Приспивна

27.12.2021 11:35

Тој станува доцна
и сѐ уште спие
додека пие
кафе.
Ги трие
очите
како дете
додека оди по улиците.
И додека работи
се проѕева.
Кожата му е бела,
а белката во очите – розова
и сонува како полека потонува.
Гледа перници
во секој гулаб што прелетува
и се сеќава на својот кревет.
Се сеќава како утрово
безмилосно го напушти
и не му кажа дали повторно ќе се врати.
Во тишина ги затвори зад себе
големите врати
и го остави во неред.
Нема да сфати.
Тој ќе плати
со несоница,
со зора
и чаршафите ќе горат.
Ќе мора
да се буди рано,
кога студи,
кога е темно,
кога сѐ е земно,
кога ништо не е свето,
тој спие,
сонува лето,
тој спие,
сонува,
тој спие,
го прогонувам.
Спие додека се враќа назад,
спие додека стапалата газат,
спие додека го мразат,
спие додека градските комарци го лазат.
Сонува да си легне,
да избега,
сонува дека спие,
а спие само за да може да сонува.
Карпата во него
веќе оддамна се одронува.
Ноќе,
тој прозборува
и додека зазорува
вели дека е уморен.
И будно го чека
новиот ден.

од 'Двоумење' за Рацин

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото