Слепи и глуви тајни

31.12.2021 17:42

Кога главата е полна, таа е полна и кога лежи на перница од пердуви и на перница од сено. Полна е со приказни, клетви, молитви, рецепти, случајно и неслучајно слушнати разговори, симпатии, телефонски броеви, спокои и неспокои, слики и датуми, датуми, датуми... Датумите никогаш не запираат: старите и новите водат војна кој од нив ќе биде позапомнет, позначаен, пожив. Да си датум што живее во нечија глава не е баш лесно, без разлика дали главата лежи на перница од молњи или на перница од тишини. Секогаш мораш да бидеш спремен да го изговорат твоето име, или, во најлош случај, да те заборават. Што прави еден заборавен датум? Се колеба. Заборава кој е, што е и од каде потекнува. Знае дека е значаен, инаку не би бил тука, но не знае зошто е значаен и чмае во нечија глава како сенка без човек. Никако не е, без разлика дали неговата матична глава лежи на перница од мугри или на перница од самраци. Но ете, доаѓа денот кога датумот ќе си рече: Па, не може само една глава да ме помни, датумите се заедничка сопственост, никој нема датум само за себе. Некој мора да ме помни! Некоја мора да ме помни! Некое мора да ме помни! – вреснува, паѓа на коленици и почнува да липа во некое пренатрупано мемориско ќоше, во некоја уште попренатрупана глава, легната на перница од слепи и глуви тајни.

Владимир Лукаш, Фејсбук, 20.12.21.

 

ОкоБоли главаВицФото