Скопје е мајка на балканската езотерија

23.12.2021 14:44
Скопје е мајка на балканската езотерија


 Роден сум на ул. „Коста Шахов“ до слаткарницата на Рамче, кај основното училите Песталоци, но од шест и пол годишна возраст живеам во Капиштец. Иако од нула до шест делува многу рана возраст, мојата меморија и резонирање работат од навистина зачудувачко доба. Нејсе, тоа маало беше место без коли, со тесни улички и припиени комотни куќи. На средина од улицата „Ленинова“ постоеше кош и тука секоја вечер имаше „турнири“ наместо возила.

Сепак, во Капиштец го искалив мојот карактер. Населба, која малкумина ја доживеале надвор од ноќниот живот, бидејќи тука од секогаш виреела природна енергија која ние ја познававме, а не беше податлива за секого. Покрај локалите како Аполон, кафичот Гол, Паладиум, ЗЗ Топ, Челик, МФ, КТК, 511 и Балила, Грув, Сити, ние жителите, дење шетавме низ домашни бавчи затскриени зад бетонските оградички на дворовите. Се уште постоеше пругата од старата железничка мрежа кој некогаш водела до Сарај. Нашите прошетки се протегаа до камените „ѕидини“ низ кои капеше вода.

Веројатно и од тука е името Капиштец. Таа вода се слеваше низ карпите на самото водњанско подножје и го чуваше калдрмениот пат, до црквичката, под вода. Тоа количество на вода ги објаснуваше бавчите и бујната вегетација, а пак постоењето на тие мистични мини шумички го потхрануваа верувањето во самовили. Самовилските шуми кај скривниците. Дури постоеше и џуџе кое го сметавме за вилењак. Неговата куќарка беше сместенa помеѓу две скривници, чии железни врати водеа во ридот и зборуваше на некој нејасен јазик, на кој ние мислевме дека ни бае додека се враќавме од училиштето „Кочо Рацин“.


Тоа е патот на убавата и се чинеше од секогаш напуштената вила „Кочо Рацин“. Половично проголтана од вегетацијата оваа куќа се уште беше со мебел, но искршен и претурен со сите домашни предмети и фотографии, оваа вила делуваше дека е именувана во подоцнежните години на нејзиното постоење. За тоа сведочеа и уште неколку други куќи, своевремено оружарници, кои гордо носеа мермерни табли со партизански обележја. Архитектурата на сите овие објекти беше налик на градскиот плоштад пред земјотресот. Таква е и, за среќа, се уште стоечката стара зграда на самото училиште, кај станицата за последна 50-ка.

Веројатно градени во српско време, тоа беше единственото Старо Скопје кое дури сега се доизруши. Локалите исчезнаа заедно со куќите и бавчите. Каналот стана улица, земјениот маалски БМХ полигон стана паркинг, дури и зградите станаа поголеми згради. Ама, нежно на моето десно уво се уште одѕвонува самовилскиот хор. Магијата на овој град, чувствата што тој ги вибрира, се невидливи каков што веќе е и самиот тој. Скопје живее низ меморијата на тие што го почувствувале. Има луѓе што само слушнале за Скопје, а им навираат солзи. Скопје е зандана на мемориите врежани во оваа длабока котлина, мајка на балканската езотерија.


Слики: W.H. Robinson - Shakespeare's Twelfth Night

ОкоБоли главаВицФото