Глобалното затоплување ги намалува животните ширум светот

27.12.2021 01:43
Глобалното затоплување ги намалува животните ширум светот

Глобалното затоплување поставува нови услови на кои живиот свет се обидува забрзано да се прилагоди, а во таа трка некои животински видови ги менуваат големината и обликот на своето тело за подобро да се адаптираат на високите температури.

За разлика од луѓето кои можат да се потпрат на технологијата, остатокот од животинското царство единствено може да смета на природните механизми за прилагодување. Воочено е дека заради климатските промени многу животни мигрираат во постудени краишта или на повисока надморска височина, додека други се прилагодуваат така што го менуваат времето на важните настани како што е парењето. Меѓутоа, кај повеќе стотици видови утврден е интересен начин на адаптација кој подразбира промена на обликот и големината на телото.

Во потопли услови на птиците им расте клунот

Во опсежниот преглед на трудови објавен во научното списание Trends in Ecology and Evolution, тимот предводен од Сара Рајдинг ги идентификуваше видовите кои го менуваат обликот заради климатските промени. Авторите наведуваат дека овој образец е широко распространет во животинското царство.

Во еден од прегледаните трудови објаснето е дека на австралиските папагали им пораснал клунот и до 10 проценти од 1871 година до денес, при што зголемувањето било предвидливо врз основа на просечните летни температури и пред да бидат собрани примероците.

Промената на димензиите на телото кај птиците како начин на адаптација не е непозната појава. Во биологијата овој феномен е објаснет со Аленотвото правило кое предвидува дека во топли услови должината на истакнатите делови од телото, како што се клунот, опашката или ушите, се зголемува со цел полесно одвојување на телесната топлина. Заради климатското влијание зголемувањето на клунот е воочливо и кај други птици како што се северноамериканските јунко, зебите од Галапагос и дроздовите. Но сите птици не се во „добивка“ кога станува збор за големината, некои и се намалуваат.

Тим научници од Државниот универзитет Луизијана од САД проучувал примероци птици од дождовните шуми во Амазон, собрани во период од четири децении. Резултатите се објавени во научното списание Science Advences и покажуваат дека кај повеќето видови е забележано намалување на големината на телото, додека кај почувствителните видови е забележан пад во бројноста на популацијата. Биолозите веруваат дека сувата и потопла клима во нивниот случај директно довела до намалување на целото тело, за птиците да можат полесно да се изборат со регулацијата на телесната температура, но не исклучуваат и некои индиректни причини како што е послабата исхрана.

Во оваа студија се проучувани над 11 000 примероци на птици од 77 различни видови. Мерењата покажале дека птиците во периодот од 1979 до 2019 година изгубиле просечно од 0,1 до 0,2 проценти од тежината по декада. Од особено значење е тоа што ова е прво истражување кое ги проучува морфолошките промени кај птиците кои не се преселници, што на авторите им овозможило појасно да ја раздвојат улогата на климатските влијанија од останатите можни фактори.

Птиците не се единствените животни чија големина се менува

Јасно е дека морфолошките промени кај многу видови птици се доведуваат во врска со климатските промени. Меѓутоа, не доживуваат само птиците промени на својата големина. Научниците веруваат дека растот на просечната глобална температура влијае на големината на животните ширум светот.

Заради климатските промени се намалуваат дури и големите животни. Женките поларни мечки, покрај тоа што исчезнуваат, станале послаби и поситни. Во период од 30 години во просек изгубиле околу 65 килограми тежина и 5 сантиметри висина.

Дијапазонот на видовите погодени од овој тренд е огромен, на што укажуваат и доказите до кои дојдоа британските научници во 2012 година. Тим истражувачи од Универзитетот во Ливерпул и лондонскиот Универзитет Квин Мери, објави резултати од истражувања спроведени на повеќе од 150 видови животни кои живеат на копно и во вода, а кои покажуваат дека 90 проценти од нив достигнале зрелост со помала големина на телото кога температурите биле повисоки.

Морфолошките промени не ги погодуваат само топлокрвните животни. Во последниве неколку децении промени во големината се утврдени кај рибите, рептилите, водоземците и инсектите.

Почеток на Шестото големо изумирање

Стручњаците напоменуваат дека, иако се работи за промени од адаптивна природа кои би требало да заштитуваат и да го овозможат опстанокот, намалувањето би можело неповолно да влијае на видот. Губењето телесна тежина може да има негативен ефект на репродуктивноста или способноста на животното да се храни. Во тој случај морфолошките промени можат да влијаат на намалување на популацијата на некој вид или дури нејзино целосно изумирање, што верижно би можело да има последици по локалниот екосистем.

Научниците не се сосема согласни дали се воочливи само промените од фенотипски карактер, односно оние кои единката не ги пренесува на потомството или намалувањето кај некои видови е дел од природната селекција, а промената е запишана во гените. Тешко е да се каже од кратка временска дистанца, со оглед на тоа дека за еволутивните промени може да бидат неопходни илјадници и стотици илјадници години. Меѓутоа, за животинските видови на кои единствено еволуцијата им била излез од новите климатски околности, битката веројатно веќе е изгубена зашто темпото на глобалното затоплување е многу побрзо од нивната способност да се променат.

Опасноста од изумирање на видовите се зголемува доколку животната средина наметнува нови услови за кои животните немаат адекватен адаптивен одговор. Изумирањето на видовите е природно на планетата, но постои темпо за кое се смета дека не го нарушува природниот баланс. Во научната заедница владее загриженост дека моќта на климатските промени би довела многу видови на раб на опстанок. Моменталната брзина на исчезнување на видовите наликува на почетоците на големите изумирања заради што некои научници сметаат дека сме на прагот на шестото големо изумирање. Претходните пет изумирања кои ги памети нашата планета биле поврзани со забрзани промени на климата и животната средина, а се проценува дека во тие настани исчезнале 75-95 проценти од видовите кои живееле тогаш.

Човекот со неконтролираното ловење и уништувањето на природните живеалишта само директно придонесе за исчезнување на многу животни, а климатските промени кои ги предизвика овој тренд би можеле да го доведат на ниво на големи масовни изумирања. Морфолошките промени кај животните кои ги забележуваат научниците можат да се интерпретираат како предупредување кое доаѓа од видовите кои имаат потешкотии со глобалното затоплување и за чиј опстанок е неопходна човечка активност, спротивно од она кое доведе до вакво сценарио.

Превод: Алек Кузмановски

Насловна слика: Mihael Milunovic

Извор: https://klima101.rs/