систем и економија, но и понатаму се однесуваат кон европските вредности како тие да претставуваат закана против нивниот развој.

Европските десничарски популисти, кои бележат сè поголем пробив во освојувањето на политичко влијание во своите земји, не гледаат со симпатии на настојувањата во европското семејство да влезат нови сиромашни источни соседи со неконкурентни економии, кои само би ги зајакнале непринципиелните гласачки групирања во Брисел и би се обесиле околу вратот на богатата Западна Европа, барајќи да ги издржува.

Обично се вели дека во ЕУ победуваат оние што немаат непријатели кога договорот е готов – и кога решението е на повидок. Во случајот на Бугарија, која настапува како раштиман оркестар, каде се слушаат категорични тврдења дека не постои жива сила што ќе ја натера Софија да се откаже од своите барања кон Македонија, па до новите најави за скратување на рокот за кревање на бугарската блокада на шест месеци, – и понатаму останува нејасно како Софија го сфаќа градењето на пријателство меѓу двете соседни земји. А напоредно на тоа, што всушност е големото и вистинско изненадување, не добива од Брисел соодветна критика, поради очигледното нарушување на принципите на градење на политика на добрососедство, како еден од основните постулати во темелите на европската градба.

Во меѓувреме, ЕУ продолжува да брза на Балканот – но полека, како полжав. Брисел свесно дозволи на Македонија да и се наметне уште една дополнителна пречка на патот кон Европа, која на другите источноевропски земји не им беше ставена на преговарачката маса. А тоа е наметната кавга околу историјата и јазикот, со силен притисок да го смените сопствениот национален идентитет. Таквите стари спорови најпрвин треба да се решат, изјави пред извесно време поранешниот шведски премиер Стефан Ловен, инаку ќе биде тешко воопшто да дискутираме за временски рамки и евентуални нови земји членки.

Најпрвин здрави и успешни реформи, а дискусијата дали на земјите од Западен Балкан да им се овозможи „извесна соработка“ со ЕУ или да бидат примени во полноправно членство, останува за некоја неопределена иднина, а во најдобар случај, за да прозвучи и малку оптимистички, „скорешна“.

Слики: Roger Duvoisin

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото