1015 hPa
59 %

16 °C
Скопје - Нед, 20.04.2025 08:59
“A cold coming we had of it,
Just the worst time of the year
For a journey, and such a long journey:
The ways deep and the weather sharp,
The very dead of winter.”
T.S Elliot „Journey of the Magi“
Во студен миг тргнавме
Баш најлошото време
За пат долг, толку долг
Патеките нерамни, а ветрот лут
Насреде зимата.
Т.С. Елиот „Патот на мудреците“
Зарем тоа е Божиќ?
Така почнува првата строфа од песната на Елиот за замисленото патување на мудреците додека следеле ѕвезда која ќе ги доведе до јаслите во Витлеем, родното место на Исус. Содржината целосно отскокнува од вообичаените божиќни теми. Напротив, некои се речиси скандалозни; камиларите пцујат и се коцкаат, а жедни се за ракија и гладни се за жени. Општо земено, Елиот ги замислува дека воглавном патот им бил мачен. Дури ни пристигнувањето до определената цел и сведоштвото на раѓањето нема ни трошка сентименталност толку поврзана со Божиќ. Раѓањето е веднаш засенето со темата на смртта. За онаа за која на протагонистот мудрец би му било драго. Каква траорна слика за период кој е секогаш поврзан со среќа, со хармонија, со семејна идила и со најубави желби! Како поетот да сака да ни каже дека подобро воопшто да не се тргнувало на овој пат. Ако оваа и слични на неа литературни форми се толку противречни на „духот“ на Божиќ за кој Дикенс пишува, некои делови на Библијата се уште пожестоки. Да го земеме за пример првото убиство, кое е воедно и братоубиство. Каин го убива Авел; така од чиста завист.
Така сето ова изгледа на површината. Има ли нешто повеќе под неа? Според Ели Визел не само што има, туку сето тоа оди до несогледливи длабочини. Според Визел приказната за Каин и Авел е пред сѐ приказна за одговорност. Според моето толкување на песната на Елиот, главната тема е одговорноста правилно разбрана. Во случајот на вознемирувачки реалистичниот приказ на едно патување во древниот свет, мудрецот во своето сеќавање вели дека повторноак би тргнал на него. Затоа што на крајното одредиште го видел раѓањето кое ја претскажало смртта на новороденчето, но воедно и смртта на мудреците. Но ова не е смрт која води во смрт, туку смрт која води во живот; во радикално нов почеток.
Против рамнодушноста
Ели Визел не само што е посветен на новите почетоци во своите книги, туку дури и по ужасите кои ги преживеал во конц-логорите е пример од стварниот живот за тоа. Неговата славна изјава за „рамнодушноста“ го вклучува и следното, „спротивното на животот не е смртта, туку рамнодушноста“. Оттаму и неговата непоколеблива желба за нов почеток во животот. Толкувањето на приказната за Каин и Авел како поука за одговорноста не завршува со Божјата казна врз Каин за убиството на брата си Авел. По оваа незамисливо страшна сцена за родителите Адам и Ева, читаме дека на Адам „... му се роди син според подобието негово и според образот негов, и му даде име Сит.“ Во ова родословие ги нема Каин и Авел. Според библиската генеалогија човештвото сме потомокци на Сит, а не на убиецот Каин. Ова кажува нешто многу важно за Адам и за Ева, примордијалната двојка. Нивната идилична состојба во едемската градина е трагично нарушена со падот во грев, а е уште повеќе загорчена со подмолното братоубиство со умисла на нивниот син првенец. Состојбата им е очајна. Сеедно, еден важен сегмент од образот Божјиот образ во нив останал. Тие не се останати без надеж. Почнуваат од почеток и зачнуваат син кој пак, ќе биде на нивен образ, а со тоа и на Божјиот образ. Ова е приказна за восхитувачка смелост. Смртта нема да го дефинира животот кој е дар од Бога. Дури и смртни после падот во грев, тие се надеваат дека Источникот на животот нештата ќе ги уреди според Неговата добра промисла, за живот, а не за смрт.
Светот ја испраќа 2021 со чувство на беспомошност, со очај, но најжално од сѐ и со рамнодушност. Довербата во институциите е речиси непостоечка, на социјалните медиуми, па дури и во конвенционалните медиуми се шират теории на заговор, а политичката левица никогаш не била подалеку од политичката десница. Како што никогаш досега овие две крајности не биле во толкав жесток конфликт на борба гради во гради. Општо земено, борбата за тоа како треба да изгледа светот се сведува на паролата „Аако ние не можеме да го имаме светот тогаш толку полошо за светот“. Воглавном која и да е од страните на протагонистите во оваа војна не може да замисли свет на мир и на благосостојба додека оние другите се сѐ уште во него и значат за некаков фактор.
Сепак, не е крај на светот
Библијата се разбира има порака и за крајот на светот. Но тоа е во рацете на Бог и на таа тема речиси севкупниот јазик е алегоричен и метафоричен. Кога станува збор за животот, оној секојдневниот, животот тука и сега содржината на утеха е практично сеприсутна. За пример ќе ги земеме стихот во книгата на пророкот Исаија 43:1, „Не плаши се, зашто Јас те откупив, по име те повикав; ти си Мој“. Во Еевангелието според Лука 2:10-11 ангелот им вели на преплашените овчари, „Не плашете се! Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.“ Точно 365 пати изразот „не плаши/ете се“ е запишан во Библијата. За секој ден во редовна година. Не ова не е вродениот страв кој нѐ чува безбедни од опасност или пак, чувството на стравопочит и на восхит. Станува збор за страв кој нѐ поразува и нѐ заробува. Ни ја одзема секоја желба за осмислен живот и не ни дава да се надеваме или да помислиме на нов почеток. Но пораката на Библијата за стравот е пред сѐ „не плаши се“. Стремежите на оние кои што се поистоветуваат со оваа порака треба да се поттикнати од непоколеблива надеж. Заложбите треба да се за поубав, подобар и поправеден свет тука и сега. Главните постулати за придобивките во современиот свет дефинирани во општата декларација за човекови права се темелат на овие уверувања. Од овој извор се напојувал Франклин Д. Рузвелт кога пишувал за четирите основни човекови слободи, „слободата на говор, слободата на верување, слободата од немаштија и слободата од страв.“ Овие слободи имаат смисла само ако се сеопшти и важат секогаш, секаде и за сите. Во ниту еден миг оваа вселенска максима не смее да биде занемарена во име на некаква желба да се доминира светот и нештата да се уредат само според определена замисла и според определени уверувања. Во спротивно, ќе ја изневериме љубовта која според Данте „ги движи сонцето и другите ѕвезди“.
Сѐ ќе биде добро
Навистина „сѐ ќе биде добро“. Ако оваа изјава се смета за непоправливо наивна, треба да се знае дека нејзиниот автор Џулијан од Норвич е сѐ само не наивна. Кога ги напишала овие зборови, таа била тешко болна и многу страдала. Изгледало дека е на смртна постела. Со ова на ум целата реченица е со уште посилен впечаток, „Сѐ ќе биде добро, сите ќе бидат добро, а и сите создадени нешта ќе бидат добро.“ Полиматски образованиот и голем ерудит, писателот Михаил Булгаков несомнено бил свесен дека ја парафразира Џулијан кога во устата на Воланд ја става изјавата, „Нна крајот сѐ ќе биде во ред, светот е врз ова создаден“. И тој како и Џулијан бил на смртна постела за време на најголемиот терор на Сталин кога ѝ ги диктирал овие зборови на својата сопруга. Неговата изјава исто така не може да се смета за наивна. Она што им било јасно на Булгаков, на Џулијан, на Ели Визел и на Т.С. Елиот е следниот факт, според Библијата иднината е секогаш многу поголема и повозвишена од минатото.
Надеж, а не оптимизам
Важно е ваквата надеж да се разликува од феноменот на оптимизам или пак, на еден од видовите на стоицизам. Од помош е да се биде оптимист, но во определен степен тој станува контрапродуктивен. Исто е и со стоицизмот. Епиктет сметал дека не е пресудно што му случува некому, туку каков е одговорот на тоа искуство. Прибраноста и воздржувањето при нашите дејства ја прават личноста слободна. Но тоа не е исто со библискиот истовремено крајно реалистичен и крајно оптимистичен поглед на светот. Дека сѐ ќе биде во ред е кажано во мигови на страшни лични околности. Покрај оние веќе наведени, да го споменеме Павле. Тој набројува бројни начини на кои искусил мака, како што се тешкотии, скрб, прогонства, глад, голотија, опасност, меч и смрт. На сето ова Павле не одговара со наивен оптимизам ниту пак, со стоички фатализам. Павле, кој опширно пишува за значењето и за последиците на Христовото раѓање, има крајно отрезнувачки поглед на ситуацијата во светот, согледува колку е тешка за сигурно да изјави дека Бог ќе направи сѐ да биде во ред. По којзнае колку маки и разочарувања, Павле секогаш е подготвен за нови почетоци.
Раѓање од горе
Исус ова го има на ум во разговорот со Никодим. Во Еевангелието според Јован на еден од политичките и религиозни водачи во Јудеја, Исус му вели дека мора да се роди од горе/озгора што во суштина значи повторно да се роди, да има нов почеток. Никодим е претставник на елитата, самиот е човек со значителен интегритет, но пораката на Исус до него е неумоливо егалитаријанистичка. Од општествена гледна точка се однесува на угледните религиозни великодостојници како и на презрените ништожзници. Сите сме повикани на нови почетоци. Ова е темелот на евангелието. Добрата вест за доаѓањето на Спасителот, Помазаникот, Словото и Светлината на сСветот, единствената една личност во две природи, човечка и божествена, Божјиот Син Исус Христос – меѓу нас како бебе - никогаш не застарува. Таа е нова секој Божиќ. Светот е повторно усогласен со својата судбина. Човештвото, живите созданија и сите честички на вселената одекнуваат со Божјата благонаклонетост преку Отелотворувањето.
Пак на тој пат
Низ оваа призма песната за патот на мудреците на Т.С. Елиот блеснува со надеж и со подготвеност за секој нов почеток. Оние кои што ја разбрале оваа поента на Библијата со несмален елан храбро се одважиле да почнат нешто ново. Врз рамењата на тие џинови стоиме ние во дваесет и првиот век и ги уживаме нивните придобивки.
На вакви нови почетоци се надевам и во Македонија. Нека Да се одважиме и ние и да си посакаме таква Нова 2022 година. Пораката за нов почеток и за нова надеж треба да ја обликува нашата желба дека на патот на кој сме сведоци на многу пцости, на ниски страсти, на непријателски погледи и на негостољубивост, на потсмев и на човечка злоба, ние можеме ја следиме ѕвездата која ќе нѐ одведе до местото и до настанот кој е нов почеток над сите нови почетоци. Само така сигурниот крај на секој од нас – смртта, нема да ни ги дефинира и да ни ги ограничи вродените желби светот да го оставиме како поубаво место од тоа какво сме го нашле. На една таква Македонија се надевам и заедно со мудрецот во песната на Т.С. Елиот, на тој пат би пошол пак ... и пак.
Слики: Nancy Ekholm Burkert