Скопје под ударот на турбофолк гентрификацијата

24.12.2021 17:38
Скопје под ударот на турбофолк гентрификацијата

Пренесено од Дојче веле


Феноменот на гентрификација во северноамериканските и европските градови зема замав во 80-те години на минатиот век и преставува одличен пример за тоа како либералниот и глобален шпекулативен маркет го расчленува и разнебитува градот, правејќи од него тешко достапно место за живеење.Таквиот демографски и финансиски грч остава длабоки последици врз социјалното урбаното тло, пред сѐ во веќе постоечкото старо и препознатливо јадро на градот, кое постепено го губи идентитетот и генерира инклузивност и селективност на неговите жители.

Трендот на егзодус од западните градови во 60-те години (urban blight), се јавува како причина на развиената инфраструктура и голема искористеност на автомобилот, кој им овозможува преместување на жителите недалеку од градот, во периферните и резиденцијалните делови од субурбијата. Масовно се раселува белата средна класа бегајќи од проблемите на криминалот, имиграцијата, недостаток на школи и загадувањето (типичните американски куќички со двор и паркинг место, кои сме навикнати да ги гледаме).


Пионерски и инвестициски гентрификации

Атрактивноста на западните градови се враќа години подоцна кога се подобрува сигурноста и кога космополитизмот издејствува расна интеграција.
Центарот (CBD - Central Business Districkt) повторно е атрактивен за новонастанатите конгломерати пред се кај помладите генерации/номади (јапи и бобо) кои во потрага по подобра работа и животен стил ги менуваат своите навики и приоритети. Индустријата не е веќе во подем, а како развојни гранки се јавуваат финансискиот сектор, услугите и технологијата, чии главни седишта се сместени по метрополите. Во таква ситуација се зголемува побарувачката на станови, а паралелно на тоа растат цените на квадратот и кириите. Присуството e се повеќе хомогенизирано, па затоа сѐ поголем број на интелектуалци, уметници, хипстери… (пионерска гентрификација) се вселуваат во деградирани населби каде станбениот квадрат е поевтин, а околината е населена претежно од работничка класа која нуди некој вид на антиконформизам. Дотраените станови почнуваат да се реновираат и реставрираат, а со тоа да се реквалификуваат цели зони и квартови (Урбана рециклажа).

После една таква прераспределба, се јавуваат зачетоци на развој и по останатите локални сектори како комерцијалниот, угостителство, туризмот, трансортот, високата мода и уметноста. Старите жители неможејќи да го издржат таквиот економски притисок, или се иселуваат или го губат стекнатиот имот мачејќи се да го истрпат неодржливото темпо на прираст, оставајќи табула раза на пазарот на недвижности (инвеститорски гентрификации). Во таков контекст се градат и вметнуваат нови згради, хипермаркети, трговски центри, реквалификација на стари фабрики, хангари за текстил и модни ревии, уметнички галерии, сали за коворкинг… Градот се софистицира во некаков вид на фенси ексклузивитет, разубавен и збогатен со услуги од глобален карактер. Типични примери за горенаведената гентрификација се населбите Вилијамсбург во Бруклин, Шоредич во Лондон, Пигал во Париз, Кројцберг во Берлин, Изола во Милано, Тестачио во Рим...


„Top-down” или хипер гентрификација

За да разбереме што имаме заедничко со таквиот забревтан доцен капиталистички модел на развој, мораме подетално да ги анализираме феномените кои се појавуваат и по нашето Скопје. Се работи за сосема различна ситуација на поредок и пред сѐ различна урбана матрица. Македонскиот урбан зачеток има еднонасочен тек преку градските населби. Преселбата од село во град е веќе започната во социјализмот. Преку индустријализација се емигрираше кон блиските градски поставки кои се развиваа паралелно и самостојно. Во тој период градовите имаа перспектива и адекватно се надополнуваа по тогашниот систем на самоуправување.

Вториот бран на миграции се случува по осамостојувањето, во време на транзицијата, кога по инертниот колапс на останатите градови низ државата епицентар останува само главниот град. Новата густина се апсорбира по рабовите на неколку централни општини, создавајќи битни деформации, оштетувања на урбаните визури и разбиена компактност на градската заедница. Настанува триеж помеѓу новото и затекнатото граѓанство кое генерира различни приоритети (за едните е доволен само чинот на доселување, а за другите, затекнатите е многу побитен остатокот на јавниот простор и квалитетот на живеење, за третите само избилданиот профит од имотот на додатна вредност).


Градежниот пазар е без критериуми, скап и неквалитетен, и тешко ја надградува цената, затоа што средната класа и нема куповна моќ, а малиот процент на можни аквиренти, попрво би инвестирале во хациенди отколку во станови при висококатници или зградурини во центарот на градот, без базична инфраструктура и без јасни контури на развој.

Немајќи стандарди за квалитетен живот, искубено зеленило, изобилие на кич и загаден Вардар, на идниот простор не му преостанува ништо друго освен масовно да се хиперпродуцира и мутира во самиот себеси, создавајќи атипични законски и правни фавели. Турбо сегрегација, исфорсирана само со домување, каде целокупниот процес за функционирање на градот се тутка во затворени шопинг молови. Тоа како домино ефект создава гушење на локалната (постоечка) економија и ја разбива атрактивноста на долг период.

Не се добива никакво разубавување на градот, ниту специфичност а најмногу се губат психофизичките способности, здравјето и комшилукот (отуѓеност), битни социјални нишки во склоп на целината на населбите.


Во такво отсуство на град (Зона на самракот), затрупан во градби и озаконет градежен меур, каде политиката е отсутна и очајна, дел од граѓанството губи надеж и започнува контраегзодус, надвор од урбаните целини, кон селата и напуштениот лендскејп, во внатрешните и напуштени делови на државата. Типични зачетоци на агрегации се јавуваат по субруралните склопови како Соње, Леуново, Велестово и многу други. Тие предели, особено после епидемијата, стануваат единствен ексклузивитет, во кој ќе се одвива следниот период на рурбано населување. Не случајно некој веќе профитира и со населби околу просторот на езерото Треска.

Турбофолк гентрификацијата е миопија на нашиот така сфатен капитализам, шах/мат бизнис перцепција, без никаква компонента на правен, национален и современ консензус. Тоа јавно го пропагираше и еден поранешен висок функционер (менаџер за продажба на Брако улични комбиња), кој јавно форсираше инвестиции во недвижности како бенефит на долг период по примерот на метрополите како Белград и Софија. За жал, Скопје се споредува само со Тузла и Приштина. Кој нема капацитет да го спознае, тој има очигледен проблем со иднината.


Слики: Cinta Vidal

Слични содржини

Активизам / Јавни простори / Екологија
Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори / Став
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото