Најновите книги на Малиот новогодишен саем на Темплум

27.12.2021 13:34
Најновите книги на Малиот новогодишен саем на Темплум

Денес напладне започнува Малиот новогодишен саем на книги на Темплум. Саемчето ќе се одржи од 27 до 30 декември (од понеделник до четврток) во книжарницата „Гладно срце“ во Скопје, од 12 до 20 часот.

Во рамките на малиот саем во тие четири дена, на две локации, ќе се одржат седум промоции на книги, и две доделувања на награди: „Новите!“ за најдобар дебитантски ракопис, и „Лифт“, годишната награда за стрип. Доделувањето на тие две награди ќе се случи во културниот простор Центар-Јадро во вторник (28.12.21.) во 20 часот.

На саемот Темплум ќе ги претстави своите најнови изданија во 2021.

Досегашните Темплум саеми

ТЕОРИЈА едиција 20/21 ВЕК

„Зборник Попреченост: Текстови за инвалидните тела“

Уредник: Никола Гелевски
Преведувачи: Александар Кузмановски, Александра Бубевска, Никола Гелевски

Во книгава пренесуваме пет влијателни есеи од областа на „студиите за попреченост“ и, во вториот дел, дваесетина кратки есеи за телото. Овој мал зборник за попреченоста, прв од ваков тип на македонски, сака да биде ем интелектуален резервоар на клучните идеи за попреченоста, ем поттик за развој на активизмот на луѓето со попреченост кај нас. На активизмот многу често му се потребни рефлексии и промислувања, за да фати чекор со поширокото опкружување, но и за подобро да се разбере самиот себе.

Со книгава настојуваме да го поттикнеме знаењето за попреченоста кај нас, сметајќи дека интелектуалното знаење за попреченоста пред се' ќе им овозможи подобро место во општеството на луѓето со попреченост, но и кај поширота заедница (академската, на пример) ќе го приближи знаењето за попреченоста, со што ќе се поттикнат емпатијата, солидарноста и вклученоста во општеството.

 

„Животот на животните“ од Џ. М. Куци

Преведувачка: Фросина Крушкаровска

Помислата на човековата суровост кон животните толку ја обзема романописателката Елизабет Костело што таа веќе не може да поднесе да ги гледа луѓето в очи: луѓето, особено оние што јадат месо, ѝ изгледаат како конспиратори во злосторство од вчудовидувачки размери, кое се случува на фармите и во кланиците, во фабриките и во лабораториите низ светот. Костело се соочува со разни сочувствителни и скептични реакции во однос на прашањата за правата на животните, допирајќи широки филозофски, антрополошки и религиски перспективи.

Оваа книга се состои од две предавања што нобеловецот Џ. М. Куци ги одржал во рамки на престижните Танерови предавања. Куци вешто конструира метафикционален текст кој се развива на рабовите на академската филозофска расправа и фикционалната книжевност, за да претстави силно потресна дискусија за правата на животните во сета нивна комплексност. Книжевноста, филозофијата, перформансот и длабоките човекови убедувања – Куци ги внесува во игра сите овие елементи.

 

ПРОЗА едиција „КАТАПУЛТ“

„Разнишан свет“ од Ирена Јурчева

Расказите во книгава започнуваат со секојдневието на скопскиот плоштад а завршуваат во неименуван град во угнетувачко дистописко општество. Ова не се класични дистописки раскази, туку се доминантно психолошки, испреплетени со внатрешни борби на ликовите. Ликовите, на прагот на едно ново време, фрлени во студенилото на постоењето и турнати во неправди, поставени се пред изборот да ги прекршат наметнатите норми. Тие се соочуваат со потребата од откривање и испитување на божјата димензија и на човечкото во себеси. Полни со симболи и со алузии, на работ помеѓу сонот и јавето, расказиве навлегуваат во чудесното и фантастичното.

„Ходник кон амнезија“ од Александра Нашевска

„Ходник кон амнезија“, вториот роман на Александра Нашевска, засега во темите за идентитетот и механизмите на сеќавањето. Преку возбудлива приказна врзана за личната трагедија на протагонистот и низ преплетот на реалноста и илузиите, авторката ја испрашува можноста за откривање на вистината во опресивно, шизофрено општество.


ГРАФИЧКИ РОМАНИ едиција „ЛИФТ“

„Забранетиот плод“ од Лив Стромквист

Преведувачка: Родна Русковска

„Забранетиот плод“ е многу информативен и урнебесно забавен графички роман од шведската авторка Лив Стромквист, кој ја истражува историската, културолошка и општествена конструкцијата на женскиот полов орган. Читајќи го, многу ќе научите, но и добро ќе се забавувате.

Во раздвижениот мозаик во кој се појавуваат старите Грци, жените од камената доба, Зигмунд Фројд, претприемачи збогатени од продажба на корнфлекс, Трнорушка, хиндуистички божици, Стиг Ларсон и учебници по биологија, Стромквист се обидува да ја состави сликата на тој орган кој сликарот Гистав Курбе го нарече „зачеток на светот“.

„Лагата и како ја раскажавме“ од Томи Периш

Преведувачка: Ивана Галапчева

Старо пријателство се разнишува и се распаѓа по една случајна средба. Дејството го прекинува и необичната приказна во еден пронајден ракопис.

Томи Периш е австралиски/а автор(к)а, со дистинктивен цртачки стил. Преку рачно насликаните разнобојни панели, Периш комуницира интензивни емоции, внимателно истражувајќи ги темите на квир копнежот, машкоста , стравот и вечно променливата состојба на пријателствата.


ПОЕЗИЈА

Едиција „Во 5 кај вртелешките“

„Девет преобразби во чудната шума“ од Пандалф Вулкански

Поезија за деца и возрасни, придружена со илустрации од јапонскиот уметник Такео Такеи.

„Иако Девет преобразби… можеби првенствено е книга за деца, по читањето и возрасниот читател е зачуден пред светот во кој се наоѓа. Но, добрите книги, како оваа, отвораат работа: она што сте мислеле дека го знаете ќе треба да го тргнете настрана, и одново да тргнете во приспитување на постојното.“ – вели за книгата Николина Андова Шопова. „Книгава е ретка ѕверка во нашата книжевност. Ѕверка на која пред ваши очи ѝ растат нокти и ѝ никнат безброј глави, а следниот миг се преобразува во питомо и игриво милениче“,

Песните се поделени во девет сегменти, на околу 130 страници: Небесни и вселенски, Женски и чудесни, Доблесни и теренски, Тонска и тектонска, Неизвесни и интересни, Потсвесни и сценски, Хигиенски и стресни, Пресни и (суво)месни и Лаконски и и(с)конски.

Животните се доминантно присутни како ликови – како живеачи, коментатори, имитатори… Тие речиси без исклучок влегуваат во жестоки кофликти едни со други, но не во војна туку во страствен обид да се разберат едни со други, во силен копнеж да се согласат.

едиција „300 ВЕТРИЛА“

„Дивата перуника“ од Луиз Глик

Преведувачка: Магдалена Хорват

„Дивата перуника“ е впечатлива и нежна збирка песни кои се движат низ природните, човечките и духовните сфери. Песните се обединети со универзалните теми на времето и смртноста и низ нив Глик со јаснотија и вештина го испрашува, го истражува и, конечно, го слави животот. Оваа збирка во 1993 на Луиз Глик ѝ ја донела Пулицеровата награда за поезија. За нејзиниот „препознатлив поетски глас којшто низ едноставна убавина го претвора индивидуалното во универзално“ Луиз Глик ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2020.

КНИЖЕВНОСТ ЗА ДЕЦА

едиција „ВО 5 КАЈ ВРТЕЛЕШКИТЕ“

Сонот на моливот со жолто срце од Владимир Шопов, илустрирано од Татјана Миљовска

Иако напишани пред дваесетина, па дури и триесетина години, детските песни на Владимир шопов звучат современо и севремено, за сечија возраст, пред се’ зашто дијалогот меѓу поетот и светот е отворен и продолжува во места кои и денес се дел од нашата имагинација.

Детската поезија на Владимир Шопов во оваа пеотска книга е испреплеттена со песни кои извираат од сеќавањата за неговото детсто во Буњаковец и Дебар Маало во педесеттите години од изминатиот вен како и од неговото искуство како татко во осумдесеттите и деведесеттите години

Книгава е создадена од два деча, две книги: едната, „Креда“, е објавена во 1983, а втората, „Горикола“, за првпат се објаува овде. Застапени се вкупно 67 песни пделени во седум циклуси.

Цртежите во книгата се дело на Татјана Миљовска.

 

едиција „ДРУГА ПРИКАЗНА“

„Мачорот и ѓаволот“ од Џејмс Џојс

Џејмс Џојс баснава ја напишал во 1936 година како писмо до неговиот внук, Стивен Џојс - Стиви. Басната ја раскажува магичната изградба, за една ноќ, на мост преку реката Лоара во градот Божонси.

Секој што и денес се сомнева во приказнава слободно може да се прошета или да се повози со велосипед преку стариов мост во Божонси.

„Шапката“ од Томи Унгерер

„Шапката“, сликовницата на францускиот уметник и писател Томи Унгерер, првично се појавила во 1970 година. Тоа е приказна за сиромашниот воен ветеран Бенито Бадољо кој ненадејно станува богат откако случајно ќе добие волшебна шапка. Книгава содржи низа живописни и духовити слики и случки и претставува вистински класик во книжевноста за деца. 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото