Модната индустрија и климатските промени

03.01.2022 01:10
Модната индустрија и климатските промени

Денес купуваме облека повеќе од кога било претходно, ја носиме пократко време и создаваме огромни купишта текстилен отпад, кој во голем дел завршува на депонии и се пали ослободувајќи токсични материи и гасови со ефект на стаклена градина. Секоја година се произведуваат неверојатни 100 милијарди парчиња облека, по 14 парчиња облека за секој човек на планетата. Модната индустрија стана синоним за прекумерна потрошувачка, но и неконтролирано производство на отпад, загадување на животната средина и експлоатација на работниците.

Проблемите на модната индустрија се бројни, па затоа во јавноста ретко се доаѓа до темата за нејзиното влијание на климатските промени.

Синтетиката прва во низата проблеми

Влијанието на модната индустрија на животната средина започнува од првата алка во ланецот на снабдување. За да произведе што поевтин текстил индустријата сè повеќе се потпира на синтетичките влакна, првенствено на полиестерот. Овој полимер, кој се користи и за производство на пластична амбалажа, главно се добива како продукт од нафта и претставува речиси половина од уделот на влакната во текстилната индустрија. Доколку продолжи сегашниот тренд за употреба на синтетички влакна, проценето е дека за помалку од една деценија три четвртини од текстилот ќе се произведува од фосилни горива. Полиестерот депониран во природата се распаѓа и создава микропластични честички кои не се биоразградливи и кои продолжуваат да кружат во природата, па можат да се најдат дури и во живи организми.

Ни производството на памук не претставува помала опасност за природата, зашто неговата преработка подразбира големи количини отпадни води, а со моменталното темпо на производство тој нема да биде сигурна поткрепа за потребите на модната индустрија.

Откако почетните сировини со значајна потрошувачка на енергија најпосле ќе се претворат во текстилен материјал, почнува нивниот транспорт, кој често подразбира крстосувачко патување на различни континенти. Чест случај е сировите материјали да бидат транспортирани низ светот од фабрики кои склопуваат делови до фабрики кои го финализираат производот, па тогаш уште еднаш до бутиците каде ќе се продаваат.

Ако не стигне до купувачот во одреден рок, артиклот го продолжува транспортниот ланец до некое ново одредиште. Поголемиот дел од облеката својот животен век ќе го заврши или на депонија или ќе биде изгорена. Од вкупно 48 милиони тони облека произведени во 2015 година, крајна дестинација за повеќе од 70 проценти, или 35 милиони тони облека, ќе биде или некоја депонија или некоја печка, при што 70 проценти од тоа се депонирани, а преостанатите 30 проценти запалени. Секоја секунда приближно еден камион облека се исфрла на депонии ширум светот. Поголем дел од овој отпад постепено ќе скапува следните стотина години, ослободувајќи микровлакна и токсични хемикалии во тлото и подземните води, како и метан во атмосферата.

Рециклирањето не може да го реши проблемот

Според проценките, модната индустрија учествува со околу 8 до 10 проценти од вкупните емисии на гасови со ефект на стаклена градина, и околу 20 проценти од отпадните води. Влијанието на модната индустрија на животната средина е поголемо од авионскиот и поморскиот сообраќај заедно, но регулативи кои би имале цел да ги намалат негативните ефекти речиси и да не постојат. Неопходни се брзи решенија заради предвидениот тренд на раст на модната индустрија од над 20 проценти на годишно ниво.

Некои модни компании како што е Ејч Енд Ем (H&M) веќе се обидоа да го намалат влијанието врз животната средина со откуп на стара гардероба, но се покажа дека рециклирањето не може да го реши проблемот на брзата мода, ниту да го заузда експоненцијалниот раст на употребата на синтетички влакна.

Во моментов се рециклира помалку од 1 процент стара облека за да се произведе нова, 13 проценти се префрлаат во други материјали, додека материјалот за рециклиран полиестер главно доаѓа од пластични шишиња. Со тоа пластиката само се пренесува од рециклажниот циклус и се доведува на чекор до депониите. Облеката која не се депонира се пали. Бидејќи количината облека која станува отпад константно се зголемува, а нејзиното откупување опаѓа, во некои посиромашни рурални средини забележано е дека луѓето користат пакети половна облека како гориво за огрев, што го доведува процесот на палење на облеката во населени области што дополнително може да има последици по здравјето на жителите.

Неопходно е итно да се пронајдат ефикасни решенија за да се реорганизира модната индустрија и да се постави на производствен колосек кој би бил поодржлив и поповолен за животната средина и климатските промени. Од модните брендови се очекува да станат одговорни за она што се случува во нивните снабдувачки ланци и да преземат целосна одговорност за она што се случува со нивната облека на крајот од овој ланец.

Позитивни примери на работење

Некои компании самоиницијативно ги преземаа првите чекори и го реформираа своето работење.

На пример, брендот за женска облека House of Baukjen доби награда од ОН за својот циркуларен деловен модел. Нивната модна куќа постигна јаглеродна неутралност во целиот свој снабдувачки ланец, процесите на производство и логистика. Еден од методите за ваквиот успех е што своите материјали ги набавуваат од етички добавувачи, главно одлучувајќи се за природни влакна кои се обновливи и од рециклиран материјал.

Примерот на бавна мода како вид работење го примени Патагонија која со негативната маркетиншка кампања „Не ја купувај оваа јакна“ апелираше до своите клиенти двапати да размислат пред купувањето и да се определат за нешта кои би им траеле. Компанијата оствари раст на приходите продолжувајќи да произведува облека која трае. За време на Црниот петок во 2016 година преку продажба остварија 10 милиони долари, а сиот приход го донираа во борбата против климатските промени.

Заедно со брендовите Deciem, Freitag и Allbirds последниве години редовно го бојкотираат овој ден со кој се поттикнува масовното купување.

И Обединетите нации зборуваат за модата

Позитивни сигнали стигнуваат од последната Меѓународна конференција за климатски промени одржана годинава во Глазгов (ЦОП26), на која меѓу претставниците на големите компании беа присутни и познати модни куќи, како и невладини иницијативи кои се борат за регулација на модната индустрија.

На ЦОП26 некои од најпознатите светски брендови како што се Stella McCartney и Burberry ги претставија своите визии за поетичка и поодржлива модна индустрија.

Модните компании се свесни за проблемот и своето влијание, што е прв и најважен чекор во решавањето на проблемот.

Меѓу првите конкретни чекори е потпишувањето на повелбата на ОН за климатска акција на модната индустрија, која ја потпишаа стотина компании - меѓу кои се Гучи, Ејч Енд Ем и Зара. Повелбата поставува научно засновани цели во склад со Парискиот договор, но не постои обврска, ниту законски мандат брендовите да се повикуваат на одговорност. Притоа, некои големи модни куќи сè уште не ја потпишале повелбата.

Одлучувачката улога на законодавството

Многу водечки личности од индустријата се сложуваат дека е потребно законодавство за модните брендови да дејствуваат одлучно и да имаат некаков придонес во борбата против климатските промени.

Меѓутоа, една таква иницијатива неодамна падна во вода, кога во 2019 година владата на Обединетото Кралство ги отфрли сите предлози за забрана на палење или исфрлање на непродадените залихи кои можат повторно да се користат или рециклираат.

После ЦОП26, нова надеж доаѓа од Европската комисија која најави дека годинава ќе ја објави целокупната стратегија на ЕУ за текстилните производи. Оваа стратегија претставува можност да се намали негативното влијание на светската мода. За ефикасни промени е неопходно раздвојување на модната индустрија од фосилните горива и обезбедување индустријата да се трансформира во одговорно производство засновано на употреба на одржливи влака и преминување кон производство на облека која би имала подолг век на траење и повеќе можности за рециклирање.

Доколку се донесе ваков закон и доколку владите ширум светот го следат овој пример, текстилниот сектор би можел да биде принуден да се насочи кон побавно производство кое потполно би ги променило и навиките на потрошувачите, а тоа би имало позитивни ефекти на климатските промени и животната средина.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Mihael Milutinovic

Извор: https://klima101.rs/

 

ОкоБоли главаВицФото