„Урбани градини: сврзни ткива“ – промоција на проект на Ана Лазаревска

23.12.2021 13:30
„Урбани градини: сврзни ткива“ – промоција на проект на Ана Лазаревска

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива во рамки на својата програма „Други простори“/Уметност Клима Промена, ја организира промоцијата на проектот на Ана Лазаревска насловен „Урбани градини: сврзни ткива“. Настанот ќе се одржи во петок 24 декември, со почеток од 16 часот во стакларникот зад Педагошка академија и ќе се одвива до 18 часот.

Во овој развоен/процесен проект Ана Лазаревска прикажува дел од своето истражување кое е основано на внимателно и неизбрзано набљудување на природата и општеството, нивните функции, релации, и начини на функционирање како систем. Таа нив ги споредува со системот на кој функционира човечкото тело, кое постои во својата комплексност како и природата, кое зависи од функционалноста на органите, нивната поврзаност, средината во која се развива и живее, зависи од надворешните влијанија, од траумите, негата, љубовта, грижата итн. Деконструирајќи го телото таа го промислува процесот на создавање и на телата и системите во кои тие функционираат, односно како клетките се комбинираат за да формираат ткива, ткивата за да формираат органи, а органите да формираат организми, кои постојат во системи- општествените системи и екосистеми.

Прави аналогија помеѓу комплексноста на екосистемот и општествениот систем, како и телото како систем, сакајќи да посочи дека секоја нездрава клетка ги нарушува системите и нивното функционирање. Во фокус на истражувањето на Ана е и антропоцената која го претставува времето кога човекот ги нарушува здравите клетки во екосистемот а со тоа и неговото постоење.

Со својот пристап на набљудување и земање време да се промислат работите, таа се спротиставува на секоја избрзаност, резултат по секоја цена, ефективност и се’ останато како пристапи на кои не тера капитализмот, поради центрираноста околу потрошувачката, брзината, брзото што го придвижува пазарот на конзуменција. Таа со својот начин на работа се спротиставува на двигателот на антропоцената, и внимателно ја гради сликата за системот на урбани градини кои ги промислува како градски -сврзни ткива- простори кои може да се развијат и поврзуваат во екосистем на градот, функционална единица која и поврзува, создава чувство на поврзаност, сопственост и одговорност за средината која ни припаѓа, - за јавниот простор.

Ана на еден грижлив начин ни посочува кои се тие ткива во градот и гради визуелен пејсаж – инсталација- каде мапира девастирани, разрушени простори и укажува како тие да се развијат и врамат во заеднички простори- урбани градини, каде ќе згрижуваме, ќе ја градиме грижата кон другиот, кон другите битија и природата, јавниот простор, заедницата. Таа со ова претставување преку своето дело ни укажува на сите оние ткива кои не ги гледаме, а треба да почнеме да ги гледаме, и внимателно да ги развиваме во простори кои ќе ни овозможуваат да дејствуваме, да делиме, создаваме и да придонесеме во развојот на една целина, тело – на својата градска средина.

Таа укажува дека можеме заедно да ги заздравиме ткивата кои сме ги уништиле со невнимание, и да произведеме урбани градини како простори - сврзни ткива на градот каде се случува поврзување, интеракција, размена и хармонизирање на индивидуалните клетки во градење на заедници.

Својот сензорен указ го гради со уметничка интервенција во простор преку интерактивна инсталација развиена преку мапа, фотографии, QR кодови, gif и медитација, кој е времена, развиена во една темпорална димензија, односно е еден вид на изведување на другост во јавен простор, кое „изведува предлог“ за понатамошно вклучување на заедницата и внимателен однос кон јавниот простор и средина.

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото